|
 Говор на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на централниот Комеморијален собир во сеќавање на трагедијата на 7148-те Евреи од Македонија кои во 1943 година беа депортирани и убиени во концентрациониот логор Треблинка.
Почитувани,
Ова се денови кога го одбележуваме Холокаустот на Евреите од Македонија - денови кога пред 68 години дури и Севишниот молчеше. Ова се денови на тага. Денови кога цела Македонија се збогуваше од своите синови и ќерки Евреи.
До неодамна, единствениот гроб на нашите сограѓани, кои веќе ги нема, беа само болните сеќавања. Од утре, Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија ќе биде вечен споменик за 7148-те македонски Евреи. Тоа ќе биде траен спомен на она што остана од жртвите, нивната пепел и сеќавањето за оние кои сме ги изгубиле.
Евреите се длабоко вкоренети во македонската земја, историја, традиција и култура уште од најраните времиња. Раселувани од моќните империи, прогонувани од инквизиторите и потиснувани од погромите, многубројни Евреи токму во Македонија го најдоа својот втор дом. И Романиотите и Сефардите и Ашкеназите. Романиотите токму во Стоби, во Македонија ја изградија својата најстара синагога на Балканот. Сефардите, со мелозвучниот ладино, го збогатија културниот, јавниот и економскиот живот во Македонија. Тука и таму имаше и Ашкенази, кои доаѓајќи од север, го најдоа својот дом во Македонија.
Бидете уверени, Евреите во Македонија никогаш не беа, не се, и нема да бидат ниту гости ниту туѓинци. Заедно со своите сограѓани, Евреите беа, се и ќе бидат дел од македонската историја и култура. Во Македонија, од памтивека луѓето со различна вероисповест се уважуваа и толерираа. Во Македонија слободно делуваа познатите еврејски мислители како Тобит, Меир, Де Тудела, Бен Калонимос... Во Македонија Бога (Јахве) го славеа познатите рабини како Шломо бен Абрахам Хакоен и Јосеф Бен Лев, Иструмица Даниел, Ахарон Абајов...
И, само во еден миг, во еден кобен миг, Македонија ги загуби речиси сите деца на Израел.
 За време на Втората светска војна, територијата на денешна Република Македонија стана плен на Третиот Рајх и неговите фашистички сојузници.
Во 1941 година највисоките органи на бугарските окупаторски власти донесоа многубројни нехумани закони, прописи и одлуки за регулирање на „еврејското прашање“ кои го следеа духот на озогласените анти-семитски Нирнбершки закони од 1935 година. Полни со омраза, цинизам и анти-семитизам, овие документи всушност ги демаскираат расизмот, нечовечноста и нетолерантноста на окупаторскиот режим. Но, за жал, тоа беше само вовед во трагедијата која следеше.
На 11 март 1943 година, согласно договорот меѓу нацистичка Германија и фашистичка Бугарија потпишан од Теодор Данекер и Александер Белев од 22 февруари 1943 година, бугарската армија и полиција ги собра речиси сите Евреи од окупирана Македонија. Тие ја немаа среќата на бугарските Евреи, кои под притисок на јавноста беа поштедени од трагичната судбина. Окупаторот ги лиши македонските Евреи од државјанствата, од имотите, од целата сопственост. Но, пред се, ги лиши од надежта. И, ги прати во неповрат.
Вагон по вагон, воз по воз, трите композициите на железницата ги однесоа македонските Евреи. Ги однесоа од нивните домови, нивните маала и градови. Со тоа, однесоа дел од Македонија. Од 22 до 29 март 1943 година, фашистичкиот окупатор ги депортираше македонските Евреи во гасните комори и печките на Треблинка. Таму, нацистите ги задушија, ги убија и пеплосаа. Со тоа убија и дел од Македонија.
По Треблинка, има само молк. Молк, бидејќи не постојат зборови доволно силни да ја опишат и оплачат трагедијата.
По Треблинка, еврејските домови останаа празни. Еврејските маала пусти, без џагорот на децата. Градовите Скопје, Битола и Штип, останаа со длабоки рани бидејќи изгубија дел од себе, од својата душа. А Македонија изгуби витален дел од своето национално, економско и културно ткиво.
Тоа се рани кои никогаш не можат да се залечат. Рани кои засакогаш ќе останат отворени и болни. И тоа, бескрајно болни. Затоа што раните на душата никогаш не зараснуваат.
Фактите ни говорат дека Холокаустот на македонските Евреи претставува најефективно извршување на „последното решение на еврејското прашање“ во светот согласно Ајхмановиот список и монструозните заклучоци од Ванзенската конференција од 20 јануари 1942 година.
 7,148-те депортирани Евреи кои завршија зад бодликавата жица на пеколот наречен Треблинка, претставуваа 98% од севкупната еврејска популација на окупирана Македонија. Од нив, дури 50% беа деца.
По Втoрата светска војна, германскиот филозоф Теодор Адорно го постави следново прашање: „Можно ли е воопшто да се пишува поезија, да се создава уметност и литература, по Аушвиц, Бухенвалд, Матхаузен?“. А јас на тој список ја додавам и Треблинка.
Сакам да знаете дека за сите нас, Холокаустот е трагедија за човештвото. Секој оној, кој во себе ја негува човечноста дадена од Бога, го доживува Холокаустот како трагедија. Бидејќи, Холокаустот не е дело на човекот и на луѓето. Холокаустот е дело на оние што се откажале од Божјото и од човечноста.
Трагедијата на Холокаустот е дотолку поголема за Македонија поради взаемната посветеност и пријателство меѓу Македонците и Евреите, меѓу Република Македонија и Државата Израел. Пријателство кое се темели врз силно препознавање, разбирање и взаемна поддршка.
Малкумина знаат дека оваа година се навршува еден век од македонско-израелските односи, и тоа во време кога ниту Македонија ниту Израел не постоеја како независни држави.
Верувам дека две епизоди и две личности од нашата заедничка историја се посебно значајни во овој контекст.
Во 1896 година се одржа Солунскиот конгрес на Тајната Македонско-Одринска Револуционерна Организација - ТМОРО, чија активност кулминираше на Илинден, 2 август 1903-та година, кога Македонија се дигна на востание за ослободување од отоманскиот јарем. Еден од учесниците на конгресот беше и истакнатиот револуционер Рафаел Камхи, македонски Евреин од Битола, илинденец кој се бореше за македонската слобода.
Пред точно еден век, во јуни 1911 година, Димитар Влахов, македонски револуционер, борец за слобода и пратеник во Отоманското собрание, одржа говор во коj категорично се спротивстави на настојувањата да им се забрани на Евреите да се вратат назад во својата пра-татковина. Подоцна, Димитар Влахов, заедно со македонскиот револуционер Ѓорче Петров, на средбите со Теодор Херцл и Давид Бен-Гурион зборувале за продлабочување на соработката меѓу Македонците и Евреите на нивниот пат кон создавање независни и суверени држави.
 Затоа, не смееме никогаш да заборавиме дека, како што Рафаел Камхи беше еден од носителите на идејата за слободна и независна Македонија, така и Димитар Влахов придонесе да остане отворен патот за идното формирање на Државата Израел. Со тоа, Македонија им се оддолжи на Евреите за нивниот вековен придонес.
Во периодот меѓу двете светски војни, многу Евреи од Македонија беа носители на идејата за повторно воспоставување на еврејскиот дом на територијата на нивните исконски корени. Оние кои останаа во Македонија и ја преживеаја монструозноста на Холокаустот, беа дел од Народно ослободителната борба во Македонија. Имињата на генералот Бено Русо, на народниот херој Естреја Овадија - Мара, на првоборците Жамила Коломонос - Цвета, Роза Камхи Русо, на борците Шами Мориц, Виктор Пардо, Аврам Анаф, Ели Фраџи, Јосеф Песо, Мордо Тодолано, Нисим Алба, Арон Ароести, Естреја Леви, Самуел Садикарио, Алберт Касорла, Алберт Русо, и многу други македонски Евреи, засекогаш ќе бидат врежани во нашата меморија.
Со огорченост можам да констатирам дека денес во светот има демагози кои го негираат Холокаустот. Со негирањето и заборавот на Холокаустот, оставаат простор злото да се повтори. Има некои кои го негираат правото на постоење на Државата Израел. Ваквите негатори имаат слични на себе кои го оспоруваат правото на постоење и на други народи и држави. Кој е тој што некому му го негира или признава правото на постоење? Од каде произлегува таа сила? Дали воошто се работи за сила или е пак тоа израз на страв и чувство на длабока нетрпеливост кон поинаквите и различните?
Затоа, сакам јасно да порачам - светот не смее да заборави дека формирањето на Државата Израел, меѓу другото, беше и израз на подготвеноста и решеноста да не се допушти Холокаустот да се повтори. Израел постои, има право да постои и ќе постои.
Незамисливото и понатаму останува возможно. Незамисливото се случуваше пред а и по Холокаустот. И, секој пат, со иста умисла. И секој пат, жртвите беа затечени, вџашени и несвесни за она им се случува. Секој пат, се повторуваше истиот пеколен круг во кој жртвите беа најпрво обвинувани, потоа дехуманизирани и, на крајот, уништувани. Методите се разликуваа, од маршеви на смртта, преку гасни комори, куршуми и мачети, но, целта на ваквите злосторства беше секогаш иста. Независно од тоа дали беа изгладнувани, задушувани или касапени, целта на ваквото злосторство над злосторствата беше секогаш иста - истребување на етнички, расни и религиски групи, цели народи и популации.
 За многумина, Холокаустот на Евреите претставува истовремено најсурова и најреална метафора на 20-от век. Метафора на човековото лудило кое води до масовни убиства, злосторство кое се до Рафаел Лемкин немаше ниту име. Стоеше безимено бидејќи никој не веруваше дека е можно. Но, многупати се покажа дека геноцидот како зла сенка го прати човештвото. Дури и денес.
Затоа, на крајот, дозволете ми да се присетам на една голема вистина која ја изрече почитуваниот Ели Визел: „Секогаш мора да одбираме страни. Неутралноста му помага на угнетувачот, никогаш на угнетуваниот. Молкот го охрабрува мачителот, никогаш мачениот.“ Затоа, кога станува збор за човековото достоинство, човековите права и слободи, човештвото никогаш повеќе не смее да стои на страна и да гледа како неговите деца се угнетувани.
Човештвото не смее да дозволи ваквите ужаси од минатото да ја затемнат нашата иднина. Затоа, не смее да се заборави, за да не се повтори. На тоа обврзуваат нашите сограѓани Евреи кои веќе ги нема. На тоа обврзува споменот за милионите кои исчезнаа во пламенот на концентрационите логори. На тоа обврзува човечноста!
Никогаш да не се заборави! Никогаш да не се повтори!
Без помнење, нема иднина. Тоа е пораката што на јазикот Ладино ја донеле Сефардските Евреи во Mакедонија:
SIN MEMORIA, NO AY AVENIR
Шалом, шалом.
|