Обраќање на Свечената академија по повод 11 октомври, Денот на македонското народно востание
Понеделник, 10 Октомври 2011   

alt

Почитувани,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Нашата татковина, Македонија, слави две децении од својата независност. Македонија слави и седум децении од народното востание кое доведе до АСНОМ – темелот на македонската државност.

Дозволете ми, од името на граѓаните на Република Македонија,  да им изразам вечна благодарност на сите кои во Народноослободителната борба учествуваа во остварувањето на сонот за слободна Македонија. Дозволете да им искажам врвен пиетет на сите што во НОБ ги дадоа своите животи за нашата слобода.

Cакам да ве замолам, сите заедно да им оддадеме почит на жртвите на оваа во нашата историја незапаметена војна, на сите борци и сонародници кои ги дале своите животи, со минута молчење.

Слава им.

По нападите на силите на оската, слободољубивите народи од целиот свет, масовно застанаа во борба против фашизмот. Таа борба против фашизмот се случи и во Македонија. Македонските партизански одреди и Комунистичката партија на Македонија се едни од првите организатори на борбата против окупацијата. Но, успехот на НОБ, нејзината масовност, нејзината универзалност, и припаѓа на цела Македонија. Борците исто така беа водени од идеалот за национално самоопределување и за создавање на слободна македонска држава. Затоа, денеска се поклонуваме пред нивната жртва. Се поклонуваме и пред делата на сите оние кои чесно и искрено во годините по војната придонесуваа за изградбата и за напредокот на новата македонска република.

Во статијата „За што се бореле Македонците и за што се борат сега“ објавена на 15 септември 1941 година  меѓу другото се вели:

„...сега, во оваа најголма војна, кога цела Европа се наоѓа во пламен и возбуда за тоа што ќе биде утре... и ние Македонците не можеме да останеме по страна од тие збиднувања и да не заземеме свој став. За слободна Македонија се бореле нашите дедовци, татковци, се бориме и ние! Ама ние мора да бидеме свесни дека со бестрашна борба сите ќе бидеме обединети и сложни против непријателите на слободата на нашиот народ и на слободата на самоопределување на сите народи. Секој човек има право на живот, исто така и секој народ има право на живот. Ако го нема, треба да се избори за истото. Македонскиот народ ќе биде слободен, ако во својата земја сам биде господар на сопствената судбина, ако биде господар на плодовите од својата работа!“

Почитувани присутни,

11 Октомври го прославуваме како ден кога во 1941 година започна народното востание. Сепак, желбата и борбата за слобода започна пред тоа. Македонскиот народ, не последен, туку меѓу првите во тогашна Југославија ги започна своите вооружени акции против окупаторските воени и полициски сили на Третиот Рајх и нивните сојузници. За тоа, впрочем, зборуваат и историските факти.

На 20 јули 1941 година е формиран Скопскиот одред. На почетокот на септември на планината Славеј се формирани одредот „Славеј“ и одредот „Дримкол“. На 17 септември се формира Прилепскиот одред „Гоце Делчев“, а на 12 октомври и Кумановскиот одред.

Познато е дека партиските организации на Скопје, Велес, Прилеп, Битола формирале посебни диверзантски групи, кои му задавале големи маки на окупаторот. Една од првите диверзантски акции беше уништувањето на германските авиони на аеродромот во Скопје на 4 јуни 1941 година. Следува августовската диверзија во рудникот Радуша за земање екслпозив, судирот кај тунелот Богомила.

Надоврзувајќи се на храбрите борбени дејства кои претходеа, ноќта на 10 спроти 11 октомври 1941 година, борците на Првиот прилепски партизански  одред „Гоце Делчев“ извршија напад на бугарската станица во градот, на прилепскиот затвор и на телефонско-телеграфската мрежа. 11 Октомври подоцна стана симбол на востанието на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор.

Преку Народноослободителната борба, Македонија и македонските партизани станаа дел од големата и праведна сојузничка коалиција која се бореше против злото на фашизмот и нацизмот.

Од таа борба се роди и Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија – АСНОМ, кое ги удри темелите на македонската државност. Тоа го потврди и Панко Брашнаров, кој на отворањето на заседанието рече: 

„Кога сите поробени народи на Југославија се дигнаја против денешниот непријател на целото човечество - фашизмот, и македонскиот народ се нареди во таја борба. Тој во неа виде возможност да ја помогне општата борба на сите поробени народи и целото слободољубиво човечество и да го оствари својот вековен национален идеал.“

Почитувани сограѓани,

Одбележувањето на 70-годишнината од почнувањето на Народноослободителната борба доаѓа во период кога, како општество, сме длабоко навлезени во дискусија за историјата и за разните погледи и толкувања врз неа. Оваа дискусија, секако, произлегува од упорното поставување прашања кои произлегуваат од историјата, а на патот на нашите евроатлантски интеграции ги поставува соседна Грција. Грција сè уште не е во можност да ја тргне оваа бесполезна дискусија на страна и на дело да покаже дека има искрени намери со агендата 2014 и целиот Балкан да биде интегриран во Европската унија.

Некои велат дека овој притисок нè наведе самите да појдеме на пат на преиспитување на минатото. Јас велам дека станува збор за подобро запознавање со минатото, имајќи предвид дека многу личности, настани и цели епохи, кои живееја и живеат воalt нашата колективна свест, сепак ни беа скратувани или преработувани во согласност со актуелните потреби низ годините. Затоа сметам дека е добро што имаме отворена дискусија и нов пристап – еднакво и целосно празнување и славење на сите личности и настани, кои тоа објективно го заслужуваат.

Една од дискусиите кои притоа се наметнуваат, една од според мене неиздржаните тези, е онаа за некаков конфликт на личности и настани од нашата историја, кои не егзистирале ниту во приближно ист период.

Тезата е дека со празнувањето на едни личности и на едни епохи, некако се намалува придонесот на другите. Ова е  навистина несериозен пристап. Како што денеска, со полн пиетет и гордост, сме собрани да им оддадеме должна почит на борците од Народноослободителната борба, на луѓето, мажи и жени, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, христијани, муслимани, Евреи, кои кренаа оружје вo рака во борба против фашизмот, така утре ќе одбележуваме други празници, верски, национални, наднационални. Секоја држава, секое општество, е исклучително комплексен организам и во него  има место за сите.

Ние ги славиме луѓето зависно од нивниот придонес кон придвижувањето на земјата и нејзините луѓе напред, како примери на своето време, како луѓе кои се истакнале со своето знаење, храброст, визионерство. Делото на хероите од древното минато, од средновековието, од годините на националните борби во 19 век, на борците од 2001 година, може да се одбележува слободно и со тоа, воопшто, не се намалува или поткопува славењето на хероите од НОБ.

Напротив, празнувањето на широкиот контекст на македонската историја, дава дополнителна слава на вториот Илинден. Тоа ја става борбата против фашизмот, борбата за независна Република Македонија, во еден поширок контекст, како достоен и рамноправен дел на една вековна борба за слобода на Македонците, на сите луѓе кои живееле на овие простори.

 
Периодот на националното будење на Балканот, на распадот на империите е, секако, период на будење и на националното ривалство и омраза. Но, сите дотогашни судири меѓу балканските народи бледнеат во споредба со злосторствата извршени во Втората светска војна.

Дами и господа,

Големата војна е време кога, во борбите да се освои и да се задржи Балканот, окупаторските сили вршеле пресметани и ладнокрвни калкулации како да се поттикне омраза меѓу овдешните жители. Како да се испровоцираат и подвлечат разликите на етничка, верска линија, разликите меѓу класите, меѓу градовите и селата, сметајќи дека така ќе се постигне трајна и стабилна контрола. Последиците од оваа политика живеат со нас, на просторите на Балканот, и ден денес, и бевме сведоци дека во некои соседни држави повторно  избувнаа со истата жестокост.

Во Македонија, трајна вредност на нашата борба против фашизмот е што во неа учество земале сите етнички заедници во земјата. Што нашата традиција на соживот, навистина притисната под налетот на мрачни времиња и уште помрачни идеологии, опстојала на предизвикот и не се скршила. Тоа што ние денес, можеме да живееме заедно, се должи на цврстината на нашите предци кои не ја преминале линијата и не дозволиле оваа почва да биде затруена со омраза.

 
Македонија, во Втората светска војна, од окупацијата, доживеа и една неискажлива трагедија. Масовното апсење, прогонство и убивање на Евреите од Македонија, на над 7.000 мажи, жени, деца и старци, е најголемото злосторство извршено на овие простори, кои виделе разни освојувачи и злосторства, но не и такво зло. Оваа неразбирлива загуба на нашите соседи, пријатели, другари од детството, соученици, колеги од работа, нашите лекари и учители, на толку голем број обични секојдневни луѓе, за нас е едноставно ненадоместлива.

Масовното учество на македонските граѓани во борбата против фашизмот, упорноста да се поразат вооружените сили на ова зло, покажува дека нашите предци ја разбрале суштината на оваа нечовечна идеологија и разбрале дека, ако оваа борба биде загубена, тоа нема да биде само уште една окупација, туку дека тоа навистина ќе биде крај на сè што значи човечност на овие простори.

Почитувани сограѓани,

Денес нашата генерација има своја исто така праведна мисија, заедно сплотени да ја градиме Република Македонија, како демократска и економски напредна држава, во која ќе се негуваат вредностите на сите кои живеат на овој простор. Наша мисија е Република Македонија да ја внесеме во големото европско и евроатлантско семејство на држави, со сето достоинство кое ни следува. На тој наш пат се соочуваме со препрека.

 
Нè прашуваат: „Што ќе правите, Грција ве блокира, неправедно е тоа, но тие имаат право на вето?“

Ние одговараме: „Државата ќе продолжи со реформите. Државата ќе продолжи со развојот на економијата. Државата ќе продолжи со севкупниот развој! Ние ќе стигнеме до стандардите и до критериумите на Европската унија со своите сопствени сили, а кога ќе дојде формалното членство, сите ќе знаат дека целосно сме го заслужиле.“

 
Некои ни велат: „A што со меѓуетничките односи?“

Ние одговараме: „Тие се силни, цврсти, втемелени на почит и толеранција. Нашите сонародници, нашите граѓани од сите етницитети и вери, најдобро знаат кои се интересите на Македонија.“

 
Други ни велат: „Да, но ќе ви биде тешко, одберете го патот на попустливоста пред силата, наместо неизвесната борба.“

Ние одговараме: „Ако го направевме тоа во 1903, прашање ќе беше дали ќе имаше 11 октомври 1941. А ако овие храбри луѓе не се кренеа на востание за слобода на тој голем ден, немаше да има прашање дали ќе формиравме држава и дали ќе го имавме АСНОМ. Одговорот ќе беше НЕ. Ние веруваме во силата на правдата и правото, а не во правото на силата.“

Ме прашуваат што ќе правиме, ако во догледно време не постигнеме решение. Им одговарам дека прашањето за членство на Република Македонија во Европската унија и НАТО не е дали, туку кога. Се разбира, подобро е порано отколку подоцна. А до тогаш, деноноќно ќе работиме да станеме членка по стандарди, вредности и критериуми, а не по уцени и ултиматуми. По ова и формалниот прием ќе биде лесен.

Голем е бројот на оние кои со години нè негирале, ни го проблематизирале името, идентитетот, јазикот. Не ми е јасно како е можно и денес, во 21 век, некој да има такви идеи. Не ми е јасно како некој сè уште не може да го види тоа што е толку јасно и очигледно: тука сме, постоиме, знаеме кои сме и што сме, и светот нема проблем со тоа.

Никој и никогаш, со ништо, нема да може да му наштети на нашето уставно име, нашот идентитет, на тоа што сме. Не ни треба ни признание, ни потврда за тоа што сме. Сме биле и ќе бидеме Македонија. Сме биле и ќе бидеме Македонци. Оспорувањата и негациите не можат да го сменат тоа.  Ќе ги реализираме целите. Ќе имаме членство и во Европската унија и во НАТО. И таму ќе бидеме тоа што сме. Друга опција не постои.

Почитувани присутни,

Деновиве ќе го добиеме извештајот. Европската комисија е наш пријател, a пријателите мора да бидат во допир со реалноста. Жестоко реагирав минатата година, жестоко ќе реагирам и сега, ако се повтори негација на реалноста, на употребата на придавката македонски за јазикот и на другите одредници за македонското општество. Станува збор за достоинството на сите граѓани на Република Македонија.  Едноставно нема, никогаш и за ништо, да ги ставиме во залог овие врвни македонски вредности.

За докрај да истраеме во одбраната на нашите вредности, мора да ги оставиме на страна дневнополитичките поделби и недоразбирања. Мора да се обединиме околу заедничките благородни вредности, интереси и цели. Мора да бидеме сплотени, како што беа сплотени нашите предци во борбата за слободна Македонија. Со тоа најдобро ќе го исполниме заветот кој ни го оставија нашите херои од Народноослободителната борба. Со тоа и овој светол празник на борбата и непокорот ќе ја постигне својата вистинска цел – да биде гласник кој ни ја пренесува пораката од оние кои се изборија за слободата која ја живееме денес.

Нека ни е вечен Денот на народното востание против фашизмот!
Нека ни е вечна слободата!
Да живее Република Македонија!



  Back<<Назад