Европската унија вистински да ја обедини Европа - обраќање по повод 25-годишнината на Европската академија на науки и уметности во Салцбург
Сабота, 07 Март 2015   

salcburg00Почитуван претседател на Европската академија, проф. Унгер,
Почитуван претседател Фишер,
Почитуван претседател Николиќ,
Почитувани членови на Европската академија,
Екселенции, Дами и господа,

Големо е задоволството да се биде со вас денес, кога се прославува овој важен јубилеј. Во случајот на Европа, науката и уметноста отсекогаш ги определувале нејзините минати дела, сегашни потенцијали и идни можности. Ѝ честитам на Европската академија за нејзината 25-годишна успешна работа. Истовремено му честитам и на мојот српски колега и пријател, претседателот Николиќ, на неговиот избор за заштитник на Европската академија.

Дами и господа,

Несомнено ќе дојде време кога сите народи во Европа ќе почувствуваат дека мора да ги регулираат прашањата од општ интерес пред да пристапат кон прашањата од национален интерес. Тогаш ќе се намали злото, ќе стивнат неволјите и ќе ги снема војните. Тоа е крајната цел кон која сигурно чекориме!"

Овие визионерски зборови на Сен Симон се напишани во 1814 година, во пресрет на Виенскиот конгрес свикан со цел да се воспостави мир во Европа. Сто години подоцна, попушти крпливиот мир на длабоко поделениот континент.

Беа потребни две светски војни во кои Европа влезе поделена и излезе уништена за семето посеано од страна на мировниците конечно да вроди со плод. Нивната визија постепено успеа да ги премости физичките и менталните јазови, да ги угасне вековните непријателства и да ги зацели длабоките рани.

Денес, поголем дел од Европа ги споделува придобивките од таа реализирана визија – Европската унија. Сепак, не смееме да заборавиме дека овој благороден мировен проект се соочува со сериозни предизвици сврзани со неговата обединетост.

salcburg01Екселенции,

Денес пред вас стојат претседатели на две европски земји, Македонија и Србија, кои се сè уште во чекалницата на ЕУ. Оние кои ни велат дека постои замор од проширувањето, не смеат да заборават дека истовремено постои и замор од чекање. Овде, во културната и интелектуална срцевина на Европа, ја повикуваме Унијата вистински да ја обедини Европа. Затоа што Унијата не може да зборува во име на Европа сè додека не ја обедини цела Европа.

Сепак, единственото нешто кое е полошо од разделената Европа е Европа обединета против нејзината етничка, јазична, религиозна и културна различност.

Кризата на моралните и етичките вредности предизвикува поделба на две меѓузависни европски вредности – слободата на изразување и слободата на вероисповед. Како резултат на ова, сведоци сме на вознемирувачки знаци на ксенофобија низ нашиот континент, како темна сенка над демократскиот пејзаж на Европа.

Ние веруваме во Европа обединета не во униформност, туку во почитување и во прифаќање на различноста. Демократијата не е само правото да се биде рамноправен, туку и правото да се биде различен.

Обединетост во суштинското, слобода во несуштинското, и добра волја во сè", напиша св. Августин. Ваквата обединетост подразбира почитување и прифаќање на другиот. Сведочејќи за негативните ефекти на интеграцијата со асимилација, ние го нудиме позитивниот пример на македонскиот модел на интеграција без асимилација.

Дами и господа,

Уверен во нејзиниот интелектуален капацитет да бара одговори и да предлага мудри решенија за овие горливи прашања, повикувам да ѝ помогнеме на Академијата во исполнувањето на оваа важна задача. Да изградиме, за оваа и за идните генерации, обединета Европа како континент на слобода, мир и почитување на различностите.

Ви благодарам.

salcburg02

  Back<<Назад