Обраќање на Свечената академија по повод 9 мај - Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа
Петок, 09 Мај 2014   

akademija01Почитувани граѓани на Република Македонија,
Почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Европа не е само континент, таа, исто така, е идеја. Оваа идеја се нарекува слобода". Со овие зборови Куденхов Калерги го започна својот Апел до Европа од 1933 година. Година кога на власт дојде нацизмот, кој заедно со фашизмот се едни од најголемите непријатели на слободата, на Европа и на човештвото, воопшто.

Фашизмот и нацизмот донесоа повеќе смрт и уништување од која било друга човечка идеја.
55 милиони луѓе ги загубија животите во Втората светска војна.
Над 6 милиони беа ѕверски убиени во логорите на смртта. Меѓу милионите жртви на холокаустот исчезнаа и 98% од македонските Евреи од кои дури 50% беа деца.
Милиони бездомници, бегалци и раселени лица беа откорнати од своите сакани семејства и вековни огништа.
Злосторствата против човештвото, направени во текот на Втората светска војна, се најсуровата и најреалната метафора на 20 век. Тие никогаш не застаруваат и никогаш не се забораваат.
Борбата против злосторствата на нацизмот и на фашизмот е и борба за зачувување на споменот за истите тие злосторства, бидејќи историјата се повторува тогаш кога ќе биде заборавена.

Борбата против фашизмот и нацизмот е борба за слобода. Борбата за слобода е борба за Европа.

За многу европски држави, антифашистичката борба беше идеолошка борба против фашизмот и нацизмот како најголеми зла на 20 век. За македонскиот народ, пак, антифашистичката војна беше воедно и борба за национално ослободување на Македонија.

Денес, Европа ја слави победата што ја извојуваа мудрите водачи и храбрите војници од двете страни на Атлантикот.
Ние, со почит и со благодарност, се сеќаваме на сите борци и херои на Македонија кои учествуваа во големата борба за слободна Македонија.

Нивниот завет нè обврзува да се сеќаваме и да не заборавиме дека борбата за слобода на Македонија беше и борба за слободна Европа. Европа без фашизам и без нацизам.

Почитувани присутни,

„Светскиот мир не може да биде одбранет без креативни напори пропорционални на опасностите што го загрозуваат", стои во Шумановата декларација од 9 мај 1950 година.

Од пепелта на разрушена и поделена Европа се роди идејата за обединета Европа како мировен проект.

Татковците на современа Европа беа миротворци, кои со проектот за обединета Европа ги бришеа крвавите граници и вековните предрасуди.

Европската интеграција, суштински и темелно, го промени нашиот континент Европа.

За прв пат во историјата, недовербата, поделбите и војната на почвата на Европа беа заменети со доверба, обединување и мир.

За прв пат во историјата, се создаде споделен, заеднички европски суверенитет на европски граѓани. Граѓани кои живеат во Европа без граници. Европа во која единствениот европски пазар, економската и монетарната унија овозможија слободен проток на стока, луѓе, услуги и капитал.

akademija02Дами и господа,

Денес Македонија, Европа и светот се соочуваат со нови големи предизвици.

Глобалната економска и финансиска криза и европската должничка криза ги открија структурните слабости на Европската унија.

Вертикалната интеграција, која ги гради и ги унапредува европските институции, треба да биде надополнета со хоризонтална интеграција, која ги надминува тесните национални егоизми и го создава европското општество.

Сведоци сме и на загрижувачки настани и појави на почвата на Европа и во некои земји-членки на Унијата.

На 9 мај ја славиме победата над фашизмот и нацизмот. Но, овие погубни идеологии сè уште живеат во затворените и заматените умови на поединци кои сеат ксенофобија, нетрпеливост и омраза кон поинаквите.

На 9 мај го славиме Денот на Европа. Но, некои сè уште го злоупотребуваат ветото за да ја спречат европската иднина на Македонија.

Празниците ги празнуваме за да се потсетиме на лекциите од минатото.

Лекцијата од Втората светска војна е дека во услови на криза треба да се биде проактивен, а не пасивен, отворен, а не затворен. Во услови на криза треба да се бараат решенија, а не изговори. Токму во моменти на криза треба принципиелно да се бранат заедничките вредности, слободата, демократијата, човековите права и човечкото достоинство. Секогаш кога се прави компромис со темелните вредности, се поткопува темелот врз кој се изградени слободата и демократијата.

Нас нè загрижуваат ненаучените лекции од 20 век.

Поради ветото и блокадата, поради двојните стандарди и непочитувањето на меѓународното право, Република Македонија и македонските граѓани ги чувствуваат последиците од тие ненаучени лекции.

„Да се гради Европа значи да се гради мир," рече Жан Моне. Но, мирот не е само отсуство на војна. Мирот е почитување и прифаќање на другиот, различниот.

Уверени сме во способноста на европското лидерство да ја изведе Европа проширена, посилна и поуспешна. Но, за тоа се потребни нови, креативни напори пропорционални на предизвиците со кои се соочуваме. Креативни напори цврсто втемелени врз принципите на мирот, слободата, демократијата и владеењето на правото.

akademija03Ценети екселенции,

Ако некогаш Македонците се бореа против злото на фашизмот и нацизмот, денес, Република Македонија се бори за придобивките што произлегоа од победата над фашизмот и нацизмот. Денес, Република Македонија се бори за почитување на меѓународното право како основа на меѓународниот поредок. Право, кое е придобивка на победниците од Втората светска војна.

Иако со непочитувањето на препораката на Бадинтеровата комисија нè разочара, иако за време на Самитот во Лисабон во 1992 година нè повреди, иако со непочитувањето на одлуката на Меѓународниот суд на правдата нè навреди, сепак, Европската унија е најсигурниот, најдемократскиот и најхуманиот дел од светот. Европската унија е единственото место на светот каде што има мир и спокојство, напредок и просперитет. Затоа, Европската унија останува наша стратешка цел.

Како европска држава, Македонија се однесува европски. Очекуваме и Европската унија кон Македонија да се однесува европски, да опстои на своите основни принципи: мирот, демократијата, владеењето на правото, човековите права, правото на самоидентификација и човечкото достоинство. Принципи во кои ја гледаме причината и смислата на нашата евроинтеграција.

Република Македонија и македонските граѓани се придобивка за Унијата само доколку влезат рамноправни во мозаикот на различностите на Европската унија, со својот идентитет и со своето достоинство.

Почитувани присутни,

Денес е 9 мај, Денот на Европа. Пред само 9 дена, Европската унија одбележа 10 години од големото проширување со 10 нови држави-членки. Проширување со кое се направи голем чекор кон надминувањето на вештачката поделба на Европа.

Но, Европската унија сè уште не е целосна, бидејќи Европа сè уште не е обединета.

Идната, 2015 година, ќе се навршат 10 години од кандидатскиот статус на Република Македонија. Години исполнети со реформи, работа и цврста увереност во европската иднина на Македонија.

Македонските граѓани очекуваат до 10-годишнината од кандидатскиот статус, Република Македонија да ги има започнато преговорите за членство во Унијата. Градејќи ја Европа во Македонија, сакаме Македонија да биде во Европа.

Европа има иднина само како демократска заедница. Исто како што за демократијата се потребни демократи, така на Европа ѝ требаат Европејци, европски граѓани. Ние, македонските граѓани го чекаме нашето европско државјанство.

Ние сме тука за да придонесеме со нашиот целосен потенцијал кон Европа за која се бореа и нашите предци – слободна, обединета, демократска Европа.

Ви благодарам.

akademija04

  Back<<Назад