Почитувани присутни, Драги пријатели,
Две работи најдлабоко допираат до човековото срце: убавината и страдањето. Но, во овој свет оптоварен со толку многу страдање, нема ништо поубаво и поохрабрувачко од тоа да се види како луѓето несебично им помагаат на оние кои страдаат, на болните и изнемоштените, на ранетите и ранливите, на сиромашните и бездомните...
Денес сме тука за да се заблагодариме на Црвениот крст на Република Македонија што веќе 70 години им служи на луѓето во неволја, и во Македонија, и надвор од неа.
70 години пред основањето на Црвениот крст на Република Македонија се роди човекот што можеби најдобро ја долови мисијата на оваа благородна глобална организација: „Црвениот крст е светлина што го покажува вистинскиот пат низ темнината. Наша должност е да се погрижиме тоа светло да не згасне", рече големиот хуманист и нобеловец Алберт Швајцер.
Тоа е особено важно денес, кога живееме во време на предизвици – и човечки и природни. Време на воени конфликти и климатски промени. Време на прогонети и изгонети, на емигранти и бегалци, кои, додека зборуваме, го искусуваат чувството на загуба на сопствениот дом, на сопствената историја и татковина.
Ако некогаш се правеле пропусти поради незнаење, денес, кога вестите за потреба на луѓето до нас стигнуваат со брзината на интернетот, пропустите најчесто се прават поради одбивањето да се знае. Во таа смисла, незнаењето не е ништо друго освен елегантно име за рамнодушноста кон незаштитените. И додека светот сè повеќе станува виновен поради гревот на рамнодушноста, чувството за одговорност е во опаѓање, а себичните изговори за пасивно набљудување се во пораст.
Токму во оваа темнина, Црвениот крст ни дава зрак светлина. Оваа организација, која е секаде и секому достапна, е изразена низ основните принципи на хуманост, непристрасност, неутралност, независност, доброволност, единство и универзалност.
Благодарение на таа светлина, Република Македонија препородена излезе од урнатините на Втората светска војна и од стихиите на природата.
Благодарение на хуманоста, Црвениот крст ни помага да ги избегнеме стапиците на исклучивоста и на ксенофобијата, и да ги зачуваме и да ги унапредиме придобивките на соживотот, почитувањето и прифаќањето на различноста.
Генерации волонтери на Црвениот крст на Република Македонија веќе седум децении ни даваат пример за тоа како да се однесуваме кон најголемата вредност од сите – човечкиот живот.
Црвениот крст е секогаш подготвен да помогне реактивно, но и да соработува со другите општествени и институционални чинители кои треба да се подготвени да дејствуваат превентивно.
Положувајќи го тестот на хуманоста и пожртвуваноста, Црвениот крст на Република Македонија се стекна со довербата на македонските граѓани, и стана нивна продолжена рака на солидарност.
Драги пријатели,
Воопшто нема да претераме ако кажеме дека со секој хуман гест, со секоја подарена капка крв, со секој споделен оброк, со секој спасен човечки живот, Црвениот крст ја прави Република Македонија подобро и подостоинствено место за живеење.
Затоа, ми претставува чест, како Претседател на Република Македонија, во името на сите македонски граѓани, со оваа Повелба на Република Македонија да му се заблагодарам на Црвениот крст затоа што, со сè што прави, ни ја враќа надежта во човечноста.
Ви благодарам.

|