|
Почитувани присутни, Дами и господа, Драги пријатели,
Пред 70 години, на првото заседание на АСНОМ, македонскиот народен јазик стана службен јазик во слободната македонска држава.
Истата таа судбоносна 1944-та, со првите македонски зборови изговорени низ етерот на слободната македонска држава, започна директниот пренос на Второто заседание на АСНОМ. Со тоа, Македонското радио – Радио Скопје стана врсник на македонската држава и се развиваше заедно со неа.
Во децениите што следеа, радиото беше хроничар на успесите, но и на предизвиците со кои се соочуваше Македонија. Преживеа и поплава и земјотрес, и во тие критични мигови беше единствената комуникациска врска меѓу разурнатиот град и солидарниот свет.
Од таа светска солидарност, во 1964 година се роди и Македонската телевизија, која започна со најтешкиот вид телевизиска програма – со директен пренос, по што следеле нови емисии со нови содржини. Секој што работел во телевизијата знае дека подготовките за секоја емисија се бесконечно долги, а нејзиното емитување – само миг. Задоволството од извршената работа трае само еден здив – до следната емисија.
Драги пријатели,
Освен 70 години од Македонското радио и 50 години од Македонската телевизија, годинава славиме уште еден јубилеј – 35 години од формирањето на 3. програма на македонското радио.
Во далечната 1988 година станав новинар, а подоцна ја имав и честа да бидам уредник во Третата научна програма на Македонското радио, и тоа во клучен период кога во Европа се рушеше железната завеса, а кон Македонија почнаа да дуваат ветриштата на промени.
Во овој период, Третата програма прерасна во форум во кој за првпат отворавме големи и важни теми, идеи и концепти на нашата доба и со тоа придонесовме кон реформирање на македонскиот политички систем.
Тоа беше возбудливо време кога преку јавната дебата во етерот ја осознававме демократијата, плурализмот и пазарната економија. Неповторливо време на големи промени кога ја градевме свеста за независноста и самобитноста на државата.
Како што Македонското радио имаше историска улога во мугрите на слободна АСНОМ-ска Македонија, така Македонското радио и телевизија имаа клучно место во предвечерјето на независноста на Република Македонија.
Во сиот овој период, Македонската радио-телевизија ни помогна да се градиме како држава и да го формираме нашиот поглед за самите себе, но и за светот околу нас.
Македонската радио-телевизија не беше само средство за јавно информирање, туку и составен дел на секојдневниот живот на граѓаните.
За бројни генерации, радиото и телевизијата беа големо животно училиште. Училиште преку кое ги учеа убавините на македонскиот литературен јазик, ја слушаа милозвучната македонска музика, се информираа за настаните во земјата и во странство, ги градеа своите ставови за актуелните прашања.
Преку радиото и телевизијата, Македонија се поврза со иселениците од сите континенти. Но, истовремено, помогна да се утврдат стандардите и границите на јавната пристојност во јавниот простор.
Почитувани присутни,
Македонската радио-телевизија покажа дека, како што за секој има простор под македонското сонце, така за секого има простор во македонскиот етер. МРТ е најдобар израз на македонскиот модел на соживот.
Во 1967 и 1969 година започнува емитување на емисии на албански и турски јазик, во време кога ниту во Албанија, ниту во Турција сè уште немало редовна национална телевизиска програма. Во 1990 и 1991 година започнуваат емисиите на ромски и на влашки јазик, првите и сè уште единствени во светот. Денес, Македонската радио-телевизија има емисии на дури девет различни јазици и е најневообичаениот радиодифузен сервис во Европа.
Радува што МРТ останува стандард за квалитет, негување на македонскиот збор, добрата музика, информативните емисии, дебати и интервјуа.
Затоа ми претставува чест, како Претседател на Република Македонија, во името на македонските граѓани да изразам благодарност до сите генерации кои придонесоа Македонската радио-телевизија да биде она што е. Сведок и хроничар на развојот на македонската држава и општество, чувар и промотор на нашето наследство, на сè она што е изговорено пред микрофонот и забележано на видеолента.
Овој Орден за заслуги за Македонија е израз на нашата благодарност, но и на нашите очекувања. Очекувања Македонската радио-телевизија да продолжи да нуди уште поквалитетна програма за сета публика од сите генерации и професии, независно од етничката, јазичната или религиската припадност. Да остане отворена за реалните потреби, желби и барања на слушателите и гледачите. Да понуди нови содржини прилагодени на 21 век, содржини кои вреди да се чујат и да се видат.
Ви честитам и ви благодарам.

|