|
Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија, Почитувани граѓани на Република Македонија, Ценети присутни, Дами и господа,
Како врховен командант на вооружените сили на Република Македонија, ми претставува вистинска чест да ве поздравам денес, на свеченото дефиле на единиците на Армијата на Република Македонија по повод 9 мај – Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот.
Денеска е ден кога Европа ја одбележува 64-годишнината од Декларацијата на Роберт Шуман, со која беа поставени темелите на Европската унија, еден од најуспешните мировни проекти во историјата, но и ден кога одбележуваме 69-годишнина од победата над фашизмот.
Денот на победата значеше и градење на нов демократски свет, на нови вредности и нови односи. Се формираа Обединетите нации, НАТО Алијансата, Европската унија. Кој можеше да поверува дека од урнатините на разрушената и раскрвавена Европа ќе се создаде политички и економски моќна Европската унија, дека ќе се оствари сонот за обединета Европа. Овој мировен проект е сè уште недовршен и не треба да се чека за конечно да се оствари целосното обединување на Европа.
Почитувани,
Република Македонија со гордост ги одбележува овие два светли датума од историјата. Во годината кога ја славиме 70-годишнината од првото заседание на АСНОМ, се сеќаваме и на големиот придонес на нашиот народ во победата над фашизмот. Момент што придонесе за траен мир на европскиот континент.
Македонските партизани станаа дел од големата и праведна сојузничка коалиција, која се бореше против злото на фашизмот и нацизмот.
За многу европски држави, антифашистичката борба беше идеолошка борба против фашизмот и нацизмот како најголеми зла на 20 век. За македонскиот народ, пак, антифашистичката војна беше воедно и борба за национално ослободување на Македонија.
Учесниците во Народноослободителната борба себеси се гледаа како продолжувачи на делото на илинденците, како дејственици во остварувањето на нивниот сон. Сон за слободна и за независна Македонија. Затоа ќе им бидеме вечно благодарни.
Почитувани,
Денес, нашата генерација има своја исто така праведна мисија, заедно, сплотени да ја градиме Република Македонија, како демократска и економски напредна држава во која ќе се негуваат вредностите на сите кои живеат на овој простор. Наша мисија е Република Македонија да ја внесеме во големото европско и евроатлантско семејство на држави, со сето достоинство што ни следува.
Вие, припадниците на Армијата на Република Македонија, кои се истакнувате по својата професионалност, посветеност и постигнати резултати, и постојано ги надминувате нашите очекувања и очекувањата на нашите партнери и сојузници, треба што поскоро да го заземете вашето заслужено место во НАТО Алијансата. Со еднаква одговорност, како и во бројните успешни ротации во мировните мисии ИСАФ, ЕУЛЕКС и УНИФИЛ.
Тоа е стремеж што ги сплотува сите наши граѓани, независно од етничката, верската или која било друга припадност.
Денешниот настан е само уште една потврда дека Армијата на Република Македонија и натаму останува подготвена да го заземе своето место во НАТО Алијансата. Затоа што и натаму стоиме на вредностите, што пред речиси седум децении, доведоа до пад на фашизмот и до создавање на предуслови за обединување на европскиот континент.
Избирајќи го вистинскиот пат, онака како што тоа беше направено во Втората светска војна, оваа генерација заслужува да биде дел од Европа и дел од прогресивниот и напреден свет, како земја со демократски и економски просперитет. Сите пречки, кои се од несуштинска природа и кои немаат ништо заедничко со вредностите над кои е изграден современиот демократски свет, нема да нè спречат да дојдеме до нашата цел.
Драги пријатели,
На самиот крај, уште еднаш, ви го честитам 9 мај, длабоко уверен дека ќе продолжите да работите според трите вредности кои ги одбележаа овие децении: патриотизам, постојаност и професионализам. Вредности, кои се предуслов за нашата слобода, правда и достоинство.
Да е вечен 9 мај, Денот на победата. Да живее Армијата на Република Македонија! Да живее Република Македонија!

|