Неформална средба на претседателот Иванов со лидерите на поголемите политички партии
|
|
Во Катланово денес се одржа неформалната средба на претседателот Ѓорге Иванов со лидерите на поголемите политички партии во Македонија. На средбата со шефот на државата присуствуваа претседателите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на СДСМ Бранко Црвенковски и на ДУИ Али Ахмети. Лидерите на ДПА Мендух Тачи и на Нова Демократија Имер Селмани, иако поканети, не дојдоа на средбата.
Безбедносните структури во Македонија добро си ја работат работата и затоа нема потреба од свикување на Советот за безбедност на државата - изјави претседателот Ѓорге Иванов по средбата во Катланово. Иванов, коментирајќи ги последните заплени на поголемо количество оружје кај Блаце и Радуша, рече дека некои структури упорно се обидуваат да го прекршат законот и за нив ќе следат соодветни санкции.
Освен за безбедносната ситуација во земјата, на неформалната средба станало збор и за состојбата во регионот, прашањето за човековите права, малцинските права, како и за интересите на политичките партии. Иванов истакна дека ваквите средби се корисни за продолжување на политичкиот дијалог во земјата.
|