| За уметност и помирување потребна е храброст - Обраќање на претседателот Иванов на 9-тиот УНЕСКО самит на шефови на држави од Југоисточна Европа во Виминациум, Србија | |
|
|
Дозволете ми да го изразам моето големо задоволство што денес имам можност да го поздравам овој еминентен собир кој уште еднаш го подвлекува значењето на УНЕСКО, анимирајќи ја светската интелектуална и политичка елита, како и медиумите. Задоволството е дотолку поголемо бидејќи иницијатор на овој вид состаноци е токму Република Македонија. Во 2003 година, покојниот претседател Борис Трајковски ја започна оваа серија од состаноци и самити посветени на културата кон која, на наше големо задоволство, ни се приклучија УНЕСКО и Советот на Европа. Сигурен сум дека и годинашниот форум ќе овозможи размена на искуства и на мислења кои ќе ја потврдат нашата заедничка подготвеност за соработка, и нашите заложби да се промовираме како активни чинители во градењето на европската архитектура. Поради тоа му честитам на годинашниот домаќин. Во 2013 година, кога мојата земја ќе претседава со Процесот за соработка на Југоисточна Европа, ќе го одбележиме и првата деценија на овој вид состаноци. Токму затоа, сакам да ја искористам оваа свечена пригода за да ја истакнам желбата и подготвеноста на Република Македонија да биде домаќин на самитот во 2013 година. Верувам дека за тоа постојат повеќе причини. Ценети екселенции, Република Македонија како држава-членка на УНЕСКО секогаш посветувала големо внимание на соработката со Организацијата, посебно во областа на културата и на уметноста како подрачја во кои најдиректно се ослободува и се разменува креативната енергија меѓу уметниците. За нас, културата и уметноста отсекогаш биле ефикасни медијатори во меѓусебното запознавање и почитување на разликите меѓу нашите култури. Особено сме горди на соработката со УНЕСКО на полето на културно - историското наследство на Република Македонија, но и на целиот регион. Токму затоа, дозволете ми да истакнам дека високо ги цениме напорите на УНЕСКО за унапредување на регионалната соработка, со цел - интензивирање на заштитата и на промоцијата на нашето културно наследство, преку нови и креативни пристапи кои овозможуваат континуиран развој. Во оваа насока ќе го споменам и значењето на културниот туризам кој директно влијае и врз економскиот развој на државата. Дами и господа, Република Македонија е земја со долга и богата култура, со фасцинантни, длабоки духовни корени. Таа е земја на археолошки локалитети, земја на духовни светилишта, земја на тврдини и на чаршии, на артефакти со висока историска и уметничка вредност кои го одразуваат духот на македонскиот народ и на македонската држава. Низ долгата и богата историја на македонскиот народ и на етничките заедници кои живееле и живеат на нашиот простор, создадено е непроценливо културно богатство од кое и денес црпиме чувство на идентитет, љубов и почит кон корените и традиционалните вредности.
Токму културната и религиската разновидност на Македонија претставува извор на голем креативен потенцијал и мост кон заемното разбирање, почит и соживот. Оттука, не случајно, нашата држава беше домаќин на првата и на Втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог, преку која покажавме дека само со размена на мислења и на искуства, луѓето повторно ќе го откријат богатството на различностите, на културната размена и на соработката. Потврдивме дека само преку дијалогот втемелен врз целосно меѓусебно почитување и пиетет кон различностите и кон вредностите на другите, може да се зачува мирот, да се следат идеалите на современиот свет. Богатата мултиетничка, мултирелигиска и мултијазична традиција на мојата земја беше причина повеќе за Република Македонија да се кандидира за член на Извршниот одбор, највисок орган на УНЕСКО. Очекуваме позитивно да се потврди нашата кандидатура на 36. заседание на Генералната конференција на УНЕСКО во октомври оваа година. Сакам да ве уверам дека Македонија доследно ќе се залага за натамошно развивање на УНЕСКО, засилување на нејзината меѓународна улога, унапредување на традиционалната соработка со сите држави-членки. Мојата земја ќе се залага за ефикасност во работата и за стимулирање на интелектуалниот и на материјалниот потенцијал во решавањето на глобалните проблеми со кои се соочува човештвото, а кои се во доменот на УНЕСКО. Дами и господа, Навраќајќи се на темата на годинашниот самит, преку апстрактна уметност до балканско помирување, дозволете да изнесам некои мои согледувања. Џон Кенеди во една прилика рекол: „Никогаш не треба да заборавиме дека уметноста не е форма на пропаганда, туку форма на вистината“. А кон таа негова мисла, јас додавам дека токму вистината ослободува од предрасудите и го отвора патот кон помирувањето. Уметноста и помирувањето имаат една заедничка карактеристика, во тоа што секоја уметност бара храброст, исто како и помирувањето. Храброст сфатена не само како подготвеност да се направи првиот чекор, туку и да се прифатат различното мислење, видувањето, погледот на светот и реалноста. Среќен сум што на оваа маса седат лидери на кои не им недостасува храброст, кои со самото учество на овие самити и со многу други работи ја демонстрираат таквата храброст.
Верувам дека тоа е особено случај и со апстрактната уметност бидејќи таа не бара храброст само од уметникот, туку и од гледачот кој е соочен со делото. Уметникот треба да има храброст да понуди поинакво сфаќање на реалноста, а гледачот да ја прифати или барем да не го отфрли неконвенционалниот поглед на реалноста. Апстрактната уметност остава простор за интерпретирање, за различно видување, дури и надвор од културните и од цивилизациските матрици. Му дава можност на секој човек, независно од етницитетот, јазикот и културата, да го пронајде значењето за себе. Верувам дека токму тоа е најголемата моќ на апстрактната уметност – овозможува единство во различностите, единство во различните погледи, сфаќања, разбирања на делото и на пораките. Почитувани, На самиот крај, би сакал да ја изразам својата увереност дека најголемата уметност е да се живее исполнет живот во хармонија со природата и со луѓето, да се има сопствено мислење и да се почитува мислењето на другиот. Отворениот ум создава отворен простор кој на нашиот регион му носи мир, стабилност и благосостојба. Се надевам дека активностите кои ќе произлезат од овој самит ќе придонесат за отворање на умот, а со тоа и на регионот. Големиот предизвик за сите нас, екселенции, е да се живее и материјализира големиот сон на македонскиот национален јунак од 20-от век - Гоце Делчев: Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите.
Уште еднаш му честитам на претседателот Тадиќ. Среќен сум што следната година ќе бидеме гости на нашите пријатели во Босна и Херцеговина, можеби во градот во чија близина згасна животот на мојот голем претходник, претседателот Борис Трајковски, човекот кој ја даде идејата и е најзаслужен за традицијата на овие собири.
|
Почитувани присутни, Ценети екселенции, Дами и господа,










