Претседателот Иванов се сретна со Помошникот државен секретар Гордон | |
|
На средбата, Претседателот Иванов подвлече дека Македонија високо го цени ангажманот на Соединетите Американски Држави за надминување на единствената пречка за интеграцијата на Република Македонија во евро-атлантските структури. Претседателот Иванов ги искажа македонските ставови во врска со разликата околу името со нашиот јужен сосед и потенцираше дека Република Македонија е подготвена за взаемно прифатливо решение во рамките на Повелбата, резолуциите на Обединетите Нации и на меѓународното право. Имајќи ги предвид ефектите од опстојувањето на Република Македонија надвор од овие структури, кои се одразуваат и на економскиот и на вкупниот политички и општествен живот, Претседателот Иванов нагласи дека Република Македонија е таа што е најзаинтересирана за решение до кое може да се дојде само со почитување на рамката во која се водат разговорите и со искрена политичка волја меѓу двете страни. Помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања на Соединетите Американски Држави д-р Филип Гордон изрази надеж дека со искрена политичка волја од двете страни може да се дојде до взаемно прифатливо решение. Гордон нагласи дека САД и понатаму сметаат на партнерството и пријателството на Република Македонија и дека ќе продолжат да ја поддржуваат Република Македонија во нејзините евро-атлантски аспирации. На средбата стана збор и за состојбите во регионот и учеството на македонските војници во мисијата ИСАФ во Авганистан.
|