
Ценети екселенции, Дами и господа, Драги пријатели,
На почетокот на новата 2016 година, тука, од Битола, од градот на конзулите, вам и на вашите семејства ви посакувам многу здравје и радост, а на вашите држави многу успеси и напредок на секој план.
Живееме во интересно време на огромни предизвици. Предвидливоста стана првата жртва на новиот светски непоредок. Глобалната економска криза, продлабочувањето на конфликтите на Блискиот Исток и во Северна Африка и мигрантската и бегалска криза изненадија многу држави и меѓународни организации.
Сепак, не е тајна дека минатото е исполнето со непредвидливи моменти кои го промениле текот на историјата. Тоа е зачинот на историјата што ги поттикнува историчарите да го истражуваат минатото. Затоа, можеби најголемото изненадување денес, кога во светот се случуваат непредвидливи нешта, е што луѓето се сè уште изненадени.
Доволно е да се вратиме четврт век наназад. Крајот на Студената војна, падот на Берлинскиот ѕид, распадот на Југославија беа изненадување за многумина.
На денешен ден, на 22 јануари 1990 година, пред точно 26 години, делегатите од Словенија, Хрватска и Македонија го напуштија 14-от и последен конгрес на Сојузот на комунистите на Југославија. Тоа беше почеток на крајот на федерацијата.
До крајот на годината во Македонија се одржаа првите повеќепартиски демократски избори. По 50 години еднопартиски комунистички тоталитаризам, владејачката партија ги држеше сите конци на моќта во Македонија. Но, и при вакви целосно нееднакви услови, опозицијата однесе победа бидејќи ништо не може да ја спречи идејата чиешто време дошло. Таа идеја за суверена, независна, европска и евроатлантска Македонија процвета една година подоцна, на референдумот што се одржа на 8 септември 1991 година.
Со независноста создадовме нова реалност на Балканот и во Европа. Република Македонија беше изненадување за многумина. Долго време за нас немаше место на масата во глобалните и регионалните меѓународни организации. Честопати се соочувавме со предизвикот да се движиме по необележан пат, каде за нас не секогаш важеле правилата и принципите на меѓународното право. Двојните стандарди, за жал, сè уште се наш постојан придружник.
Не ни беше воопшто лесно. Но, секако дека ќе ни беше многу потешко без пријателите, партнерите и сојузниците кои ни помагаа и кои беа нашиот глас во глобалните и регионални центри на моќта. Ним сме им многу благодарни.
Ценети екселенции,
Годинава одбележуваме и 55 години од донесувањето на Виенската конвенција за дипломатските односи. Конвенција со која е регулирана вашата основна должност како дипломати, а тоа е унапредување на пријателските односи и развивање на стопанските, културните и научните односи меѓу вашите држави и Република Македонија.
Годинава, некои од вас беа на масата каде што се одвиваше дијалогот меѓу лидерите на политичките партии во Република Македонија.
Како претседател жалам што политичкиот дијалог излезе од институционалните рамки. Неодговорното однесување на политичките лидери доведе до длабока политичка криза што ја разниша довербата на граѓаните во институциите на државата. Морам да истакнам дека сум непријатно изненаден и од несериозното однесување и немањето чувство за државност кај некои од лидерите на политичките партии.
Истовремено, благодарен сум за ангажманот на пријателските и партнерски држави. Благодарен сум за заложбите на еврокомесарот Јоханес Хан за спроведување на политичкиот договор, и ја поздравувам подготвеноста на Европската унија да обезбеди целосна поддршка и гарантирање на слободни и фер избори.
Но, имајќи го предвид словото и духот на Виенската конвенција, очекувам кон ова прашање да се однесувате со особено внимание, за вашите добронамерни чекори да не бидат погрешно протолкувани од граѓаните.
Дами и господа,
Зад нас оставаме година на важни крстосници и храбри одлуки. Година кога низ Република Македонија минаа стотици илјади бездомни мигранти и бегалци. Година во која мирот и соживотот беа мета на насилни екстремисти и терористи.
Во услови на досега незапамтен сплет на политички и безбедносни предизвици, одлучно се соочивме со речиси сè што ни донесе годината.
Ја обезбедивме државната граница. Ги зачувавме мирот, безбедноста и сигурноста. Го негувавме заветот на нашите предци и останавме доследни на македонскиот соживот и почитување на различноста.
Самоуверено и одлучно се справуваме со предизвиците. Како држава, изненадивме многумина кои не очекуваа територијално мала држава, како Македонија, да биде толку отпорна и цврста пред заканите. Ја стекнавме довербата и почитта на нашите сојузници кои во Македонија почнуваат да гледаат сè позначаен партнер. Партнер, на кој можат да сметаат.
Се разбира, тоа го постигнавме благодарение на нашите пријатели. Благодарни сме за сета поддршка во справувањето со хуманитарната, но и безбедносната димензија на мигрантската и бегалска криза.
Драги пријатели,
Сите предвидувања се дека тешката 2015 година ќе ја сметаме за лесна во однос на 2016-та. Како што во 2015 година се соочувавме со последиците, така, во 2016 година мора да се справиме со причините за мигрантската и бегалска криза. Крајот на конфликтот во Сирија е само првиот чекор. Неопходен е сеопфатен и координиран одговор на глобалните и регионалните сили што ќе доведе до градење мир, просперитет и благосостојба за регионот на Блискиот Исток и во Северна Африка. Потребно е враќање кон поредокот, преку почитување на меѓународното право и меѓународно преземените обврски. Потребни се лидерство, единство и визија. Потребна е одлучност и одговорност.
Не сме обесхрабрени. Успесите што ги постигнавме ни даваат за право да бидеме уверени дека ќе успееме да излеземе на крај со сè што ќе ни донесе годината. Затоа, на самиот крај, би сакал да го парафразирам неодамна починатиот Дејвид Боуви – не знаеме на каде ќе оди светот, но сигурно нема да ни биде здодевно.
Уште еднаш, посакувам благосостојба и напредок на вашите држави и народи, а вам лично, многу среќа, здравје и успеси.
Ви благодарам.

|