Македонската економија е отворена за привлекување странски инвестиции - Обраќање на Форумот Кран Монтана во Дакла, Кралство Мароко
Петок, 13 Март 2015   

kran_montata_MarokoПочитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Како Претседател на Република Македонија, чест ми е да бидам денес со вас, на форумот „Кран Монтана" во Дакла. Ова е форум за градење доверба и отворена дискусија на важни и актуелни теми. Живееме во свет во кој сме упатени да соработуваме и да разменуваме, не само материјални добра, туку и идеи, вредности и искуства.

Му честитам на амбасадорот Жан Пол Картерон за сето она што го прави за Европа, Африка и за светот. Му честитам за визијата и решителноста преку дијалог, соработка и економски врски да бара соодветни решенија за отворените прашања, кои ќе бидат во согласност со времето во кое живееме. Му честитам што на предрасудите и стравовите им приоѓа со отворени очи и отворен ум. Му честитам за неговата посветеност кон сите предизвици со кои се соочува Африка. Обврска на Форумот Кран Монтана и нејзините учесници е да бараат и да нудат решенија за предизвиците и на овој континент, кој со векови бил соочен со нечесен однос кон него.

Ценети екселенции,

Ниту Европа, ниту Африка не се затворени, туку отворени светови. Отвореноста овозможила преплетување на различните култури и цивилизации и нивно меѓусебно збогатување и во Европа, и во Африка.

Отвореноста ни овозможи и нам, во Македонија, да создадеме автентична симбиоза на источните и западните вредности. Живеејќи во отворен простор, нашите предци развија традиција на соживот и почитување, и прифаќање на различноста во сите сфери на живеењето – културата, економијата, политиката.

Останавме доследни на наследството на предците. Денес, Република Македонија води надворешна политика на отвореност кон сите кои со нас сакаат да соработуваат. Тоа го правиме и во политиката и во економијата. Ние ѝ припаѓаме на Европа, но и на светот во кој имаме свои пријатели. Нашата стратегиска цел е членството во НАТО и во Европската унија, но не се откажуваме од продлабочување на соработката со сите добронамерни држави.

Истото важи и за македонската економија која е отворена за странските инвеститори. Со напорни реформи, во услови на глобална економска криза, успеавме да создадеме поволна бизнис-клима за странски инвестиции. За тоа зборуваат и глобалните извештаи. Според извештајот на Светската банка „Doing Business", неколку години по ред Македонија е најдобар реформатор во Југоисточна Европа и трет најдобар реформатор во светот. Македонската економија во 2014 година имаше втор најдобар резултат во Европа со раст од околу 4 отсто. Македонија беше на трето место во Европа во 2013 година и во 2011 и 2010 година. Падот на економијата во кризниот период од 2009 до 2012 година беше најмал од сите земји во Југоисточна Европа. Сето тоа се должи на нашата отвореност и непосредност.

Непосредниот контакт е незаменлив. Затоа, ме радува што денес со мене се истакнати бизнисмени од Македонија кои ќе ги разгледуваат можностите за соработка со бизнис-заедниците од Мароко.

Но, отвореноста е невозможна без доверба. Една од главните теми на годинешниот форум е и унапредување на дијалогот меѓу Африка, Магреб и Европа. Сметам дека ова е дел од една уште поголема приказна – дијалогот меѓу религиите, културите и цивилизациите.

kran_montanaДами и господа,

Повеќе отколку кога било досега, денес сме исправени пред опасноста светот да влезе во нов вртлог на насилство, и тоа најлошото од сите – насилство во името на Бог, во името на религијата.

На сите нам ни е јасно дека ништо не сме заборавиле од минатото, но исто така, дека и речиси ништо не сме научиле од минатото.

Непочитувањето на меѓународното право, на пресудите на Меѓународниот суд на правдата внесуваат неизвесност и несигурност во меѓународните односи.

Повторно ги гледаме сенките на предрасудите, нетрпеливоста, ксенофобијата и другите предвесници на конфликтите. Глобалниот медиумски воздух е толку загаден од сомнежи што речиси нè задушува. Сомнежите и стравот се резултат на отсуство на дијалог.

Но, стравот сам по себе е лош советник затоа што во суштина е негативен. Знаеме дека низ историјата само непоколебливите луѓе со позитивни цели успеале да ги исполнат своите замисли.

Затоа, уште во 2003 година го инициравме првиот Форум на дијалогот меѓу цивилизациите како предвесник на Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации. Планираме да го обновиме дијалогот во соработка со УНЕСКО и со Европската унија. Ќе ја организираме и 4. Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог.

Дијалогот меѓу различните религии и светогледи завршува онаму каде што започнува нивната различност. Целта на дијалогот не е и не смее да биде надминување, туку почитување и прифаќање на различноста. Ако не го поддржиме дијалогот, полека, но, сигурно се движиме кон судир меѓу религиите и цивилизациите. Токму затоа, силно ја поддржуваме работата на Алијансата на цивилизациите и сите форуми, како „Кран Монтана", кои со својата работа придонесуваат кон градењето доверба и дијалог.

Цврсто веруваме дека само преку дијалог и искрено запознавање, едни со други, можеме да дојдеме до траен мир. А мирот меѓу религиите и цивилизациите ќе значи мир во светот.

Свесни сме дека можеби трајниот мир меѓу религиите и цивилизациите е само добар сон. Но, не смееме да заборавиме дека кошмарите стануваат моќни во свет без добри соништа.

Наша одговорност е, со сè што правиме, да им помогнеме на идните поколенија во Европа, Африка, Азија да го остварат тој благороден сон.

Ви благодарам.
kran_montana_1

  Back<<Назад