|
Почитуван претседателе Тадиќ, Почитувани стопанственици, Драги гости, Дами и господа,
Ми претставува особена чест и задоволство што имам можност денес да се обратам на овој бизнис-настан. Ја користам оваа прилика да ве поздравам и, воедно, да ги споделам со вас моите согледувања за економските аспекти на соработката меѓу Република Македонија и Република Србија.
Почитувани,
Ние одлично се познаваме. Двете наши економии, исто како што е случајот и со двете наши општества, се комплементарни и упатени една на друга. Ако некогаш нашите занаетчии, трговци и терзии соработувале и економски напредувале во „балканската чаршија“, денес, економската соработка е на ниво на стопанства. Српските производи и брендови уживаат голем углед кај македонските граѓани, исто како што и бројни македонски брендови се прифатени од српските граѓани. Нашите стопанственици континуирано ги користат придобивките од традиционално добрите политички и економски односи, поради што Република Србија е еден од најзначајните стопански партнери на Република Македонија, и обратно.
За тоа, верувајте, зборуваат добрите искуства. Вкупниот обем на трговската размена во периодот од јануари до април 2011 година изнесува околу 598 милиони американски долари. Само во периодот од 2010 до 2011 година, трговската размена меѓу двете земји е зголемена за 25.4%, и тоа со паралелно зголемување како на увозот, така и на извозот на стоки. Сепак, поради дефицитот на македонската страна, потребно е урамнотежување на трговската размена.
Дами и господа,
Овој бизнис-форум се одржува во услови кога и владите и стопанствениците се обидуваат да ги надминат последиците од светската економска и финансиска криза. Излезот, верувам, лежи во поголемата соработка меѓу компаниите од двете земји, со дополнителни начини на партнерство, преку заеднички настап на трети пазари, заеднички вложувања, преку повисока форма на соработка и други проекти од заемен интерес.
Владите на двете држави се тука да ги подобрат условите за соработка преку поддршка на клучни инфраструктурни проекти, како што се Коридорот 10, гасоводното поврзување, но, и изградбата на далноводот Ниш – Куманово.
Економските показатели во досегашниот тек на 2011, односно остварувањето на планираниот економски раст, зголемувањето на индустриското производство, зголемувањето на извозот, укажуваат на подобра перспектива. Република Македонија во првите девет месеци на 2011 година бележи зголемување на надворешнотрговската размена со стоки за околу 38% во однос на истиот период од минатата година. Притоа, европскиот и регионалниот балкански пазар се најзначајните надворешни пазари на Република Македонија. Ова се должи и на воспоставената правна рамка за трговија меѓу Република Македонија и земјите од Европската унија и Западен Балкан. Особено сакам да потенцирам дека ЦЕФТА договорот, на земјите од регионот, им ја даде можноста за користење на единствената зона на слободна трговија, која ќе биде особено поволна за економскиот развој на нашиот регион и неговото европско интегрирање.
Почитувани стопанственици,
Република Македонија, сите свои сили и потенцијали ги насочи кон економскиот развој во креирање поволен економски амбиент. Имаме долгогодишна макроекономска стабилност со ниска инфлација која во просек изнесува 2% во последните 10 години. Имаме избалансирани јавни финансии со низок буџетски дефицит, стабилен девизен курс и низок јавен долг кој изнесува под 26% од бруто-домашниот производ. Се очекува до крајот на годината да се постигне годишен раст на бруто-домашниот производ. Впрочем, постигнатите резултати на овој план придонесоа Македонија да се вброи во трите топ-реформатори во согласност со реномираниот „Doing Business“ извештај на Светска банка за 2011 година.
Во делот на даночната политика се воведени ниски и рамни даноци од 10%. Зголемена е флексибилноста на пазарот на трудот. Спроведени се реформи во администрацијата, судството, финансискиот сектор, образованието и земјоделството, а се зголемени и инвестициите во инфраструктурата и во енергетиката.
Затоа, ги повикувам српските бизнисмени да ги искористат компаративните предности на Македонија при реализација на нивните бизнис-планови, не само за нашиот пазар, туку и за целиот регион. Република Македонија и натаму останува отворена за соработка и за давање неизмерна поддршка на вашите компании.
На самиот крај, ви посакувам успешна работа и ви благодарам на вниманието.
|