Писмо на 20 годишнината на Редакцијата на влашки јазик при МРТВ
Петок, 21 Јануари 2011   


По повод 20 годишнината од формирањето на Редакцијата на влашки јазик во Македонската радио телевизија, Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов го упати следното писмо со честитки -
Денес со гордост го одбележуваме 20 годишниот јубилеј од постоењето и работењето на Редакцијата на влашки јазик при Македонската радио телевизија. Во текот на изминативе две децении, Редакцијата им овозможи на припадниците на влашката заедница преку малите екрани да го негуваат својот јазик, својата култура, своите традиции и вредности, чувствувајќи ја притоа Македонија како својот вистински дом.
Република Македонија е особено горда на влашката заедница која со својата трудољубивост и богата култура претставува нераскинлив дел од историјата на постоењето на нашата држава. Власите се пример на одговорни и посветени граѓани, успешни во сите полиња на општествениот живот. Од борци за слобода и револуционери, па се до хуманисти и уметници со светска слава.
Водена од аманетот кој на Власите им го остави Константин Белемаче: „Целата радост и светлина во домот, за оној што мајчиниот јазик не го заборава!“, Редакцијата доследно ја остварува својата мисија. Мисија која подразбира негување, промовирање и унапредување на влашкиот јазик како суштинска одлика на еден народ. Македонската телевизија беше и сеуште е единствената национална телевизија во светот која емитува програма на влашки јазик.
Со увереност дека Редакцијата ќе продолжи да ја збогатува влашката, а со тоа и македонската културна матрица со нови содржини, емисии и репортажи, и посакувам уште многу децении исполнети со плодна работа.

  Back<<Назад