Претседателот Иванов им ги врачи сертификатите на учесниците во третата Школа за млади лидери
Петок, 31 Август 2012   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, вечерва на свечена церемонија во Охрид им ги врачи сертификатите за учество и успешно завршување на интензивниот лидерски тренинг на годинашните учесници во Школата за млади лидери.

Обраќајќи им се на учесниците на Школата, претседателот Иванов нагласи дека овие сертификати претставуваат своевиден компас што ќе ги води низ животот, по патот наречен ’потрага по среќа’.

„Ви посакувам од ова пристаниште каде сме вечерва да продолжите да патувате и сето знаење, искуство, сите вештини што ги стекнавте да ги применувате во вашиот живот... Да ја направиме Македонија да биде горда на вас, но и вие да сте горди што учествувавте во еден проект кој има за цел заедно да создадеме од Македонија земја на успешни луѓе,“ им порача претседателот Иванов на третата генерација млади лидери.

Тој ги повика младите лидери да ги практикуваат сите стекнати знаења, остварени контакти, да го споделуваат искуството со останатите, бидејќи само на тој начин сите тие доблести ќе ја добијат вистинската вредност.

„Насушно ни се потребни иновативни и креативни луѓе. Од вас очекуваме градби кои ќе бидат духовни, и градби физички и материјални, градби што ќе ја воздигнат Македонија во височините,“ нагласи Претседателот.

Тој им порача на младите да се придржуваат на четирите златни правила – да бидат трпеливи, да учат од другите, да го искористат моментот и да бидат подготвени на секоја жртва, притоа нагласувајќи ја филозофијата што ги обединува сите тие мудрости, забележувајќи дека сите се остваруваат само во еден момент.

Во име на третата генерација учесници на Школата за млади лидери се обрати Александра Пановска, која посочи на заедничкото задоволството на сите млади луѓе вклучени во проектот, изминатите денови да бидат опкружени со мудри мисли на светски лидери, со луѓе подготвени да споделат знаење, умеење, животно искуство.

„Секој од нас тука дојде со своја мисла, визија, идеја. После секое предавање заминувавме со нови видици, нови прашања, но секогаш побогати за уште едно искуство... Сите обединети со една цел, да се продолжи благородната иницијативата на претседателот Иванов, не само да научиме, туку и да го применеме знаењето и да ја оправдаме вашата доверба,“ истакна Александра.

Школата за млади лидери што се одржува веќе трет пат, е проект на претседателот д-р Ѓорге Иванов, востановен со цел да ги стимулира позитивните вредности кај младите лидери и идни политички, културни и економски предводници на нашата земја, но и да го развие нивниот капацитет за справување со предизвиците на глобалната технологија, меѓународната конкуренција и културната и религиска диверзификација.

Претседателот Иванов прв пат ја иницираше идејата во неговата изборна програма, со визија да им се овозможи на младите, талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.

 

  Back<<Назад