 Почитувани. Ќе бев среќен, како и сите Вие, ако денес Тоше беше овде и тој лично го примеше овој орден. Но, иако денес не е меѓу нас, тој секаде и секогаш e со нас. Тоше е во нашите мисли и во нашите срца. Неговата музика, неговиот ангелски глас засекогаш ќе одекнува на радиостаниците во Македонија, во нашите домови, клубови и концертни сали. Тој секаде и секогаш e со нас, и затоа, утре ќе го чествуваме неговиот 30-ти роденден. А, родендените се моменти кога го славиме животот, кога им се радуваме на убавите мигови и се присетуваме на добрите нешта. Тоше Проески е човекот кој, како Диоген со фенерот, со музика ја бараше хуманоста во луѓето. Тој е човекот кој не поттикна да започнеме со пишување на нови страници од кои потомците по нас, ќе умеат да ја дознаат вистинската димензија на зборовите: љубов, надеж и верба. Човечноста на Тоше, неговата искрена верба во доброто е преточена во неговите песни, но и неговата желба да им помага на децата, на луѓето, на помалку среќните. Воден од принципот дека „човек секогаш може да биде похуман од тоа што е“, тој го отвори своето срце за сите нас. Не потсети колку е важно да се сакаме и почитуваме, не подучи како да си помагаме. Со своите многубројни хуманитарни концерти и добротворни настапи тој не задолжи да го продолжиме неговото дело. Свесен за длабоката вистина дека секој човек е одговорен кон себе но и кон другите, Тоше знаеше да каже: „Да се направи лошо е многу лесно, да се направи добро е многу тешко“. Поголем од животот, Тоше не им подлегна на искушенијата кои со себе ги носи огромната популарност. Напротив, не менувајќи го својот карактер, тој остана она исто скромно, искрено и спонтано момче кое со својот глас уште од првиот настап ја плени публиката. Полн со љубов кон луѓето, Тоше стана идол на младите и симбол за хуманоста. Со својот пример, овој херој на нашето време беше борец за вистинските вредности во животот. Дарот кој му го даде Бог да шири љубов и разбирање преку музиката, Тоше го искористи за да нé сплоти сите нас, без разлика на кој народ, која вера или генерација им припаѓаме. Омилен меѓу децата, тинејџерите но и возрасните, со своето ведро и насмеано лице Тоше градеше мостови на пријателства. Пееше на македонски, на влашки, на англиски, српски, хрватски, италијански... Од концертните сали и малите екрани до трибините и стадионите, понесуваше таа негова енергија со која го премости јазот меѓу луѓето и народите.
Тоше ја афирмираше Република Македонија и покажа дека таа е храбра и достојна, дека треба да веруваме во неа, да ја сакаме и чуваме и промовираме со достоинство. Со своите несебични заложби Тоше Проески уште еднаш не направи горди на своето минато и решителни за својата иднина. И покрај огромната стекната популарност и покрај нашите очекувања дека македонската и балканската ѕвезда ќе стане и светска ѕвезда, Тоше никогаш не ги заборави своите македонски корени. „Бев многу горд што сум Македонец, надвор од границите,“ знаеше да каже по настапите во странство. Уверен дека Македонија победува со самото тоа што настапува на меѓународните манифестации, овој искрен патриот гордо и достојно ја претставуваше својата татковина, освојувајќи ја публиката каде и да пее.
 Токму затоа, за неговиот искрен и длабок хуманизам, неговите уметнички дострели, неговата обединувачка енергија, денес постхумно му доделуваме „Орден за заслуги за Македонија“. Орденот е признание за неговите овоземни заслуги, но и израз на нашата љубов и почит кон човекот кој не сакаше сите. Со овој чин, Македонија свечено се обврзува да продолжи да го негува сеќавањето за својот голем син, да ја негува неговата уметност и хуманост со која не збогати. Наш завет е и во иднина да испраќаме хумани пораки до човештвото, да градиме мостови од надеж, како што тоа го чинеше Тоше во срцата на сите кои ја имаа заборавено. Делата говорат за постоењето, а продолжувањето на делата на Тоше Проески значи и продолжување на неговото постоење. Утре е неговиот роденден и верувам дека доделувањето орден е симболично и најскромно, додека посветеноста кон негувањето на добрата мисла, намера и дело е вистинскиот дар кој можеме да му го дадеме на Тоше. На човекот кој допре најдлабоко во нашите срца посочувајќи на една димензија на човечноста која, за жал, не ретко ја забораваме. Ви благодарам.
|