Проштална средба со Клер Биргин, амбасадор на Австралија
Понеделник, 17 Мај 2010   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов денес ја прими Клер Биргин нерезидентен Амбасадор на Комонвелтот Австралија. На срдечната средба Претседателот Иванов и се заблагодараи на Н.Е. Биргин за нејзиниот придонес кон градењето на блиски и пријателски односи меѓу двете земји. Претседателот Иванов оцени дека големата и бројна македонска заедница која живее и е интегрирана во Австралија е голема предност за развивањето на односи и за продлабочувањето на пријателството. Претседателот воедно оцени дека одлука на Австралија да пристапи кон употреба на уставното име на Република Македонија во билатералните односи дополнително би ги зацврснала односите на двете земји.
На средбата, од двете страни беше истакнато задоволството од интензивните средби и контакти, имено посетата на Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски на Австралија, и посетата на Спикерот на Претставничкиот Дом на Парламентот на Австралија Хари Џенкинс на Македонија. Како следен чекор во развојот на односите на двете земји, Претседателот Иванов изрази надеж дека ќе дојде до отворање на амбасада на Комонвелтот Австралија во Македонија.

  Back<<Назад