|
Претседателот Иванов во посета на Брисел
|
|
Четврток, 09 Септември 2010
|
|
|

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, кој во Брисел имаше средба со Претседателот на Европската Комисија Жозе Мануел Баросо и со комесарот за проширување на Унијата Штефан Фуле, изјави дека Македонија очекува позитивен извештај од Комисијата во ноември и датум за почнување на преговорите за полноправно членство. - Овде сум како Претседател на држава во која евро-атлантските интеграции се врвен приоритет, со плебисцитарно изјаснување на граѓаните во поддршка на европската иднина на Република Македонија. Затоа, искрено верувам дека препораката што ја дадовте наскоро ќе резултира и со датум за отпочнување на преговорите - изјави претседателот Иванов по средбата со Баросо. По прашањето на спорот кој Грција го наметнува пред македонските интеграции, Претседателот изјави дека Македонија е конструктивен чинител и партнер и изрази очекување дека Грција ќе се однесува европски во претстојниот период со цел надминување на овој билатерален и ирационален спор. - Јас ја разбирам екстремната чувствителност на ова прашање. Но, ги повикувам сите страни да ја разрешат оваа пречка што е можно побрзо. Време е да се донесе одлука. Сега е време да се одлучи во врска со ова прашање за името - изјави Баросо на заедничката конференција за печатот. Баросо оцени дека во изминатиот период постои подобрување на климата во разговорите меѓу Скопје и Атина и волја кај двете страни за надминување на спорот. Комесарот Баросо исто така побара задржување на темпото на реформи во Македонија во претстојниот период. Претседателот Иванов во Брисел е придружуван од страна на шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски. За утре предвидена е средба со Претседателот на Европскиот Совет, Херман Ван Ромпуј и со претседателот на Претставничкиот дом на Кралството Белгија Андре Флау.
|