Пријавување за Школата за лидери
Петок, 14 Мај 2010   

Во Кабинетот на Претседателот Иванов во тек е пријавување за учесници на проектот Школа за лидери. Обуката е наменета за млади луѓе кои го завршиле високото образование. Предавачи на Школата, покрај Претседателот, се истакнати професори и професионалци од разни области на општествениот живот. Школата ќе се одржи во Охрид, во периодот од 16 до 27 август. Наставата се одвива на македонски и на англиски јазик.

Право да се пријават имаат граѓани на Република Македонија, како и деца на македонски иселеници што живеат во странство. Просекот од високото образование на кандидатите треба да биде еднаков или поголем од 8,5. (или еквивалентно доколку се работи за диплома од странство). Работното искуство, како и магистратура, ќе се сметаат за предност.

Кандидатите треба да достават две препораки од компанија во која работат, факултетот каде што студирале или организација во која се активни. Потребна е потврда за одлично познавање на англискиот јазик, копија од Уверение за положени испити, биографија и кратко мотивационо писмо.

Заинтересираните кандидати може да се пријават, по пишан пат, на адресата - Кабинет на Претседателот на Република Македонија, Комисија за Школа за лидери, улица Ацо Караманов ББ, 1.000 Скопје.

Пријавите треба да бидат испратени најдоцна до 1 јуни 2010 година.

Трошоците за сместување со полн пансион ќе бидат покриени од страна на Кабинетот на Претседателот Иванов.

  Back<<Назад