Почитувани присутни, Дами и господа, Браќа и сестри,
Чест ми е да ве поздравам во нашата заедничка татковина, Република Македонија.
Македонската дијаспора секогаш давала големи луѓе. Еден од нив е и македонскиот револуционер, новинар и публицист, Ангел Динев. Во 1935 година, пред точно 80 години, Динев започнал да го издава неделникот „Македонски вести", кој одиграл многу значајна улога во ширењето на идеите за слободна и самостојна Македонија.
Меѓу бројните текстови, еден е целосно посветен на улогата на македонската дијаспора.
Во оваа своевидна декларација за дијаспората, Динев вели дека дијаспората треба да ги култивира кај своите сонародници македонската самосвест и македонското национално самочувство, во чии души треба да поддржува љубов спрема татковината... Дијаспората треба да го развива чувството на заемна љубов и самопомош меѓу своите сонародници. Да ги чува македонските обичаи, песни и умотворби... Да ги велича и да ги цени високиот идеализам и подвизите на своите татковци и дедовци... И, со сè што прави, да создава пријатели на Македонија.
Драги пријатели,
Денес сме тука за да им се заблагодариме на пет организации кои го исполнуваат заветот на Динев.
Ансамблот „Македонка" го прошири македонското оро во Канада и пошироко. Многу добро се сеќавам на прекрасните ора што ги игравте пред две години, во црквата „Св. Климент Охридски" во Торонто кога бев во посета на пријателска Канада. Со вашата игра вие целосно го доловивте македонскиот дух на непокор.
Тука се и членовите на Австралиско-македонскиот театар од Сиднеј, кој со автентични македонски драми секогаш успева да адресира важни општествени теми и да пренесе значајни пораки и за Македонија и за Австралија.
Охридското социјално друштво од Мелбурн останува доследно на заветот на големиот лекар на душата и на телото – Св. Наум Охридски. Со вашите инвестиции во здравството, вие секогаш им помагате на сонародниците од Македонија.
Со нас се и претставници на Македонско-француската асоцијација, која веќе цела деценија го негува делото на големиот Блаже Конески и го утврдува македонскиот јазик како наша единствена комплетна татковина.
Културното и спортско друштво „Преспа-Бирлик" од Шведска само по себе е сведоштво за мултиетничноста на македонската дијаспора, за придобивките на македонскиот модел на соживот и почитување и прифаќање на различноста.
Сите вие сте живата врска на Македонија со светот. Вие сте наши амбасадори на полето на културата, уметноста, образованието, добротворството и спортот.
Секој ваш успех е и успех за Македонија. Колку поуспешни поединци, толку поуспешна Македонија.
Затоа, како претседател на Република Македонија во името на македонските граѓани, но и во мое, лично, име сакам да ви се заблагодарам за сè што правите за Македонија. А Македонија памети, препознава и вреднува.
Затоа, со Повелбата на Република Македонија ви се заблагодаруваме и, воедно, ве покануваме и вас и целата дијаспора да соработуваме и да се сплотуваме. Да бидеме пример за оваа и за идните генерации.
Дами и господа,
Започнав со Динев и со него сакам да завршам. На едно место во декларацијата за дијаспората, тој предупредува дека „со распокинати сили, во натегната атмосфера, при заемна недоверба... самите си нанесуваме штета едни на други..."
Овој опис, за жал, премногу потсетува на атмосферата во која денес сè уште се наоѓа Република Македонија.
И македонската дијаспора е загрижена за оваа состојба, бидејќи, сè што се прави во татковината неминовно се рефлектира и на дијаспората. Не смее да се заборави дека Република Македонија не е само држава на македонските граѓани што живеат во неа, туку и татковина на нејзината дијаспора што живее надвор од неа.
Сакам да знаете дека, како што сме одговорни и пред граѓаните, така сме одговорни и пред дијаспората, која и во најтешките мигови за Македонија била тука, и секогаш ќе биде тука за нас. Верувам дека ќе ја искористите секоја можност за да помогнете и во овој период на предизвици. И дека сплотени ќе продолжиме да ја остваруваме заедничката визија – со тимска работа да ја направиме Македонија подобро место за живеење.
Ви благодарам.

|