
Почитувани екселенции, Дами и господа,
Долго време сме заложници на една перцепција за Блискиот Исток како буре барут што се заканува да го разнесе светскиот мир и поредок. Парадоксално, контурите на оваа карикатура се исцртани пред неполн век со неправдата извршена кон истиот тој регион што бил користен како монета за поткусурување на туѓите интереси.
Денеска се собравме во Лондон за да постигнеме мир преку правда и солидарност.
По Втората светска војна, Маршаловиот план, меѓу другото, беше израз на солидарност кон разрушената Европа. Денес е неопходен нов Маршалов план не само за разрушената Сирија, туку и за Блискиот Исток. Неопходно е инвестирање не само во патната и енергетска инфраструктура, туку и во човечката, образовна и социјална инфраструктура.
Зошто е ова важно? До 2010 година, просечниот животен век на Сиријците бил 79.5 години. Во 2014 година, животниот век е намален на 55.7 години. Ова е најдобра илустрација за трагедијата што ја снајде Сирија. Ако младите од Сирија и од поширокиот регион немаат надеж дека ќе имаат нормален живот во нивните татковини, тогаш ниту Европа нема да има траен мир.
Затоа, се вклучуваме кон напорите за обновување на надежта во Сирија и во целиот регион за нормален живот ослободен од стравот и од сиромаштијата.
Ценети екселенции,
Во изминатите 13 месеци, низ Македонија, држава со два милиона жители, минаа над милион мигранти и бегалци. Тоа ги чини македонските институции десетици милиони евра годишно. Македонија самата го носи тешкиот финансиски товар поради мигрантската и бегалска криза.
Но, и покрај овој товар, Република Македонија како одговорен и солидарен член на меѓународната заедница во рамките на своите можности ќе придонесе во обновата на Сирија.
Сепак, можеме да помогнеме и на посуштински начин.
Како што Македонија е Истокот на Западот, така Сирија е Западот на Истокот. Со векови сме живееле во рамките на исти мултиетнички, мултирелигиски и мултијазични империи. До пред сирискиот конфликт, нашите две општества го живееле светот на различноста.
Денес, кога и поредокот и различноста се во урнатини, мора да бидеме многу внимателни врз какви темели ќе ја градиме новата Сирија и новиот Блиски Исток. Искуството од Балканот покажа дека наметнатите постконфликтни решенија се тешко одржливи. За народот на Сирија, но и за поширокиот регион е неопходно тие самите да го создаваат политичкото решение кое ќе се темели врз нивната автохтона политичка култура и традиција.
Подготвени сме да го споделиме нацртот од Македонскиот инклузивен демократски модел што подразбира интеграција без асимилација. Веруваме дека македонскиот модел на соживот е здрав темел врз кој можат да се обновуваат довербата и почитувањето на најдлабоките религиски разлики во Сирија и во регионот.
Само така ќе го вратиме достоинството на луѓето од овој регион што со векови бил центар на знаењето, трговијата и цивилизацијата, далеку пред тој центар да се помести кон Западот.
Ви благодарам.

|