Обраќање по повод отворањето на Центарот за обука на пилоти
Недела, 02 Март 2014   

cop1Почитуван претседател на Владата на Република Македонија,
Почитувани министри,
Почитуван началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија,
Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија,
Ценети екселенции,
Почитувани претставници на медиумите,
Дами и господа,

Вистинска чест е да се биде на отворањето на Центарот за обука на пилоти за потребите на Армијата и за потребите на другите државни институции во Република Македонија. Центар што ќе овозможи континуиран тренинг на кандидати за пилоти и веќе произведени пилоти. Пилоти за домашни потреби на институциите надлежни за одбраната, безбедноста и кризниот менаџмент во согласност со предизвиците со кои се соочуваме. Центар во кој ќе се надградуваат сегашните и ќе се обучуваат идните пилоти, нашите чувари на македонското небо.

Постојано велам дека треба да ја градиме Македонија во височина. Пилотите што се обучуваат во овој центар и во буквална смисла ќе ја носат Македонија во височина.

Република Македонија има и волја и капацитет и опрема. Како Претседател и како врховен командат, горд сум што Република Македонија добива најсовремен центар за обука со најсофистицирана опрема во Југоисточна Европа и пошироко. Особено двата симулатори за летање на хеликоптерите Ми-17 и Ми-24, кои по својот квалитет и можностите што ги нудат, спаѓаат во самиот светски врв на производи за оваа намена.

Со ова се потврдува посветеноста на државниот врв за постојано вложување во модернизацијата и едукацијата на припадниците на Армијата на Република Македонија и на другите безбедносни структури. Очекувам ваквата соработка да продолжи. Очекувам долгорочниот план за развој на одбраната кој минатата година беше усвоен од страна на Владата на Република Македонија да започне со имплементација оваа година.

cop3Дами и господа,

Многумина во своето детство сонувале да бидат пилоти, но само неколкумина остануваат истрајни во својот сон. Отсега, па натаму, најистрајните, најквалитетните и најпосветените ќе можат да го остварат својот сон тука, во Република Македонија, во овој Центар за обука за пилоти. Институција што веќе ги дава и првите плодови. Наскоро ќе бидат промовирани и првите македонски пилоти кои се обучени во Република Македонија, токму на врвните модули и најсофистицираната опрема што ја нуди овој центар. Во меѓувреме траат и конкурси за пријавување на кандидати за пилоти. Уверен сум дека, со новиот приод во селектирањето, ќе бидат избрани најдобрите од најдобрите.

Од пилотите што од денес, па натаму ќе се обучуваат, ќе се очекува најпрофесионално да ја чуваат сувереноста на македонското небо, да ги чуваат мирот и поредокот на државата, да ги заштитуваат и да ги спасуваат македонските граѓани од предизвиците на природата.

Ценети присутни,

Вложувајќи во сопствената безбедност, Република Македонија вложува и во безбедноста на НАТО-алијансата и во својата евроатлантска иднина. Капацитетите на Центарот веќе беа презентирани пред Комитетот на НАТО за противвоздушна одбрана во Брисел. Верувам дека нашите партнери и сојузници ќе ги препознаат одличните можности што ги нудиме, во согласност со нивните потреби. Верувам дека овој центар ќе прерасне во регионален Центар за обука на пилоти кој ќе може да го користи и НАТО.

Дами и господа,

Луѓето кон небото гледаат со надеж и сигурност. Надеж за иднината и сигурност во сегашноста. Пилотите што ќе се обучуваат во овој центар ќе ја даваат сигурноста во сегашноста.

Ви благодарам.

cop2

  Back<<Назад