| Годишно обраќање на претседателот, д-р Ѓорге Иванов во Собранието на Република Македонија | |
|
|
Ова е мое трето годишно обраќање во Собранието на Република Македонија, но прво во овој состав на пратеници. Обраќањето, исто така, се совпаѓа и со половината од мојот мандат. Ова обраќање е во година, кога славиме јубилеи, победи и успеси. Но, поради важноста и актуелностите поврзани со пресудата на Меѓународниот суд на правдата, годишното обраќање ќе го започнам по обратен, невообичаен редослед. Верувам дека сите го споделуваме чувството на победа на правдата со пресудата од Хаг. Република Македонија во Хаг извојува една голема дипломатска и правна победа. Победа која значи потврдување на кредибилитетот на нашата надворешна политика, на нашето однесување во меѓународното општество. За жал, следниот чекор во интеграцијата во Европската унија ни е блокиран по трет пат, и тоа не по наша вина. Направивме сè што требаше, сè што беше побарано од нас. На овие два настана ќе се задржам, поединечно. Меѓународниот суд на правдата го даде одговорот. Тој одговор е најавторитетен доказ за нашата политика. Да бидам јасен и прецизен, овој процес не го посакувавме. Да не беше ветото во Букурешт, сè ќе беше поинаку. Но, бевме принудени, бевме соочени со неправда, со неисполнување на договорната обврска од страна на Грција што создаваше реални последици за Република Македонија. Затоа, тужбата беше неизбежен потег. Пресудата го потврди она што ние веќе го знаевме. Но, пресудата е најсилниот можен правен аргумент кој воопшто постои во денешниот развој на меѓународно-правниот поредок. Зашто, обврска и одговорност на сите е почитување на меѓународното право како основа на меѓународниот поредок. Оттаму, обврска и одговорност на меѓународната заедница е сега да преземе сè што е потребно за да се помести status quo состојбата во однос на интеграциите на Република Македонија. Треба волја и одговорно однесување. Пресудата е резултат на погрешно однесување на една владејачка структура на нашиот сосед. Таа е шанса за Грција, за сите нас, за регионот. Почитувањето на пресудата, на Времената спогодба, на меѓународното право е рамката која ќе придонесе за уште поволен амбиент во односите меѓу двата соседа. Имаме идеална можност за историски исчекор. Пресудата од Хаг, освен што ја легитимира нашата досегашна политика и ни го зголемува угледот, има и уште една голема и значајна димензија: Таа е рамка во која се регулираат прашања кои се исклучително значајни за однесувањето на двете страни во почитувањето на обврските од Времената спогодба. Пресудата потврди дека Република Македонија може да го употребува своето уставно име во рамки на меѓународни организации во кои членува и Грција. Обвинувањата на Грција во врска со непочитувањето на Времената спогодба од страна на Република Македонија беа отфрлени од судот. Затоа не треба да бараме нови начини како да дојдеме до решение. Треба само да ја почитуваме Времената спогодба и да се придржуваме до рамката поставена од резолуциите на ОН, ништо повеќе. Ние сме подготвени за тоа.
Третото одлагање, од страна на Европскиот совет, на датум за почеток на пристапните преговори, не е наш неуспех. Знам дека се зголемува бројот на земји-членки кои нè поддржуваат, застанувајќи на страната на правото и правдата, убедени од силата на нашите аргументи и пресудата на највисокиот суд на правдата. Затоа и не сме обесхрабрени. Верувам дека на следниот Европски совет, на следниот Самит на НАТО, доколку се покаже лидерство, храброст и визионерство, status quo состојбата во интеграциите може да се помести. Сите ќе бидат победници, а најголеми, секако, ќе бидеме ние и нашиот сосед. Ние со дополнителна мотивираност ќе продолжиме да го реформираме нашето општество. Целта ни е да бидеме пријателски и европски соседи со Грција. Тоа е благодарна цел и за нас, и за Грција, и за Европската унија. Би требало да се знае дека успеавме на нашите пријатели и партнери да им докажеме дека ние сме тие кои сакаат решение во кое нема да има поразени и победници. Даваме и идеи и иницијативи, како може да се дојде до заемно прифатливо решение. Многупати сме ја докажале нашата конструктивност. Но, потребни се подготвеност и волја и од нашиот сосед, подготвеност и волја пред сè да се придржуваат до рамката во која се водат разговорите во ОН, подготвеност и волја да ја напуштат политиката на аргументот на силата. Моја оцена е дека ни претстои историска можност за еден нов почеток. Сакам да верувам дека оваа можност, заедно со нашиот сосед и со партнерите во ЕУ и НАТО, ќе ја искористиме. Следната година, од оваа говорница, во ова исто време сакам да потврдам дека биле оправдани моите очекувања. Почитувани, Сакам да знаете дека на тој план не се штедев и нема да се штедам ни во иднина. Ќе продолжам да го запознавам светот со вистината и аргументите за Македонија. Ќе продолжам да ги негувам и јакнам веќе постојните и ќе создавам нови пријателства и партнерства. На надворешнополитички план, оваа година имав 38 меѓународни настапи и активности, остварив 23 официјални и работни посети на странски држави. Ја претставував нашата држава на речиси сите значајни регионални и глобални мултилатерални настани посветени на економијата, енергетиката, мирот, намалувањето на ризици од катастрофи, културата, спортот... Бев домаќин на 9 официјални и работни посети на мои колеги. Имав повеќе од седумдесет средби со шефови на држави и влади и шефови на меѓународни организации. Бев домаќин на третиот Регионален самит на претседателите на Македонија, Албанија, Црна Гора и Косово, на кој разговаравме за конкретни теми корисни за нашите граѓани, за европската и евроатлантската интеграција, за економската соработка и за енергетската безбедност и поврзување. На сите свои колеги им порачав, дека заврши времето на декларативноста. Мораме конкретни проекти да иницираме и да реализираме. Го преземавме претседавањето со два исклучително важни процеса кои дополнително ќе го зацврстат угледот на нашата земја. Тоа е претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа за периодот 2012 – 2013 година, што ќе ни овозможи активно да придонесеме во јакнењето на регионалната соработка. Во 2013 година ќе бидеме домаќини и на самитот посветен на дијалогот меѓу цивилизациите и тоа на 10-годишнината од овој вид самити, чиј иницијатор беше претседателот Трајковски. Сето ова го правев на конзистентен начин, знаејќи дека Македонија може да биде меѓународно препознаена и конкурентна, пред сè, според следното: На полето на дипломатијата, со указ именував 18 амбасадори на Република Македонија во државите ширум светот. Веќе апелирав на нашите дипломати да им се даде поголема слобода за дејствување, со намалување на бирократизираноста на дипломатската служба, која би одела паралелно со зголемување на одговорностите на дипломатите по кои ќе бидат оценувани, и тоа според постигнатите резултати. Сакам да видам проактивна дипломатија. Ве уверувам, критериумите, оценувањето на нашите дипломати веќе е на едно повисоко ниво. Ќе има и награди, но ќе има и казни. Нема веќе простор, како во минатото, за празни величини и лажни авторитети во нашата дипломатија. Во поглед на културната дипломатија, ние можеме да бидеме горди на нашето културно и историско наследство. Имаме што да му понудиме на светот. Но, тоа треба да се промовира за и другите да знаат што имаме. Услови постојат, само треба уште повеќе да ги искористиме. За спортот нема да трошам многу зборови. Сите видовме што значи еден спортски успех. Не само што ја прослави нашата земја, туку, уште поважно, преку успехот ја сплоти Македонија. Како врховен командант со гордост можам да констатирам дека Армијата на Република Македонија како штит на нашата слобода, безбедност и стабилност продолжува да влева доверба во македонското општество. Оваа година, Армијата доби нов началник на Генералштабот, во согласност со највисоките стандарди на Алијансата. Пред извесен период ја одобрив и новата организациска и формациска структура на Армијата, чија трансформација ќе започне на почетокот на 2012 година. Бидете уверени дека во пресрет на следниот Самит на НАТО во Чикаго ќе останеме посветени на реформските процеси како влог во нашата евроатлантска иднина. Тоа ќе биде аргумент повеќе за наш влез во Алијансата, заедно со пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Сакам да знаете дека постојано ја следам состојбата на контингентите на Армијата, кои придонесуваат во воспоставувањето и одржувањето на глобалниот мир во операциите раководени од НАТО, Европската унија и Обединетите нации. Нашите мировници се вистински пример за посветеноста и истрајноста во нашите стратешки цели. Затоа, ја почитувам и заложбата на Владата која за наредната година и периодот што претстои континуирано ќе го зголемува буџетот за Армијата. Како врховен командант веќе препорачав бројни активности и настани, со цел достоинствено одбележување на 20-годишниот јубилеј на Армијата. Тоа е најмалку што можеме да направиме за нашата Армија која ни дава сигурност дека и наредните генерации ќе ја живеат својата благосостојба во слободна, демократска, европска Македонија. Во духот на 20-годишнината од независноста на нашата татковина, одликував повеќе заслужни поединци, институции и установи кои се вградија во македонската државност, независност и сувереност. Со одликувања им се заблагодарив на искрените пријатели на Македонија, кои секаде и секогаш нè поддржувале. Сакам да знаете дека останувам посветен на блискоста и постојаниот контакт со граѓаните. Тоа го правам преку непосредните средби за време на моите редовни посети на градови и села ширум Македонија, но, и посредно, преку народните канцеларии, кои претставуваат отворена врата меѓу мене и граѓаните. Преку канцелариите јас го чувствувам пулсот на народот за многу прашања, вклучително и за името. Досега до Кабинетот преку овие канцеларии се добиени повеќе од илјада предлози и претставки. По сите е постапено во согласност со надлежностите. Во младите генерации треба да инвестираме со вистински вредности. Треба да имаме доверба во нив. Нашите млади луѓе се точно таму каде што ние досега сме ги довеле. Затоа е неопходно нивно едуцирање и усовршување. Школото за млади лидери веќе едуцираше две исклучително успешни генерации. Уверен сум дека Македонија и во иднина ќе биде предводена од вистински одговорни лидери во сите сфери на секојдневното живеење. Го поттикнавме и натпреварот во сферата на науката, преку доделувањето на наградата „Најмлад научник“. Ова покажа дека имаме млади успешни луѓе од Македонија на најпрестижни универзитети во светот. Нивните постигнувања во науката се достојни за почит. Бев покровител и на неколку значајни настани посветени на поттикнување на иновативноста и креативноста. Почитувани, Среќен сум што 20-годишнината од независноста на нашата татковина Македонија е година на будење на самопочитта и самодовербата кај македонските граѓани. Треба вака и да продолжиме. Повеќе да се почитуваме за и другите да нè почитуваат. Затоа нашите граѓани заслужуваат да им се одаде признание за достоинственото прославување на јубилеите и сплотеноста при славењето на успесите. Годинава одбележавме и една деценија од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. Договор со чие спроведување достигнавме ниво на поголемо разбирање, почитување и толеранција. Изградивме и модел кој се стреми да интегрира, а не да асимилира. Нашиот модел не е само пример во регионот, туку договор чии принципи инспирираат пошироко. Како што ние го почитуваме нашиот модел, така бараме и другите да ги почитуваат неговите принципи. Ние го браниме нашиот модел. До сите оние кои од која било причина се сомневаат во него, до сите оние кои на кој било начин сакаат да го поткопаат и да внесат раздор, јасно им порачувам не се трудете, вашиот напор е осуден на неуспех. На сите оние кои палејќи го знамето, знамето на сите граѓани на Република Македонија, ако мислат со тоа да го запалат и меѓуетничкиот соживот, сакам да им порачам, нема да успеете. Почитувани, • претприeмачките активности во Македонија; Иницирав и остварив средби со повеќе домашни и странски стопанственици.Оваа година Собранието на мој предлог го избра и новиот гувернер на Народната банка на Република Македонија.
Развивањето на енергетскиот сектор е основниот и главен двигател на економијата, државата, општеството. Никој во светов денес не може да прави проекции за својата иднина, без да бара начини и целосно да е фокусиран на обезбедување енергетска сигурност. Не можеме ниту ние. Затоа како претседател, гледајќи многу подалеку од својот мандат, активно се вклучив во разгледување на сите можности за приклучување кон планираните енергетски коридори, кои треба да ни обезбедат долгорочна енергетска стабилност. Особено сум задоволен што сме во напредната фаза на преговори за вклучување на Македонија на гасоводот „Јужен тек“. Но не смееме да се потпреме само на тоа. Треба и мудро користење на обновливите извори на енергија со кои изобилува нашата татковина. На сите поединечни средби и на регионалните самити разговарав и за унапредување на инфраструктурната поврзаност. Разговараме со регионалните лидери како дополнително да го отвориме нашиот регион и со тоа дополнително да влијаеме на неговата благосостојба. Разговараме за поврзување на Јадранско-јонската магистрала со коридорите 8 и 10. Ова е крупен проект, затоа долго и се разгледува и, пак, ќе кажам не сум обесхрабрен. Користа ќе биде огромна. Во овие времиња на огромна светска економска криза, благодарејќи на внимателната макроекономска политика на Владата на Република Македонија и домаќинлукот на македонските граѓани, живееме во една од најмалку задолжените европски земји, и земја со една од најголемите стапки на раст во Европа. Реформите во администрацијата, судството, борбата против криминалот и корупцијата ги даваат резултатите. Ние имаме право за пристап до европскиот пазар, слободно, без давачки и ограничувања. Во Европската унија ние патуваме слободно, без визи, отворајќи ги перспективите за нашите граѓани. Слободата на трговијата, економското поврзување, слободата на движењето се некои од најзначајните придобивки на Унијата. Но, покрај овие права, ние полагаме право и на политичка застапеност во Унијата. Не можеме да се откажеме од тоа право само затоа што Грција прва влегла во Унијата. Почитувани, Македонија ја започна годината со бојкот на овој дом од страна на опозицијата.Предвремените парламентарни избори во јуни годинава, на кои вие, пратениците, ја добивте довербата на граѓаните беа високо и позитивно оценети во меѓународната јавност за својата регуларност, легитимност и добра организација. Сметам дека сите учесници дадоа придонес за таквиот успех, но, пред сè граѓаните. Ние сè повеќе градиме демократска свест и политичка култура. Градиме амбиент на дијалог и учество во расправите и одлуките за виталните прашања на нашето општество. Се надевам дека сите заедно ќе продолжиме во таа насока. По долг период на нестабилност и поделби, денес следи консолидација во која посветено продолжуваме со реформите. Тука сум, секогаш, подготвен да помогнам во која било политичка препрека, да го олеснам дијалогот, но повторувам, храмот на демократијата е овој дом, Парламентот, и тука треба да се водат сите политички дебати. Како претседател во повеќе наврати бев иницијатор и домаќин на лидерски средби на парламентарните партии од власта и опозицијата, кои имаа за цел да се надминат недоразбирањата и политичкиот дијалог да се врати онаму каде што му е местото – во институциите. Почитувани, Да се навратам на највисоката цел на нашата држава, интеграциите во НАТО и во ЕУ. На сите им е јасно дека остварувањето на најважните стратешки цели досега беше блокирано од нашиот сосед. Блокирањето на ваква значајна колективна цел значи неодговорно, невизионерско и целосно некомпатибилно однесување со времето во кое живееме. Но, како што реков на почетокот, патот до излезот е поедноставен отколку што се мисли, само доколку секоја од страните се придржува до поставената рамка на Обединетите нации и на Времената спогодба. Доколку, пак, на маса се ставаат прашања што се надвор од рамката, тогаш излезот од оваа ситуација е просто невозможен. Продолжуваме со максимална акција на сите полиња. Тоа значи достигнување на стандардите, вредностите и критериумите на Унијата. Нашите граѓани ќе ги уживаат благодатите од таквата состојба на државата. Затоа, време е, на 20-годишнината од независноста да се свртиме кон иднината. Апелирам да престанат политичките, особено дневнополитичките препирки, за тоа каде оди државата, има ли или бара алтернативи. Одговорот е јасен, стратешки цели ни биле и остануваат членството во НАТО, членството во ЕУ. Како што се приближуваме кон остварување на нашата стратегиска цел, така се менува свеста кај сите општествени чинители, се менува менталитетот, начинот на размислување и дејствување. Ние ќе чекориме по тој пат водени од принципите на чесност, одговорност и отчетност, како принципи на новото лидерство, принципи кои единствено се можни во новите времиња. Сакам да пратам една порака до нашиот сосед. Република Македонија е реалност. Оваа реалност постоела, постои и ќе постои. За прашањата како што се нашите врвни вредности – идентитетот, јазикот, културата и уставот, воопшто, не сакаме и нема потреба да разговараме. Никој на овој свет нема право овие врвни вредности да ги оспори на друг. Тоа се вредности што може само да се констатираат и почитуваат. Затоа, поаѓајќи од изразената волја на граѓаните на Република Македонија, во иднина нема да прифатам извештај во кој македонскиот јазик и идентитет не се почитуваат. Сакам да упатам една порака до моите сограѓани. Бидете спокојни. Никој на овој свет не може и нема да може да ни го земе она што го имаме, нашето уставно име, нашиот идентитет. Ќе успееме да ги оствариме нашите стратегиски цели. Прашањето не е дали, туку кога. А до тогаш ние самите, сплотени ќе ја создаваме нашата успешна европска и евроатлантска иднина. Ќе ги реализираме целите. Ќе имаме членство и во Европската унија и во НАТО. И таму ќе бидеме тоа што сме. Друга опција не постои. Ќе завршам онака како што започнав. 20-годишнината од македонската независност ја заокруживме со една голема дипломатско-правна победа. Имаме историска можност да отвориме нова страница во односите со нашиот јужен сосед. Ние ја подадовме раката за помирување. А внатре, дома, имаме и единствена можност да се сплотиме, без разлика на етничката и верската припадност. Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци, Власи, христијани, муслимани, Eвреи, сите ние сме чеда на нашата заедничка татковина Македонија. И сите ние имаме една перспектива и една заедничка европска и евроатлантска иднина. Кога станува збор за државните интереси, за стратешките цели и определби, постои само една партија во која нема поделба на лидери и членови, на стари и млади, на леви и десни. Таа партија се вика Македонија и ние мора да се обединиме околу неа. Само така ќе успееме во остварувањето на стратешките цели. Сето она што досега го постигнавме, и тоа во тешки услови на блокади, изолации и закани за нашиот суверенитет, идентитет и опстанок, нè направи уште поцврсти и поподготвени. Со Божја промисла, да истраеме на патот на изградба на една модерна, развиена, меѓународно афирмирана и почитувана држава. На тоа нè обврзува заветот на нашите предци кои се вградија во темелите на нашата сувереност и независност. На тоа нè обврзуваат идните поколенија. На тоа нè обврзува нашата татковина Македонија. Да живее Република Македонија! Ви благодарам.
|
Почитувани граѓани на Република Македонија,
Веќе трета година добиваме препорака за отпочнување на преговори со Европската унија што претставува голема потврда на реформските процеси. Извештајот на Европската комисија е патоказ каде да го фокусираме вниманието на реформите. А неотпочнувањето на преговорите дефинитивно не е наша вина.
Економската дипломатија беше високо на мојата агенда при речиси сите мои работни и неформални средби, учество на мултилатерални настани и официјални посети надвор од државата, како и при приемот на странските државници при нивните посети на Република Македонија. Организирањето на бизнис-форумите и средбите со бизнисмените беа секогаш дел од мојата меѓународна агенда.










