|

Почитувани присутни, Драги пријатели,
Со тага во срцето и со болка во душата стојам на ова место. Место, каде пред точно 10 години загина мојот голем претходник, претседателот Борис Трајковски заедно со осумте негови соработници, Димка, Ристо, Анита, Миле, Борис, Аце, Марко и Бранко.
Тој кобен 26 февруари, сите ние загубивме дел од нас. Ближните загубија сакан сопруг, татко, син, брат, роднина, пријател... Македонија загуби голем државник и визионер со европска и евроатлантска стратегија. Регионот загуби миротворец посветен на дијалогот, градењето доверба и меѓусебно разбирање и почитување. Светот, пак, загуби човек со големо срце кој, со својата добра мисла, ги поврзуваше луѓето каде и да одеше. Преку него, Македонија стекна нови и цврсти пријателства насекаде во светот.
Драги пријатели,
Борис Трајковски беше светлина за Македонија, но и за регионот, тогаш кога ни беше најнеопходно.
Беше на чело на Република Македонија во време на најтешкото премрежје од независноста на државата. Во време кога минувавме низ најголемата бура, Трајковски управуваше со кормилото на нашата татковина и успешно нè извлече од немирните води.
Свесен дека мирот треба постојано да се чува, гради и унапредува, во една пригода Борис рече:„Сите сме гости на овој свет. За сè има време, но сега е време на исцелителство и мир".
Секогаш доследен на своите вредности, тој сакаше благодатта од мирот и стабилноста да ја почувствува целиот регион што сè уште закрепнуваше од траумите на поделбите, изолацијата и конфликтите.
Потсетувајќи на големата вистина дека „луѓето и нациите се однесуваат мудро откако ќе ги искористат сите алтернативи", Борис Трајковски го вложи сиот свој авторитет на ценет државник и политичар, за да му понуди на регионот еден нов светоглед. Светоглед на дијалогот како предуслов за градење доверба и заедништво меѓу луѓето, државите и народите. Со таа увереност, тој го започна Форумот на дијалогот меѓу цивилизациите, чии плодови ги жнееме и ден-денес.
Неговата визија за Македонија, но и за регионот, ја отслика во едно од неговите последни јавни обраќања, кога рече дека не постои друг пат, освен патот на дијалогот за доаѓање до прифатливи решенија. Дека треба да се почитува меѓународното право, недоразбирањата да се решаваат по мирен пат, да се почитуваат постојните граници, да се избегнува секаква употреба на сила и мешање во внатрешните работи на другите земји. Визија што најдобро ги отслика вистинските европски и евроатлантски вредности.
Драги пријатели,
Воден од верата во Бога, тој веруваше во иднината, во разумот, во Македонија. Последниот документ врз кој Борис Трајковски го стави својот потпис беше апликацијата за членство на Република Македонија во Европската унија. Наредниот ден тој замина во вечноста.
Денес, десет години подоцна, сè уште чекаме да се исполни визијата на Борис Трајковски за европска Република Македонија. Уверен сум дека неговиот сон и сонот на секој македонски граѓанин за Македонија, како полноправна членка на Европската унија и на НАТО, ќе биде остварен.
Во овие тажни мигови кога се сеќаваме на неговиот краток живот и на животите на осумте соработници, кога се сеќаваме на неговото големо дело и на неговиот завет што обврзува, си споменуваме и на ветувањето што беше негова утеха и водилка низ животот:
„Блажени се милостивите, затоа што тие ќе бидат помилувани. Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе го видат Бога. Блажени се миротворците, бидејќи тие ќе се наречат синови Божји."
Вечна им слава.

|