Обраќање на Претседателот Иванов на отворањето на конференцијата ЕПЕ ПЕМЦ
Понеделник, 06 Септември 2010   

Почитувани присутни, дами и господа. Ми претставува особено задоволство да ве поздравам овде, на брегот на Охридското Езеро. Република Македонија ја има честа да биде домаќин на четиринаесеттата Европска конференција за енергетска електроника и управување во движењето.
Секоја професија има идеал кон кој се стреми. Идеалот на астрофизиката е да го разбере универзумот. Идеалот на медицината е чувањето и унапредувањето на здравјето како физичка, психичка, социјална и економска благосостојба на луѓето. Вашиот идеал е насочување на енергијата на општеството.
Познато е дека вистински двигатели на напредокот се оние поединци кои изнаоѓаат начини како работите да се завршат побрзо, поефективно и поефикасно, без премногу напор.
Ако е тоа вистина, тогаш голем дел од тие поединци денес се тука, меѓу нас, на оваа значајна конференција.
Притоа, Вашата наука носи севкупен благодет, напредок и успех.
Почитувани. Живееме во време кога едно од суштинските прашања е токму ефикасното искористување на енергијата, пред се поради скапата цена која ја плаќаме, во вид на загадување или застој на економијата.
Инвестирањето во развојот на производството, употребата и дистрибуцијата на енергијата се наоѓа високо во агендата на носителите на одлуки во Европа и светот.
Од тоа зависи иднината на нашите енергетски системи. Од тоа впрочем зависи и напредокот и благосостојбата на сите нас и на нашиот заеднички дом, Европа и на човештвото воопшто.
Македонија и Европа денес се соочуваат со енергетска зависност. Македонија, како европска земја, ги разгледува можностите за вклучување во гасоводните системи, како поефикасен и поевтин извор на енергија.
Затоа, сега е вашето време. Од вас го очекуваме одговорот за надминување на енергетската зависност.
Почитувани. Вашата креативност придонесува кон одговорот на уште едно, не помалку важно и горливо прашање.
Глобалното затоплување и глобалните напори за намалувањето на емитирањето на штетните гасови се можеби најголемиот предизвик пред кој е исправено човештвото. Климатските промени се реалност чии последици се чувствуваат насекаде во светот. И во земјите во развој, но и во развиените земји.
Решението треба да се бара во чистата, одржлива технологија за иднината. Технологија втемелена врз обновливите, непресушни извори на енергија. Затоа, како што кажав, сега е вашето време.
Традиционалните извори на енергија, меѓу кои јагленот и водата, се повеќе го отстапуваат местото на новите алтернативни извори на енергија. Извори кои потекнуваат од непресушната човечка креативност.
Токму таа креативност го отвори патот кон искористувањето на соларната енергија. Токму таа креативност и даде замав на употребата на енергијата на ветровите и брановите, на геотермалните води. Но, секој одговор води до нови прашања и предизвици.
На крај, дозволете ми да завршам со следната констатација - не треба да се дозволи Република Македонија и не треба да се дозволи Европа да заостанат зад другите региони во светот. Нашата заедничка иднината е токму во развиената технологија и енергетската електроника.
Европската енергетска зависност и глобалното затоплување се доволно добри причини за усовршување и подобрување на ефикасноста на системите за трансформација и дистрибуција на енергијата.
Само со заеднички напори ќе успееме да ја обезбедиме иднината не генерациите кои доаѓаат.
Ја прогласувам за отворена оваа конференција и Ви посакувам успешна работа.

  Back<<Назад