Новости
Писмо до Претседателот Обама на годишнината од нападите на 11 септември
Сабота, 11 Септември 2010

По повод годишнината од нападите на 11 септември 2001 година, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов упати писмо до Претседателот на Соединетите Американски Држава, Барак Обама. Следи текстот на писмото:
Почитуван г-дине Претседател,
На 9-годишнината од терористичките напади што го потресоа целиот свет, се придружувам кон единственото чувство дека настаните од тој ден не смеат никогаш да бидат заборавени. Девет поминати години не можат ја избришат грозоморната трагедија од 2001 година.
Никогаш не смее да се заборави чувството на згрозување, страв и жалење. Никогаш не смеат да се заборават невините жртви кои го загубија животот. Никогаш не смее да се заборави начинот на кој меѓународната јавност жалеше заедно со Вашата голема нација и начинот на кој светот покажа солидарност со Америка во борбата против тероризмот.
Затоа, дозволете ми да оддадам почит за илјадниците невини животи во овие терористички напади. Сеќавајќи се на овој ден, моите мисли и молитви се со нивните семејства и пријатели, со Вас почитуван Претседателе и со пријателскиот народ на Соединетите Американски Држави.
Американскиот народ има пријатели и Република Македонија е еден од тие верни и докажани пријатели и партнери. Борбата за мир, слобода и подобра иднина за целото човештво е далеку од завршена. Македонија ќе продолжи со истата посветеност да дејствува за постигнување на овие цели, што се потврдува и со ангажманот на нашите воени сили во Авганистан за унапредување на развојот и стабилноста на оваа земја.
Ви ги упатувам, почитуван Претседателе, изразите на моето највисоко почитување.
д-р Ѓорге Иванов

Иванов - Ван Ромпуј: регионот да биде дел од обединета Европа
Петок, 10 Септември 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов порача дека од голема важност, не само за македонските граѓани, туку и за целиот регион, доколку Европскиот Совет донесе одлука за отварање на датум за преговори токму за време на белгиското претседателство. Претседателот ова го изјави на заедничката прес конференција со Претседателот на Европскиот Совет Херман ван Ромпуј во Брисел.
- Претседателот Ромпуј го информирав за сите акции кои Македонија ги презема за да ја надмине пречката со Грција и се надевам дека наскоро таа ќе биде зад нас - додаде Претседателот Иванов.
Претседателот изјави дека на Ромпуј му ги пренел и очекувањата на македонските граѓани и нивниот евроентузијазам. Македонскиот претседател посочи дека неговата визија за регионот е како дел од обединета Европа.
- ЕУ прави големи напори за да се дојде до решение за спорот со името. Но сега е вистинскиот момент кога двете земји треба да разговараат и да најдат решение кое е прифатливо за двете страни - изјави Ван Ромпуј по средбата.
Ромпуј рече дека влезот на Македонија во ЕУ е многу важен чекор за земјата. Вложувањето на големи напори за имплементација на сите реформи за влез во ЕУ, како што рече тој, ќе значи добивање на позитивен извештај за Македонија од страна на Европската комисија во ноември.
Како што информираше претседателот Иванов на средбата со претседателот на европскиот совет било разговарано за она што Македонија го има досега постигнато и за идните предизвици, за кои како што, како што рече, Ромпуј имал големо разбирање.
Претседателот Иванов, кој во Брисел е придружуван од Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски, во рамките на дводневната посета на Брисел, освен со Ромпуј, денеска се сретна и со Претседателот на Претставничкиот дом на Кралството Белгија, Андре Флау.
Целта на средбите на претседателот со европските претставници е со аргументи за напредокот на нашата земја да се апелира за позитивен извештај и добивање на датум за почеток на преговори.

Претседателот Иванов во посета на Брисел
Четврток, 09 Септември 2010

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, кој во Брисел имаше средба со Претседателот на Европската Комисија Жозе Мануел Баросо и со комесарот за проширување на Унијата Штефан Фуле, изјави дека Македонија очекува позитивен извештај од Комисијата во ноември и датум за почнување на преговорите за полноправно членство.
- Овде сум како Претседател на држава во која евро-атлантските интеграции се врвен приоритет, со плебисцитарно изјаснување на граѓаните во поддршка на европската иднина на Република Македонија. Затоа, искрено верувам дека препораката што ја дадовте наскоро ќе резултира и со датум за отпочнување на преговорите - изјави претседателот Иванов по средбата со Баросо.
По прашањето на спорот кој Грција го наметнува пред македонските интеграции, Претседателот изјави дека Македонија е конструктивен чинител и партнер и изрази очекување дека Грција ќе се однесува европски во претстојниот период со цел надминување на овој билатерален и ирационален спор.
- Јас ја разбирам екстремната чувствителност на ова прашање. Но, ги повикувам сите страни да ја разрешат оваа пречка што е можно побрзо. Време е да се донесе одлука. Сега е време да се одлучи во врска со ова прашање за името - изјави Баросо на заедничката конференција за печатот. Баросо оцени дека во изминатиот период постои подобрување на климата во разговорите меѓу Скопје и Атина и волја кај двете страни за надминување на спорот. Комесарот Баросо исто така побара задржување на темпото на реформи во Македонија во претстојниот период.
Претседателот Иванов во Брисел е придружуван од страна на шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски. За утре предвидена е средба со Претседателот на Европскиот Совет, Херман Ван Ромпуј и со претседателот на Претставничкиот дом на Кралството Белгија Андре Флау.

Честитка на Претседателот Иванов по повод празникот Рамазан фитер Бајрам
Четврток, 09 Септември 2010

По повод верскиот празник Фитер Бајрам, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов ја упати следната честитка до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија Реис Ул Улема Хаџи Сулејман Еф. Реџепи, до Ријасетот на ИВЗ и до сите муслимански верници во Македонија:
Дозволете ми во името  на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име Вам лично на членовите на Ријасетот на Исламската верска заедница и на сите  припадници на исламската вероисповед во Република Македонија да Ви го честитам верскиот празник Рамазан фитер Бајрам.
Во овие мигови на празнување  посакувам кај сите верници да преовладува чувството на  мир, љубов, толеранција и меѓусебно разбирање. Искусното водство на Исламската верска заедница, долгата традиција на практикувањето и празнувањето на исламската вера во Македонија и нејзините длабоки хуманистички традиции и пораки се извор на гордост на сите во Република Македонија. Сигурен сум дека муслиманските верници и понатаму ќе напредуваат лично и како заедница во рамките на нашата заедничка држава.
Убеден сум дека како добри верници и верни сограѓани во континуитет сите заедно ќе продолжиме со добропознатата пракса на меѓусебно дружење и заедничко празнување не само на овој празник туку и на сите други верски празници, како што и јас лично ја имав можноста да го почувствувам гостопримството на муслиманските верници во текот на месецот Рамазан. Ова ни дава натамошен поттик и верба  да продолжиме да работиме за продлабочување на традицијата на меѓусебно почитување, взаемна соработка и заеднички соживот.
Добрата традиција на меѓурелигиозната толеранција и рамноправниот третман кон сите верски заедници и религиозни групи во Република Македонија покажува дека местото на нашата земја и е во рамки на европското семејство на нации и држави. Нашиот исклучителен придонес како земја во која вери, традиции и разни етнички групи соработуваат на градењето на заеднички дом, е доказ дека е можна подобра иднина за регионот, Европа и светот.
Почитуван Реис Ул Улема Хаџи Сулејман Еф. Реџепи, честитајќи Ви го уште еднаш Рамазан фитер Бајрам дозволете ми Вам лично, на членовите на Ријасетот на ИВЗ и на сите припадници на исламската вероисповед во Република Македонија да им посакам здравје, среќа, добро расположение и духовен мир.

Честитка по повод празникот Рош Хашана до Еврејската заедница на Македонија
Среда, 08 Септември 2010

По повод празникот Рош Хашана, Еврејска Нова Година, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов ја искористи можноста да упати честитка до Бјанка Суботиќ, Претседател на Еврејската заедница на Македонија, како и до сите припадници на еврејската заедница во Република Македонија:
Почитувана г-ѓо Суботиќ, дозволете ми да во името на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име Вам лично и на сите припадници на еврејската заедница во Република Македонија да Ви ја честитам новата 5771 година според еврејскиот календар. Во ова пригода посакувам празничните мигови да ги поминете во добро расположение, спокојство, здравје, среќа и  духовен мир.
Воедно би сакал да го нагласам моето лично убедување дека припадниците на еврејската заедница во Република Македонија и понатаму ќе продолжат го даваат својот придонес за развојот и напредокот на Македонија како заедница на слободни и равноправни граѓани. Сметам дека моја лична обврска, како Претседател, и на сите политички фактори во земјата, е да им овозможиме на нашите граѓани услови во кои ќе можат во целост да го исполнат својот личен потенцијал, за да можеме навистина сите припадници на еврејската заедница, и сите граѓани воопшто, да кажеме дека Македонија е наш заеднички дом.
Уште еднаш честитајќи ви го  Вам лично и на припадниците на еврејската заедница овој празник, примете ги изразите на мојата исклучителна почит.

Пристигнати честитки по повод Осми септември (САД, Германија, Италија, Грција...)
Среда, 08 Септември 2010

По повод празникот 8 септември, Денот на независноста на Република Македонија, Претседателот д-р Ѓорге Иванов доби честитки од голем број шефови на држави од светот.
Во својата порака, Претседателот на Соединетите Американски Држави Барак Обама ги испраќа своите честитки до граѓаните на Република Македонија. Македонија е ценет партнер на Соединетите Држави, и ние го вреднуваме македонскиот придонес кон светската безбедност. Ја поддржуваме Македонија која продолжува на реформскиот пат и се движи кон интеграција во евро-атланските институции. Верувам дека нашето партнерство дополнително ќе се засили и продлабочи како што ја продолжуваме нашата соработка за да оствариме толеранција, мир и просперитет за да го унапредиме човековото достоинство – пишува во пораката од Претседателот Обама до Претседателот Иванов.
Германскиот Претседател Кристјан Волф во својата честитка по повод 8 Септември упатена до Претседателот Иванов порачува – Доближувањето на Вашата земја до евроатланските структури претставува голем предизвик кој бара готовност за реформи и политичка далекувидност. Препораката на Европската Комисија за отпочнување на преговорите за членство е важен успех.
Претседателот на Република Италија Џорџо Наполитано  истакнува дека Италија останува убедена дека комплетното вклучување на западниот Балкан во процесот на евро-атланската интеграција е суштински услов за реализирање на главната цел – стабилност и економски и социјален развој на регионот. Убеден сум дека во рамките на заедничката евро-атланска припадност нашите веќе плодни билатерални односи ќе можат дополнително да се развиваат, вели Претседателот Наполитано.
Претседателот на Република Грција Каролос Папуљас упати честитка по повод 8 Септември во која се вели - По повод националниот ден на Вашата држава, би сакал во име на грчкиот народ и во мое лично име да Ви ги упатам моите најдобри желби за просперитет, благосостојба и напредок на поранешната Југословенска Република Македонија и нејзиниот народ.
Далиа Грубаускатие, Претседател на Република во своето писмо вели дека Литванија силно ги поддржува македонските аспирации за полноправно членство во европските и евро-атланските структури и се надеваме дека Вашата земја ќе направи голем чекор кон оваа цел во текот на годинава. Сакам да останете центар на европските вредности и пример за кохезивно мултиетничко општество за целиот регион и Европа.
Претседателот на Претседателството на Босна и Херцеговина Харис Силајџиќ изразува убеденост дека односите меѓу двете земји ќе се развиваат кон нашата заедничка цел, изградбата на европската иднина на нашите држави, пријателство, соработка, добрите билатерални односи и стабилност во регионот.
Во честитката од Мишел Жан, Генерален Гувернер на Канада, се изразува надеж дека ќе продолжи соработката на Македонија и Канада за мир и напредок на целиот регион.
Квентин Брајс, Генерален Гувернер на Комонвелтот Австралија вели дека ја поздравува соработката на највисоко ниво меѓу двете држави, меѓусебните посети меѓу пратеници и функционери од Македонија и Австралија, како и иницијативите за засилена соработка во областа на науката и образованието.
Кралот на Саудиска Арабија Абдула бин Абдулазиз ал Сауд и принцот Султан бин Абдулазиз ал Сауд во своите честитки до Претседателот Иванов искажуваат желби за напредок и просперитет за Македонија во иднината.
Асиф Ал Зардари, Претседател на Исламска Република Пакистан, по повод 8 Септември упати топли поздрави со желба за просперитетна иднина за граѓаните на Република Македонија.

 
Почеток < Пред 181 182 183 184 185 186 187 188 189 190 Следно > Крај
Страница 182 од 198