| Отворен ден за граѓаните кај претседателот Иванов | |
|
|
Граѓаните на Република Македонија денеска имаа можност директно да се запознаат со Претседателот д-р Ѓорѓе Иванов и во неговиот Кабинет непосредно да поразговараат со него за прашањата за кои се интересираат или да достават некои предлози до него. Групите граѓани беа пречекувани од членовите на Кабинетот на Претседателот и водени низ дворот на вилата „Водно“. Притоа им беше појаснет начинот на кој Претседателот Иванов ги пречекува неговите гости. На кусата средба во претседателскиот кабинет граѓаните најмногу се интересираа за проблемот со името, за економската состојба во Македонија, а некои изнесуваа и свои предлози. Граѓанин од Велес на претседателот Иванов му посочи дека во близина на Велес непосредно до фабриката за вештачко ѓубриво постои големо наоѓалиште на минералот лапорец и му предложи на Претседателот да се заинтересира да се спроведе испитување на квалитетот на минералот. Тоа, како што кажа, ќе придонесе за отворање на дури три фабрики за цемент во кои ќе може да се вработат околу 2,000 луѓе. Граѓанин на Скопје го праша Претседателот Иванов што прави за решавање на проблемот со името и до каде може Македонија да оди со отстапките. Претседателот Иванов му одговори дека Македонија направила се што е во нејзина моќ за да ги исполни критериумите за НАТО и ЕУ, а тоа, како што рече, било потврдено во Букурешт кога Македонија само заради името не доби покана за НАТО, како и со последниот Извештај на Европската Комисија каде беше оценето дека Македонија ги исполнила сите услови за почеток на преговори. Претседателот посочи дека доколку Грција не беше во економската состојба во каква што е, новиот грчкиот Премиер Папандреу ќе направел нешто за да се помести позицијата на Грција на подобро. - Аргументите за името, идентитетот и јазикот се на наша страна, но моќта е на грчка страна. Правото не познава оспорување на име на држава како што е случајот со Грција поради што ние не можеме да се повикаме на друг сличен случај. Референцата поранешна југословенска Република Македонија под која бевме примени во Обединетите нации првично беше само за употреба во ОН, а со Времената спогодба се прошири и на сите меѓународни институции. Нелогично е тоа што го бара Грција од нас и мислам дека ниту еден политичар во Македонија нема да се согласи да се менува името на државата, Уставот, јазикот и нацијата за внатрешна употреба. Сметам дека треба да се преговара само за промена на срамната референца под која Македонија е примена во ОН. Доколку економската ситуација во Грција беше подобра, Премиерот Папандреу мислам дека ќе направеше нешто за да се помести позицијата на Грција на подобро, рече Претседателот Иванов во одговорот и додаде дека останати детали за неговиот став не може да каже бидејќи станува збор за прашање од особен интерес за државата. Друг граѓанин се интересираше за економската состојба во Македонија и за тоа дали постои можност грчката криза да се прелее кај нас. На тоа Претседателот Иванов му одговори дека Македонија е многу помалку погодена од кризата од останатите бидејќи е мала држава и може лесно да се менаџира со нејзе. Тој ја пофали Владата за чекорите кои ги презема за заштита од економската криза и додаде дека при престојот во Москва на одбележувањето на 65-годишнината од победата над фашизмот сите претседатели искажале вознемиреност од економската криза и падот на еврото, но нагласи дека се надева оти таа нема да се прелее во Македонија иако, како што кажа, не е добро ако е лошо кај комшијата. - Со Грција можеби имаме проблем со името, но Грција е наш економски партнер и затоа не е добро доколку има проблеми, рече Иванов.
|












