Доделување на ,,Орден за залуги за Македонија’’ на Н.Е. д-р Ото фон Хабсбург
Вторник, 18 Јануари 2011   


Обраќање на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на свеченоста по повод одликувањето на Н.Е. д-р Ото фон Хабсбург со ,,Орден за заслуги за Македонија’’ за исклучителен придонес во јакнењето на меѓународната положба и углед на Република Македонија и за промоција на европската иднина на земјата со личен ангажман како претседател на Паневропската Унија и член на Европскиот парламент. Во името на Н.Е. д-р Ото фон Хабсбург, Орденот за заслуги за Македонија го прими неговиот син Н.Е. Георг фон Хабсбург, Амбасадор за европски прашања во Владата на Република Унгарија.

Почитувани,

Денес сме собрани да му оддадеме призание на големиот Европеец, на големиот пријател на Македонија, д-р Ото фон Хабсбург.

На конференцијата на Меѓународната Паневропска унија во Охрид во 2007 година, фон Хабсбург изјави: „За пет години ќе имам сто години, и сакам дотогаш Македонија да влезе во Европската унија“. Денес, тој има деведесет и девет години, и неговата желба, за жал, се уште не е исполнета. Македонија се уште не е членка на Европската унија и не ги има отпочнато пристапните преговори за кои е подготвена. Дозволете ми, да ја искористам оваа свечена прилика, да му  посакам многу здравје и уште многу години живот и што поскоро да му се исполни желбата да ја посети Македонија како полноправна членка на Европската унија.


Во духот на неговите славни предци, кои немерливо ја задолжија европската циливизација, Ото фон Хабсбург се стави во служба на идејата за слободна, демократска и просперитетна Европа. Европа обединета во различностите.


По Втората светска војна, Ото фон Хабсбург останува доследен противник на тоталитаризмот. За време на Студената војна, како пратеник во Европскиот парламент и претседател на Интернационалната Паневропска унија, Ото фон Хабсбург го носеше факелот кој им го осветлуваше патот кон слободата на сите оние народи кои се наоѓаа заробени зад железната завеса. Македонија и нејзините граѓани,  се благодарни за посветеноста со која Ото фон Хабсбург, неговото семејство и блиските соработници се посветија на надминување на идеолошката поделба на Европа. По паѓањето на Берлинскиот ѕид, негов основен мотив беше истите да ги внесе во европското семејство на слободни и демократски нации.

Д-р Ото фон Хабсбург е еден од визионерите и архитектите на проширувањето на Европската унија. Воден од темелната идеја на Паневропската унија, единство на сите европски народи во една силна Европа, тој никогаш не ја заборави Македонија, и секогаш и секаде се зазема за таа, како што честопати вели, „мала, но многу заслужна за Европа и притоа стратегиски важна земја.“ „Европа нема да биде целосна без Македонија во неа“, беа зборовите на Ото фон Хабсбург.


Почитувани,

Секогаш кога Македонија се наоѓаше на распаќе, токму Ото фон Хабсбург со својот авторитет ги потсетуваше носителите на одлуки во европските престолнини дека е „европски интерес да се преземе се за да дојде овој народ до мир и да го најде своето место во заедницата на демократските нации.“

Од мугрите на нашата независност, ние се соочивме со меѓународна изолација бидејќи ни беше оспорено правото на сопствено име. Вратите на многу меѓународни организации со години ни беа затворени. Но, тоа не беше случајот со Паневропската унија. Благодарение на д-р Ото фон Хабсбург, Паневропската унија на Македонија беше примена во Меѓународната Паневропска унија за помалку од четири месеци, иако периодот неопходен за полноправно членство е две години. Тој ни ги отвораше вратите и не застапуваше онаму каде не можевме да влеземе. Овој орден е своевидна благодарност и за македонските активисти и поддржувачи на Паневропското движење кои веднаш ја препознаа природната припадност на Република Македонија во ова движење.

Почитувани,

Македонија во д-р Ото фон Хабсбург, гледа голем пријател, докажан и искрен лобист.
Жалам што тој не е во можност и лично да ни се придружи денес, на ова достојно одбележување на неговите заслуги за Република Македонија. Денес ја имаме честа со нас да биде неговиот помлад син Георг Хабсбург-Лотринген од Унгарија, кој е наш голем пријател. Во Австрија не поддржува неговиот постар син Карл, како претседател на Паневропската унија на Австрија. Во Шведскиот парламент, како докажан пријател на нашата земја, интересите на Република Македонија ги брани неговата ќерка Валбурга.

Токму затоа, Македонија е неизмерно благодарна за неуморниот ангажман на д-р Ото фон Хабсбург и воедно горда што го има за искрен пријател и поддржувач. Затоа, во знак на нашата длабока почит кон него лично и кон неговото семејство, имам особена чест да му доделам „Орден за заслуги за Македонија“, кој, во негово име ќе го прими неговиот син Георг.

Ви благодарам.

  Back<<Назад