| Свечена академија по повод 100-годишнината од раѓањето на академик Михаил Петрушевски | |
|
|
Почитуван претседателе на Македонската академија на науките и уметностите,
Во годината кога славиме две децении од независноста на Република Македонија, одбележуваме и еден век од раѓањето на академик Михаил Петрушевски, еден од стожерните личности на македонската наука и култура на 20 век. Тоа истакнато место, тој го заслужи благодарение на својата научна работа, но исто така и како човек од јавниот живот, во прв ред во областа на високошколското, универзитетско образование кај нас.
Како научник, Петрушевски рано се издвои со своите врвни квалитети, не само во македонската, туку и во светската наука. За неговите откритија во микенологијата се расправаше на светските конгреси, за неговите емендации во Аристотеловиот спис „Поетика“ доби признанија и од експерти во странство. Во нашата средина, неговите научни постигања поставија високи стандарди и параметри, според кои се мерат вредностите, не само во класиката, туку и во многу други општествени науки кај нас.
На нашата универзитетска јавност добро и е познато дека академик Петрушевски е еден од основачите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Тој е првиот декан на Филозофскиот факултет со кој започна основањето на Универзитетот.
Пројавувајќи грижа за истражување и негување на тоа наше античко наследство, на едно високо научно ниво, академик Петрушевски го основа Институтот за класична филологија при Филозофскиот факултет на кој веќе 65 години се едуцираат стручни кадри кои ја истражуваат античката култура, воопшто, а посебно улогата и влијанието што таа го има на нашиве простори.
Со својата далековидост, уште на самиот почеток укажува на научните области кои се од стратешки интерес за нашата наука и култура, се залага за изучување на научните дисциплини од исклучително значење за македонскиот народ: национална историја, македонски јазик, педагогија, класични студии, како и за некои природни науки со посебно значење во тоа време.
Како класичен филолог по образование, тој имаше посебен осет за значењето на таа наука за нас, овде во Македонија, на почвата каде што античката култура оставила длабоки траги и со тоа станала неизбришлив дел од нашиот културен идентитет.
Неговото дело е особено важно денес, кога живееме во период кога глобализацијата забрзана со современите технологии го менува светот, ги поврзува културите, но и придонесува многу јазици и култури да паднат во заборав. Се разбира, македонскиот јазик не е загрозен, но тоа не претставува оправдување за негрижата кон сопствениот јазик. Верувам дека постојат добри причини за тоа. Некои велат дека македонскиот јазик не е доволно богат, дека му недостасуваат многу зборови. Тоа е така во техничките, технолошките и информатичките области. Но, не и за секојдневниот збор. А токму, Михаил Петрушевски, ни го дава најдобриот аргумент во оваа насока.
Со едно развиено чувство за националните вредности, тој рано се зафати со преводи на македонски јазик на најголемите литературни споменици на античката литература - Хомеровите епови „Илијада“ и „Одисеја“. Ќе дадам само еден пример. Набројувајќи ги тројанските сојузници, вака Петрушевски од старогрчки ги преведува Хомеровите стихови од списокот на корабите:
„Тројанците тога ги водел великиот вртишлем Хектор,
Од пелазгијските родој копјанички вожд бил Хипотој;
А криволаките Пајонци пак си ги водел Пирајхме ,
Умешноста со која го изведе тој преведувачки потфат придонесе за самопотврда на изразните можности на македонскиот јазик, но и за неговата афирмација во светот. Што е ова, ако не пример за исклучително чист, богат и лиричен македонски јазик. Пример кој сите ние треба да го следиме. Верувам дека со тоа ќе го оствариме и заветот на академик Петрушевски и ќе го унапредуваме македонскиот јазик.
На тоа нè обврзува неговото дело, нè обврзуваат нашите предци но, пред сè, нè обврзуваат генерациите коишто доаѓаат, а на кои треба да им го предадеме живиот и единствен македонски јазик.
Ви благодарам.
|












