Обраќање на претседателот Иванов на свечената академија по повод 8 Септември, Денот на независноста
Среда, 07 Септември 2011   

alt

Почитувани граѓани на Република Македонија,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Секое големо достигнување, пред да се оствари е само сон.

Независна, суверена и слободна Македонија беше сонот на генерации и генерации  наши претходници. Дозволете ми, на самиот почеток, од името на сите вас, да им изразам благодарност, голема благодарност, на сите кои учествуваа во остварувањето на тој сон, создавањето на независноста на Република Македонија. Остварување на стремежот да имаме своја, суверена и самостојна држава, Република Македонија. Дозволете да им искажам благодарност на сите што ги дадоа своите животи за нашата слобода, на сите што придонесоа за воспоставувањето на демократијата  во Република Македонија.

На овој свечен ден меѓу нас се и некои од истакнатите активни дејци, кои работеле и сè уште работат за доброто на Македонија. Затоа, ве повикувам да ми се придружите со аплауз да ги поздравиме и да им се заблагодариме за сè што направија и за сè што прават за Македонија.

Со овие громогласни аплаузи ние, уште еднаш, ги поздравуваме и нашите спортисти кои во овие празнични денови ни донесоа  големи победи, но и голема радост. Тие најдобро покажаа дека, со искрена желба за победа и со упорна работа, независно од тоа дали некој нè потценува, омаловажува или навредува, ние можеме да победиме секого, секаде и секогаш.

Драги сограѓани,

Утре нашата татковина, Македонија, слави две децении од својата независност. Слави две децении од животот во слобода и демократија. Децата кои се родија со раѓањето на независноста на нашата татковина, меѓу нив е и мојот син, денес се веќе млади луѓе, подготвени за сите предизвици што ги носи животот. Исто, како што за тоа е подготвена и нашата Македонија.
   
Тие млади луѓе, израснати во независна Македонија, знаат дека општествениот мир, личната безбедност, економскиот и социјалниот прогрес и процут не доаѓаат сами од себе. Знаат дека сето тоа е резултат на постојан напор и постојано интересирање од страна на   народот - избрана, чесна, одговорна и ефикасна власт.  Знаат тоа да го почитуваат и на избори да го наградуваат. Знаат дека сето она што недостасува, сето она што е пропуштено, мора да биде надокнадено со интелект, одговорност и креативност.
   
Ова се денови кога ја славиме нашата независност. Денови кога ја славиме нашата слобода. Но, ова се и денови кога се потсетуваме и на она што си го посакувавме за себе и за своите деца пред две децении. На она што го посакувавме за нашите граѓани, за нашата Македонија. Посакувавме, пред сè, подобар и подостоинствен живот. Посакувавме слобода и демократија. Посакувавме Македонија да биде дел од слободниот свет.
    
Ние, во тој период, очекувавме старите сојузништва и договори, мрежата на стари коалиции и врски, исплетена меѓу порано формираните држави на Балканот и во Европа, да направат место за уште една нова држава. Но, наместо посакуваното, веднаш по независноста, бевме сведоци на некои незамисливи закани, на застрашувања насочени кон нашата безбедност, економска стабилност, нашата иднина.
   
Некои отпори на тој пат можевме и да ги очекуваме, но некои нè изненадија со својата жестокост, непредвидливост и ирационалност. Некои од отпорите и спротивставувањата на создавањето на независната и самостојна држава бргу се истопија, соочени со неминовноста на новата реалност. Некои, сè уште, се обидуваат да го проблематизираат создавањето на Македонија.
   
Уште од стари времиња останало верувањето дека мудрите држави прават сè да помогнат на соседите да бидат заедно со нив подобри. Ние покажавме дека тоа можеме да го направиме. Очекуваме и другите да го сторат тоа.
   
Ова се, исто така, денови кога се потсетуваме и на миговите на малодушност во кои се зборуваше дека не можеме сами, нема да успееме. Овие коментари можеби делумно беа разбирливи тогаш, во тоа време, но не можеме да се помириме дека и денес, 20 години по прогласувањето на независноста, сè уште можеме од поединци да слушнеме вакви оцени.
   
Но покрај сите предизвици, закани и уцени, сепак, јасно се чувствуваше дека нашиот народ не се плаши. Дека кај македонските граѓани, независно од етничката и верската припадност, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци, Власи, христијани, муслимани, Eвреи, струeше енергијата на оптимизмот и исчекувањето да се случи нешто големо. Надежта беше многу посилна од стравот и неизвесноста, и на крајот надвладеа надежта.
   
Верувам дека е особено важно што во тие денови како генерација отстапивме од една погубна филозофија. Филозофија која подразбираше да оставаме некој друг да размислува за нас, некој друг да носи одлуки за нас. Тој проблем, за Македонците, низ текот на годините поминати во Југославија, кај некои поединци беше станал своевиден ментален модел на размислување, кој впрочем создаде пречка за целосно развивање и за промовирање на македонскиот идентитет. Беше потребна огромна храброст за да се дојде до сознанието дека така веќе не се може.  Дека не постои некој друг центар, некое друго место, каде што треба да се бараат инструкции, но и врз кое подоцна може да се префрли вината за состојбата. alt
   
Има една народна мудрост која вели дека народите се како и луѓето. Понекогаш во својот живот мораат да донесат одлука, да избираат меѓу парите или честа. Луѓето вообичаено се определуваат за парите, а ја жртвуваат честа. Потоа некои, не сите, се каат. Во овој контекст е и една изјава на еден голем државник (Черчил) од 20 век, кој велел дека еден народ може да закрепне од политички и воен пораз, може да го надмине и злосторството и сиромаштијата, но кога еднаш свесно прифати понижување, се предаде и се продаде, после тоа, повеќе нема опоравување.
   
Затоа, како што велат борците за независност во многу земји во светот, одговорноста завршува тука, нема понатаму. Самостојна држава мора храбро и одговорно да ги носи своите одлуки и потоа да ја преземе одговорноста за нив. Затоа одговорноста ја имаме ние. Ние кои сме избрани од граѓаните да ја водиме државата. Одговорни сме за судбината и на граѓаните и на државата. Одговорни сме за македонското општество, воопшто, за севкупниот развој и за иднината на Македонија.
   
Почитувани граѓани на Република Македонија,
Дами и господа,

Деновиве можевме да слушнеме и некои коментари дека Македонија не требала да гради триумфална порта затоа што сме немале триумфи во нашата историја. Па, зарем мал триумф е нашата независност? Зарем не е триумф победата над вековните негирања на македонскиот народ?
   
Додека на Балканот се лееја реки крв, Македонија на мирен начин дојде до независност и обезбеди повод не за еден, туку за многу триумфи. Преживеавме и сè уште преживуваме блокади и ембарга, егзодуси и негирања, уцени и закани. Зарем тоа не е доволно за да славиме победа над оние кои постојано и упорно ни застануваа на патот кон напредокот?
   
За жал, некои сметаат дека победи се само оние што се извојувани на бојното поле. Историјата нè учи дека најголеми и најзначајни се оние победи до кои се доаѓа во мир, победи во економијата, во науката, во образованието, во културата, во спортот. Минатото на човековата цивилизација е полно со рушевини на деструктивци. Победи се градбите, духовни и материјални, кои ги создаваат иновативци и креативци.
   
Исто така, нè обвинуваат дека наместо победите сме ги славеле поразите. Според некои дури и Илинден 1903 не треба да го славиме! Апелирам до сите оние кои не ги препознаваат напорите на илинденците од 1903, на партизаните, на  АСНОМ-ците, на генерацијата од 1991 година. Апелирам на оние кои се сомневаат во нашите историски победи и во нашата големина, да почнат повеќе да се почитуваат себеси. На тој начин и другите повеќе ќе ги почитуваат и нив.

Ценети присутни,

Точно е дека во ерата на глобална политика треба да се консултираме со нашите пријатели кои ги имаме повеќе отколку што мислиме. Но, точно е и тоа дека, како рамноправен член на меѓународната сцена ќе правиме онака како што мислиме дека е најкорисно за Македонија.

Регионот се смени. Војните завршија. Граѓаните од Балканот разбраа што значи војна, а воедно почувствуваа и што значи демократија, слобода и економски развој. Не можеме да очекуваме дека повторно ќе бидат направени погрешните избори од минатото.

Денес, ние ќе бидеме вклучени во жесток натпревар со соседите, во жестока борба, но борба околу тоа кој побргу и подобро ќе го реформира своето општество да обезбеди негово функционирање во служба и во полза на граѓанинот. Кој ќе донесе повеќе странски инвестиции и подобро ќе ја отвори својата економија кон Европа и кон светот. Ќе се натпреваруваме и во спортски успеси.

Почитувани сограѓани,

Македонија направила многу за сите што живееле и живеат на овие простори. И ним и на целиот свет им дала историја, дух, култура и традиција. Но, за да продолжи да дава, неопходно е и ние да $ даваме на Македонија. Љубов, почит, солидарност и човечност, идеи, работливост и упорност, тоа се работите што можеме и мораме да $ ги дадеме на Македонија.

Веќе 20 години живееме во демократска земја со повеќепартиски систем. Но, кога станува збор за националните интереси, за стратешките цели, постои само една партија во која нема поделба на лидери и членови, која не познава делби и тесни интереси. Таа партија се вика МАКЕДОНИЈА! Време е да се обединиме околу единствената заедничка партија - Македонија. Да ги препознаеме нејзините интереси, цели и приоритети, и секој поединечно да се вклучи во нивно остварување.

Време е конечно да ги искорениме перцепциите дека сме мали, обесправени и негирани. Ние сме историска и современа реалност. Имаме своја држава, имаме права и иднина.

Време е да почнеме да се почитуваме меѓу себе. Да престанеме со делбите на стари и млади, на леви и десни, на предавници и патриоти. Да започнеме почитта да ја градиме врз основа на постигнувањето на полето на кое сме активни. И преку натпревар, што впрочем и се изборите,  да дојдеме до најдобрите, до најдобрите идеи, до најдобрите решенија, до најдобрите поединци.

Почитувани,

Првата деценија на нашата независност ја карактеризираа историски одлуки и предизвици, но и бројни грешки и изгубено време и неискористени можности.

Втората деценија беше во знак на поправката на грешките од првата деценија и надополнување на изгубеното време и на пропуштените можности. Втората деценија, исто така,  беше и во знакот на реализирање на обврските произлезени од Охридскиот рамковен договор.
   
Третата деценија е пред нас. Ние немаме време да бараме виновници и носители на погрешни одлуки. Историјата ќе им суди ним. Не можеме да го промениме она што завршило, што се случило, што поминало. Но, затоа можеме да влијаеме на она што доаѓа, она што нè очекува. Верувајте, ни претстои многу работа. Мора да ја трасираме иднината на нашата земја и да ја гледаме Македонија во следните децении. Треба да ја отвориме Македонија, и тоа во секој поглед, како политички и економски, така и инфраструктурно, медиумски и културно. Треба да ги оствариме нашите стратешки цели – членство во НАТО, членството  во Европската унија.

Ова е вистинското време да градиме иднина за младите, но и да градиме млади за иднината.

altДами и господа,

Раскинувањето со економските догми на поранешниот систем бараше темелно преиспитување и менување на начинот на кој функционира економијата. Тоа бараше целосна промена на начинот на размислување и дејствување на граѓаните, преиспитување на дотогаш прифатените правила кои го диктираа секој работен ден, секоја економска организација, преиспитување на улогата на државата и администрацијата во животите на граѓаните.

Македонија мораше да спроведе револуција во оваа сфера. Да ги отстрани слабостите на претходната економија, и да се обиде да го ревитализира и спаси тоа што може да се спаси. Одново на граѓаните да им се загарантира правото на сопственост на земја, на куќи, на дуќани, на сопствениот труд, без постојаната закана дека државата може да го одземе сработеното и стекнатото.

Сведоци сме дека економска политика во социјалистичка Македонија направи голем исчекор од претходните епохи, но сведоци сме и на неброени запустени села, па дури и цели региони. Градовите од тој период беа претворени во предимензионирани индустриски центри кои не можеа да се соочат со отворената конкуренција, без државата да им загарантира пазар и пласман на произведеното. Големите и оптоварени, централно водени системи за образование, здравство и социјала беа клучна одлика на овој систем, чие реформирање беше невозможно. А без таква реформа беше невозможно да се следат потребите и барањата на граѓаните.
   
Транзицијата кон демократијата и пазарното стопанисување беше неизбежна обврска за младата македонска независна држава. Сепак, начинот на кој таа беше спроведена, недоволното разбирање и прифаќање на принципите на слободниот пазар и владеењето на правото, направи транзицијата да трае предолго и да биде непотребно тешка за огромен број наши граѓани.
   
За среќа, денес сме сведоци дека столбовите врз кои треба да почива македонската економија се веќе поставени. Имаме монетарна стабилност. Инфраструктурата што ја наследивме ја унапредуваме и подобруваме, и се трудиме максимално да ја искористиме во функција на економскиот развој.
   
Безбројните регулативи, кои ја задушуваа слободата на пазарот,  значително се намалени. Можеме да бидеме задоволни од резултатите од борбата против корупцијата. Имаме значителни подобрувања во ефикасноста на судството, кое беше еднa од најголемите пречки на нормалното функционирање на економијата. Еден од нашите врвни приоритети е образованието на нашите млади во области кои можат да им отворат сигурно и добро платено вработување.
   
Верувајте, овие напори беа забележани. Сведоци сме дека, иако светот минува низ економска криза која не е видена со децении, сепак Македонија има стабилна економија и успева да привлекува значајни странски инвестиции.

Почитувани сограѓани,

Секој почеток има крај и секој крај има свој почеток. Верувам дека формалното приклучување на Република Македонија кон европското и евроатлантското семејство ќе биде почеток на крајот на сите обиди за негирање на нашето постоење. Ќе отвориме нов хоризонт пред нас, со нова иднина за Македонија.

За тој историски чекор нам не ни недостига ниту храброст, ниту, пак, решителност. Ние ја претставуваме храброста и решителноста на нашите граѓани. Но, граѓаните имаат и лимит, и ние ги слушаме и почитуваме нивните потреби, желби и интереси. Но, на сите оние кои имаат проблем со нашето име, сакам јасно да порачам дека ниту едно решение нема и не смее да влијае врз нашиот идентитет, нашиот  јазик, нашата култура, нашиот устав.
   
Како одговорна генерација со одговорно лидерство бидете уверени дека никогаш и за ништо нема да ги ставиме во залог овие врвни македонски вредности.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Утре е роденденот на нашата татковина Македонија. Роденденот не е само за државата и за нејзините институции. Роденденот е свечен ден за секој наш граѓанин, за секој  Македонец, Албанец, Турчин, Ром, Србин, Бошњак, Влав и за сите други. Утре е роденден за секој христијанин, муслиман, Евреин. Сите ние сме оние што овој ден треба да го направиме празник. Ден за гордост, ден за достоинство, ден за самопочит. Утрешниот ден нека биде ден за љубов кон нашата татковина Македонија. Утрешниот ден, 8 Септември, нека биде ден кога со гордост ќе си споменеме за сите наши предци и за нашето  минато, но и ден кога во недоглед ќе ја гледаме нашата иднина.

Среќен роденден татковино!

Си била и ќе бидеш Македонија!

Да ни е вечна и вековита Македонија!

Да живее Република Македонија!
 

  Back<<Назад