|
Почитувани припадници на Еврејската заедница во Република Македонија, Ценети присутни, Дами и господа, Драги пријатели,
Deshame entrar Yo me hare lugar – Дозволи ми да влезам, јас ќе си најдам место, вели една ладино поговорка.
Раселувани од моќните империи, прогонувани од инквизиторите и потиснувани од погромите, многубројни Евреи токму во Македонија го најдоа својот втор дом.
Со векови, Евреите беа прифаќани и беа почитувани како вистински сонародници, како нераздвоен и неотуѓив дел од Македонија, во духот на македонскиот модел на соживот.
Во таа насока се и зборовите на Мориц Романо кој напиша дека Македонците во Евреите не гледаа туѓинци, туку домородци. Дека Евреите не живееја покрај христијаните, туку со христијаните. Дека за Евреите, Македонија не беше туѓа, туку света земја.
Евреите го збогатија секој дел од јавниот и економскиот живот во Македонија. Како трудољубиви занаетчии, еснафи и дуќанџии, тие внесоа нов претприемачки дух во нашата чаршија. Преку уметноста и музиката ја облагородија македонската култура.
И во периодите на мир и соживот, и во времињата на неправди и угнетувања, Евреите ја делеа судбината на македонскиот народ. Но, ја делеа и желбата за слобода. Рафаел Камхи, еден од носителите на идејата за слободна и независна Македонија и учесник во Илинденското востание сметал дека „слободата треба да биде работна задача на сите поробени народи".
Тоа стебло што со векови давало богати плодови за Македонија, за само еден миг било пресечено и однесено.
Почитувани присутни,
На 11 март 1943 година, во согласност со договорот меѓу нацистичка Германија и фашистичка Бугарија, бугарската армија и полиција ги собра речиси сите Евреи од окупирана Македонија.
Евреите кои како заедница во Македонија опстојувале со векови, за неколку денови биле собрани, затворени, натрупани во сточни вагони и испратени во логорот на смртта. Заедница која опстојувала со векови, за само неколку часа во Треблинка била речиси целосно уништена.
На ниту едно друго место за време на холокаустот една популација не била истребена толку целосно и толку брзо.
Во гасните комори и во печките на Треблинка засекогаш исчезна дел од Македонија. Од тие кобни денови, животот во Македонија веќе не е ист. Занемеа еврејските маала, опустеа еврејските куќи. Градовите Скопје, Битола и Штип, останаа со длабоки рани. Затоа, преку страдањата на Евреите во Треблинка страдаше и Македонија.
Оние кои ја преживеаја монструозноста на холокаустот, станаа дел од Народноослободителната и антифашистичка борба во Македонија. Меѓу нив имаше народни херои, првоборци и партизани. Се бореа и се изборија за слобода на Македонија.
Пред 70 години, еден од преживеаните, штипјанецот Исак Сион, беше меѓу основоположниците на македонската држава на Првото заседание на АСНОМ. Со АСНОМ се роди слободна македонска држава, во која повторно заживеа Еврејската заедница. Со тоа, од пресеченото еврејско стебло израсна нова фиданка.
Драги пријатели,
Ние сме денес тука со чувство на голема благодарност за оваа фиданка што никна од пепелта на холокаустот.
Благодарни сме на Еврејската заедница која се вгради во нашиот модел на соживот и во нашето демократско општество.
Благодарни сме на Еврејската заедница бидејќи стана мост на пријателство меѓу Република Македонија и Државата Израел.
Благодарни сме на Еврејската заедница бидејќи нè потсетува колку е важно да се негува споменот за нашите сонародници. Честопати велам дека Меморијалниот центар не е само музеј, туку е и училиште. Училиште во кое секој посетител ќе научи за какви се монструозни дела човекот е способен кога од себе ја отфрла човечноста дадена од Бога.
Затоа, за нас е важно сеќавањето на уништувањето на македонските Евреи да не згасне, и животот и напредокот на Еврејската заедница во Македонија да продолжи.
Наша должност како граѓани, но пред сè, како луѓе е да ја чуваме и да ја негуваме таа фиданка без која Македонија не може да биде целосна.
Затоа, во деновите на празникот на светлината – Ханука, сакам ова признание што ѝ го доделуваме на Еврејската заедница, да биде зрак светлина.
Како што Ханука е симбол на осветувањето на разурнатиот Божји храм во Ерусалим, така и признанието за овој јубилеј е симбол на обновувањето на Еврејската заедница во Македонија. Обновената Еврејска заедница која нè осветлува до ден-денес и ни дава надеж за подобро утре.
Ви честитам и ви благодарам. Хаг Ханука Самеах.

|