Можност да се искажат македонските ставови за безбедноста - учество на 49. Конференција за безбедност во Минхен
Петок, 01 Февруари 2013   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, од денеска престојува во Минхен, Сојузна Република Германија каде што учествува на 49. Конференција за безбедност. Минхенската конференција е најеминентен форум за прашања од областа на безбедноста и тука секогаш се отвораат темите кои се и во наш интерес, затоа што тоа се предизвиции за регионот, но и за глобалната состојба. Учествувајќи на вакви форуми секогаш укажувам на тоа за што се залагаме ние, бидејќи имаме активно учество со 18 ротации во мисијата ИСАФ во Авганистан, секаде каде што сме повикани учествуваме во мировни мисии и придонесуваме за стабилноста во нашиот регион. Ова го нагласи претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска по отворањето на 49. Минхенска безбедносна конференција.

На маргините на 49. Конференција за безбедност во Минхен, претседателот Иванов оствари билатерална средба со шефот на дипломатијата на Кралството Шведска Карл Билд. Централна тема на разговорите беше интегративниот процес на Македонија во ЕУ за сето она што не очекува во тој процес за шведските искуства и се она што може да ни помогне во таа насока. Притоа, претседателот Иванов го нагласи значењето на почетокот на претпристапните преговори со ЕУ. Жалам што во декември не го добивме она што го заслуживме. Да го добиевме датумот, денес работите на внатрешен план ќе беа поинакви, истакна македонскиот претседател. Соговорниците се согласиja дека е неопходно дијалогот да се води во демократските институции, ја потенцираa неопходноста за поголема свест и одговорност на сите општествени политички фактори за стратешката цел и интерес на граѓаните на државата. Министерот Билд потенцира дека реалната перспектива што Македонија ја има во однос на добивање датум не треба да биде доведена во прашање и загрозена од внатрешни причини. Тој ги поздрави напорите на претседателот Иванов во насока на надминување на политичките состојби во Република Македонија. На средбата е разговарано и за актуелностите во процесот за надминување на разликата околу името што се води во ОН.

Претседателот Иванов на маргините на 49. Конференција за безбедност во Минхен, оствари средба со претседателот на Република Хрватска, Иво Јосиповиќ. На средбата се констатираа одличните односи и соработка меѓу двете земји. Двајцата претседатели ја потврдија натамошната меѓусебна соработка и взаемна поддршка на Македонија и Хрватска. Соговорниците разменија мислења и информации за актуелните состојби во двете земји, како и за регионалните состојби.

Претседателот Иванов утре ќе се обрати на Минхенската безбедносна конференција на сесијата со која ќе претседава Марти Ахтисари, добитник на Нобеловата награда за мир и поранешен претседател на Република Финска, а ќе говори на тема „Безбедност и стабилност во Југоисточна Европа и Кавказот“. На 49. Конференција во Минхен учествуваат 350 шефови на држави и влади, министри, експерти и други високи функционери од над 70 држави.

  Back<<Назад