За покажаниот интегритет, талент, храброст и победничко срце - ракометарите одликувани со Медал за заслуги за Македонија
Понеделник, 30 Јануари 2012   

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска ги одликува македонските ракометари со „Медал за заслуги за Македонија“.

„Македонија ја започна годината победнички. Убеден сум дека успехот што вие го постигнавте ќе продолжи на сите полиња, не само во спортот, туку и во економијата, културата, образованието... Ништо не успева како успехот. Покажавте интегритет и храброст, талент и сила, волја и победничко срце. Такви модели ни се потребни денес во Македонија. Луѓе кои ја обединуваат нацијата. Вие сте современите македонски херои,“ истакна претседателот Иванов на доделувањето на медалите на македонската ракометна репрезентација.

Македонските ракометари го освоија петтото место на Европското првенство што се одржа во Србија, и се пласираа на кфалификациите за летните олимписки игри што ќе се одржат годинава во Лондон.

„Покажавте дека Македонија не мора само да учествува, туку и да победува. Едно е јасно, Европа дозна за потенцијалите на македонскиот ракомет. Од денес натаму европските тимови ќе бидат навистина загрижени пред секој натпревар со македонските ракометари,“ посочи Претседателот.

Тој им порача на македонските ракометари дека за нас тие се шампиони, изразувајќи сигурност дека и натаму ќе се трудат да бидат поуспешни и да го постигнат најдоброто.

„И јас бев таму, заедно со илјадници наши сограѓани за да навивам за нашиот тим. Во оваа прилика, сакам да им оддадам признание на сите кои беа покрај вас, на сите македонски навивачи. Тоа беа незаборавни моменти за сите нас. Покажавте фантастична игра до последната секунда. Верувајте дека за нас, вие сте нашите шампиони,“ нагласи претседателот Иванов.

Претседателот на Македонската ракометна федерација Михајо Михајловски е уверен дека ова нема да биде последен успех за македонските ракометари.

„Сигурен сум дека ние можеме и ќе ги поминеме кфалификациите во Гетеборг, Шведска и ќе одиме на Олимпијадата во Лондон. Тука нема да биде крајот. Очекувам да ја победиме Австрија и во јануари 2013 да играме на Светско првенство во Шпанија,“ истакна Михајловски.

Медалите на ракометарите им се доделуваат за афирмација на Република Македонија во светот со постигнатите врвни резултати во ракометот на меѓународен план и за исклучителен придонес за развој и популаризација на овој спорт во нашата земја.

Македонските ракометари на претседателот Иванов му подарија дрес со неговото име и бројот седум.

alt

  Back<<Назад