Создадени се услови Советот за безбедност да ја ефектуира хашката пресуда - годишно обраќање на претседателот Иванов во Собранието на Р. Македонија
Понеделник, 23 Декември 2013   

godisno01

obrakanjeПочитувани граѓани на Република Македонија,
Почитуван претседател на Собранието на Република Македонија,
Почитуван претседател на Владата на Република Македонија,
Почитувани пратеници,
Почитувани членови на Владата,
Почитувани претставници на правосудните органи на Република Македонија,
Почитувани претставници на дипломатскиот кор,
Почитувани претставници на верските заедници на Република Македонија,
Претставници на медиумите,
Ценети екселенции,
Дами и господа,

Ова е мое последно годишно обраќање во мандатот. Мандат кој го започнав со траумите од Букурешкиот самит и последиците од светската финансиска криза.

Затоа, во ова мое обраќање, мојот мандат го поврзувам со сето она што се случуваше во изминатите пет години. Развој и раст на Република Македонија на секој план, но и моменти кога надежите стануваа сомневања, па дури и разочарувања.

Наспроти пречките и блокадите, во изминативе години нашата меѓународна позиција зајакнува. Стекнуваме сè повеќе партнери, пријатели и поддржувачи во Европската унија, во НАТО, во светот.

Презедовме смели чекори и видовме дека можеме да успееме.

Како претседател го изразував државното единство и достојно ја претставував Република Македонија на меѓународната политичка сцена. Имав добра и конструктивна соработка со Собранието, со Владата, со сите ресори на извршната, законодавната и судската власт.

Почитувани присутни,

Највисок приоритет во текот на мандатот ми беше одржување на мирот, стабилноста и безбедноста на државата. Субјектите на системот за национална безбедност дејствуваа единствено и координирано во преземањето на мерките и активностите за заштита на највисоките цели и интереси. Имав добра соработка и редовни контакти со членовите на Советот за безбедност. Како резултат на тоа, за првпат во мандатот на еден претседател на Република Македонија немаше потреба да се свика Советот за безбедност. Тоа јасно зборува дека системот за национална безбедност функционира.

Во мандатот ги дефиниравме стратегиските насоки и планови за развојот и за функционирањето на системот за одбрана. Со тоа овозможуваме Армијата на Република Македонија да продолжи да ги исполнува нашите врвни стратегиски определби. Резултатите зборуваат за тоа.

Нашата армија ги добива највисоките оценки за својата борбена способност. Почитувана е и во државата и во странство. Таа е целосно оператибилна со членките на НАТО и е подготвена за учество во колективната самоодбрана на Алијансата. Со дури 14 успешно завршени акциони планови за членство во НАТО, симболично станавме рекордер, како единствена земја која сè уште чека за прием и троши ресурси за одржување на својата подготвеност.

Од мировни сили од светот во Македонија, денес имаме мировни сили од Македонија во светот. Нашата армија учествува во три меѓународни операции предводени од Oбединетите нации, НАТО и Европската унија.

Македонската посветеност кон слободата, мирот, безбедноста и демократијата во светот е меѓународно ценета. На сите мои бројни средби низ светот, светските лидери и воените команданти истакнуваат дека македонските мировници доследно ги споделуваат одговорностите и ризиците со нашите партнери и сојузници.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

obrakanje1Во 2009 година, во моментот кога ја преземав должноста претседател, на надворешнополитички план, Република Македонија сè уште закрепнуваше од неправдата од Букурешт. Оптимизмот со кој го очекувавме нашето заслужено членство во НАТО се претвори во огромно разочарување.

Но, за неполни пет години работите се сменија, затоа што не потклекнавме и не прифативме непринципиелни ултиматуми.

Имавме голема правна и морална победа со пресудата на Меѓународниот суд од Хаг.

Целиот мој мандат е проследен со позитивни извештаи од Европската комисија за напредокот на Македонија. Пет години по ред добиваме препораки за почеток на преговорите за членство во Европската унија.

Со напорни реформи заслужено ја добивме визната либерализација за нашите граѓани.

Имавме успешно претседавање со Советот на Европа и со Процесот за соработка во Југоисточна Европа.

Останавме посветени на нашата европска политика. Како претседател на европска држава, постојано ги потсетував нашите европски партнери дека Европската унија е мировен проект, и дека нема да биде целосна без Македонија во неа.

Го зацврстивме меѓународниот углед на Република Македонија. Во текот на мандатот, претставувајќи ја Република Македонија на меѓународната политичка сцена, досега остварив преку 100 официјални, работни и неформални посети и учества на меѓународни настани. Имав преку 200 билатерални средби со шефови на држави. Преку 150 средби со премиери, претседатели на парламенти и шефови на дипломатија. За време на мандатот имав повеќе од 400 средби со странски државници, со високи претставници на меѓународни организации и со верски лидери. Бев домаќин на над 40 официјални и работни посети на шефови на држави на Република Македонија.

Подеднакво внимание посветував и на европските и на воневропските центри. Тоа, секако, даде резултати.

Со поддршка од дури 177 земји-членки на Обединетите нации, Македонија беше избрана за членка на Советот за човекови права на Обединетите нации. Тоа е признание за заложбите на Македонија за заштита и за промовирање на човековите права и правото на човечко достоинство.

Постојано работев на унапредување на старите и создавање нови пријателства за Македонија. Со сите постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, Соединетите Американски Држави, Руската Федерација, Народна Република Кина, Обединетото Кралство и Франција, ги продлабочувавме старите и градевме нови односи.

За време на мојот мандат се зголеми бројот на признавања и на воспоставени дипломатски односи со земјите во светот.

Како држава организиравме светски конференции за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог. Станавме препознатливи во светот како микрокосмос на религиски плурализам. Ја потврдивме и ја зацврстивме улогата на Македонија во Алијансата на цивилизациите.

Сето тоа се должи на нашата отвореност. Од денот на инаугурацијата, при првото обраќање во ова Собрание ја промовирав отвореноста кон сите како врвен принцип во надворешната политика. Принцип, благодарение на кој, го отворивме патот на Република Македонија кон новите и растечки евроазиски пазари.

Вложив многу во создавањето амбиент за поуспешна билатерална и мултилатерална соработка со земјите од непосредното и поширокото соседство. Ги започнавме регионалните претседателски самити со претседателите на Албанија, Црна Гора и Косово. Во време кога беше изолирано, се залагавме да го вклучиме Косово во регионалната соработка.

Никогаш не ги заборавав македонските заедници, не само во соседството, туку и пошироко. Каде и да одев, се среќавав со нив. На многу заслужни поединци и организации од дијаспората, кои придонеле за Македонија, симболично им се заблагодарив со државни признанија.

Ценети присутни,

Постојано тврдам дека добрососедските односи се двонасочна улица и дека најмногу зависат од земјите во регионот. Уверен сум дека недоразбирањата пред кои се најдоа билатералните односи со Република Бугарија се состојба што ќе биде надмината. Сакаме да ги градиме и да ги развиваме односите во духот на пријателството и добрососедството.

Направивме сè за успешно претседавање со Процесот за соработка во Југоисточна Европа. За жал, старите балкански комплекси и предрасуди повторно заживеаја во пресрет на Самитот на шефови на држави и влади на Процесот. Државниот интерес и достоинството на Македонија ме обврзаа да го откажам Самитот. Не дозволив преку грбот на Македонија да се поткусуруваат интересите на балканските држави, а цената да ја плаќа Македонија.

Во името на државата со државни одликувања им се оддолжив на некои од македонските пријатели кои застанаа зад нас, кои нè признаа и поддржуваа, тогаш кога многумина нè негираа и нè обесхрабруваа.

Преку личен пример, целиот мандат инсистирав на активна, професионална и прагматична дипломатија, но и на проактивна економска и јавна дипломатија.

Целата дипломатија ја ставивме во функција на економскиот развој на државата.

Почитувани,

Пет години светот се наоѓа во глобална финансиска криза. Но, и во такви услови како држава успеавме да го отвориме патот за странски инвестиции во Македонија, но и за македонските производители на странските пазари. Со сето она што беше преземено од страна на Владата, успеавме да отвориме големи економски можности за нашата татковина.

Успеавме да ја внесеме Македонија во планот за гасоводот „Јужен тек". Од енергетски изолирана и зависна, Македонија станува енергетски поврзана и меѓузависна. Со тоа ќе ја обезбедиме енергетската иднина на Македонија.

Ја вклучивме Република Македонија во иницијативата на Народна Република Кина за потесна соработка на економски план со земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа. Како резултат на тоа, Македонија доби поволна можност за развивање на патната инфраструктура.

Издејствувавме највисоко на агендата на регионот да биде поврзувањето на Јадранско-јонската магистрала со Коридорот 8 и Коридорот 10. Тоа значи суштинско менување на географијата, реалноста и иднината на нашата држава и на нашиот регион.

obrakanje4Дами и господа,

Преземајќи ја должноста, истакнав дека силно ќе се залагам и ќе го поттикнувам развојот на демократијата и ќе ги поддржувам сите иницијативи што ја приближуваат нашата држава до нејзината суштина - интересот на македонскиот граѓанин. Со успешно спроведени предвремени парламентарни и локални избори, Република Македонија покажа дека е функционална демократија. Но, како релативно млада демократија, сè уште не сме целосно имуни на одредени проблеми.

На внатрешнополитички план, годината започна во тензична политичка атмосфера која беше разрешена со договор меѓу политичките партии во којшто како претседател зедов активно учество. Постојано предупредував дека сите недоразбирања треба да се решаваат во институциите.

И во 2011 и во оваа година која изминува загубивме многу време со ваквите институционални блокади. Сепак, разумот надвладеа и локалните избори поминаа во најдобар ред, онака како што ѝ доликува на Република Македонија. Во август 2013 година, Комисијата за 24 декември ја заврши својата работа и даде корисни препораки за надминување на увидените недостатоци. Но, мора веќе еднаш да ја научиме лекцијата. Затоа и во ова, петто по ред, обраќање повторувам: дијалогот да го водиме во институциите. Да не се свикуваат лидерски средби за прашања кои се решаваат во институциите.

Во сите години на мојот мандат, Македонија добиваше позитивни извештаи од Европската комисија за својот напредок. Годинашниот извештај покажува дека македонското законодавство во голема мера е хармонизирано со законодавството на Европската унија. Дека е направен сериозен економски, социјален и демократски напредок. Посветена на реформите, Република Македонија ги спроведува европските вредности, стандарди и критериуми.

Во извештајот има објективни оцени дека во некои области се движиме со побавно темпо. Има оцени за состојбата на парламентаризмот, за меѓуетничките односи и медиумската култура, за правосудството и справувањето со корупцијата. Тие оцени ги прифаќам како совети и укажувања што треба сериозно да се земат предвид.

Како што истакнува извештајот, клучните долгорочни реформи во областа на судството веќе се завршени во согласност со европските критериуми. Успешно се применуваат најзначајните реформски закони.

И покрај реформите има уште работа. Свесен сум за незадоволството што граѓаните го имаат од правосудството. Впрочем, за тоа се и најголемиот број на претставките што доаѓаат до мене. Мораме да бидеме реални. Направени се сериозни реформи кои треба да го дадат својот резултат.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

За време на мандатот ја одбележавме 10-годишнината од Охридскиот рамковен договор, кој стана дел и од Уставот на Република Македонија. Договор чие остварување беше позитивно оценето. Сепак, институции и процедури произлезени од него треба да ја исполнуваат својата функција. Претходната деценија беше деценија на права. Оваа, втора деценија на Охридскиот рамковен договор е деценија на права, но и заемни обврски за сите нас. Права и обврски што произлегуваат од свеста за тоа какви треба да бидеме како луѓе за да живееме во согласност едни со други.

Загрижуваат појавите на меѓуетничка нетрпеливост кај младите. Секоја генерација е одговорна да го негува и да го пренесува македонскиот модел на соживот. Секоја генерација е должна младите да ги образува со традицијата на македонскиот соживот, традиција од која извира и нашиот демократски систем.

Низ целиот мандат огромно внимание посветив на промовирање на македонскиот демократски модел, кој е граден со векови, како модел на интеграција без асимилација. Македонскиот начин на живот во својата основа подразбира создавање простор во нас самите за да го примиме другиот, без да го претопиме или без самите да бидеме претопени во нечиј друг идентитет. Другите култури и религии не се закана за нечиј идентитет, туку потенцијален извор на негово збогатување.

Уверен дека дијалогот и заемното почитување меѓу религиите се неопходни за почитување и за разбирање меѓу верниците, имав чести средби со духовните лидери од нашата земја, христијани, муслимани, Евреи.

Водени од нашата традиција на соживот, прифаќање и почитување на различностите, Македонија ја направивме препознатлива како мост на поврзување и преплетување на религиите и цивилизациите.

Почитувани,

Сум настојувал секогаш да бидам со граѓаните. Кабинетот и народните канцеларии секогаш се отворени за разговори и за идеи. Многу добро знам кои се потребите, очекувањата и желбите на македонските граѓани. Преку народните канцеларии секојдневно ги добивам нивните дописи, претставки и предлози во кои ги изразуваат своите проблеми, идеи и ставови.

Граѓаните доаѓаат кај мене, но и јас одам кај нив. Ги посетувам речиси сите општини, се среќавам со нашите сограѓани и свесен сум и за успесите и за проблемите.

Македонија е синоним за мајка на многу чеда, кои иако се различни, сепак се нејзини. Македонија нè обврзува да ја градиме како татковина посветена кон успешните, солидарна кон сиромашните, грижлива кон помалку среќните, благодарна кон заслужните.

Имаме сограѓани и семејства кои се соочуваат со сиромаштија. Раните од транзицијата сè уште не се целосно излечени. Затоа, неопходно е да бидеме солидарни кон сиромашните, и заедно со нив да градиме подобра иднина. Подобра иднина за сите македонски граѓани, независно од нивната припадност.

Постојано истакнувам дека еманципацијата и целосното вклучување на Ромите во македонскиот политички, економски, социјален и културен живот е трајна определба на Македонија.

Солидарноста кон помалку среќните нè обврзува да покажеме континуирана грижа за лицата со посебни потреби, и особено внимание кон децата со аутизам. Нивното вклучување во општествените и социјалните процеси, не е само нивно право, туку и наша институционална и општествено-морална одговорност.

Со доделување на одликувања и признанија ја изразувам благодарноста на Република Македонија на нашите иселеници и спортисти, уметници и научници, на нашите живи, но и паднати херои, на сите оние што се вградиле во колективниот успех на нашата татковина.

Активно ги промовирам македонската наука и образование. Во партнерство со високообразовните институции и со МАНУ имавме значајни научноистражувачки проекти со домашни и странски партнери. Овие ангажмани донесоа и лична сатисфакција. Ми беа доделени четири почесни докторати и членство во европската и во Светската академија на науките и уметностите. Тоа е признание за нашата држава, нашето образование и нашата наука.

Особено внимание во целиот мандат посветувам на младите. Посветен сум на создавање иднина за младите, но и млади за иднината.

Младите се нашата иднина, а сепак старееме како нација. Како и многу други европски земји, се соочуваме со неповолни демографски движења.

Младите се нашата иднина, а сепак многумина од нив ја напуштаат татковината. Како и речиси сите држави од Централна и Источна Европа, и Македонија се соочува со бран на иселување на образовани, квалификувани, талентирани млади луѓе. Не можеме да ја спречиме човековата потрага по среќа, но треба да продолжиме да создадеме услови луѓето таа среќа да ја бараат и да ја наоѓаат тука. Единствен начин да го постигнеме тоа е да посветиме внимание на визиите, желбите и соништата на младите.

Бев на најголемите универзитети во Македонија и најдобрите студенти од универзитите доаѓаа кај мене. Тие најотворено разговараа со мене и ги кажуваа нивните амбиции, успеси и предизвици. Ги охрабрував да продолжат да вложуваат во личниот и колективниот успех. Нивните ставови, очекувања и предлози за унапредување на македонскиот високообразовен систем лично им ги пренесов на ректорите на универзитетите во Република Македонија. Со тоа не запре мојот ангажман како Претседател.

Ги поддржував младите научници, инженери и иноватори. Ги поддржував сите млади кои имаат отворен ум. Во таа насока посебно ме израдува и го поздравувам основањето на Фондот за иновации и технолошки развој на Република Македонија во кој еден од финансиерите ќе биде и Светската Банка.

Преку Школата за млади лидери создаваме посветени млади луѓе кои ќе водат и ќе предводат во сите сегменти на општествениот живот. Се надевам дека со тоа задржуваме стотини врвни и талентирани млади луѓе да живеат и да работат во Македонија.

obrakanje2Почитувани сограѓани,

Во изминатиот период, на надворешен и на внатрешен план, бележевме и успеси, но и се соочувавме со тешкотии. Имавме напредок, но и блокади. Но, со што и да се соочуваме, низ што и да минуваме, не смееме да ги изгубиме од вид предизвиците за иднината.

Бев избран за претседател на Република Македонија во време кога бранот на глобалната економска, финансиска и кредитна криза веќе се чувствуваше во економиите на европските држави.

Радува фактот што во овие пет години имаме подобрувања поголеми отколку што многумина проценуваа. Подобрувања како што се: економскиот развој, намалување на невработеноста, подобрување на условите за водење бизнис, зголемување на инвестициите.

Предизвици сè уште има. Иако во градовите не е лесно да се најде работа, многу од селата остануваат празни, а селските атари необработени. Неопходно ни е правилно користење на ресурсите со кои располагаме. Не смееме да заборавиме дека Македонија е во прв ред аграрна земја.

Светската економија веќе застанува на нозе. Водечките политичари и аналитичари од Европа најавуваат дека најлошото е поминато и дека состојбата во Европа се подобрува. Се враќа довербата на инвеститорите.

За да ја освоиме довербата и да донесеме што повеќе инвеститори во Македонија, неопходно ни е структурно приспособување. Само 5 отсто од компаниите ни се ориентирани кон извозот. Неопходна ни е извозна ориентација. Европската унија вложува милијарди евра во истражувања и развој. Светот веќе се занимава со новите технологии. Неопходно е повеќе да вложуваме во образование, наука и истражувања. Македонија да ја вклучуваме во регионалните образовни, научни и истражувачки проекти. Потребно ни е лидерство во иновациите и иновативни компании.

Постојано ги охрабрувам компаниите да ја зајакнат соработката со универзитетите и со академските центри во делот на иновациите, науката, истражувањата и развојот. Ги охрабрувам универзитетите да ја користат законската рамка и да продолжат со градење технолошки паркови, start-up акцелератори и други креативни проекти, со што се поттикнува и претприемачкиот дух на младите. Ја охрабрувам Владата да продолжи со создавање соодветни услови за практична синергија меѓу клучните засегнати учесници.

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Меѓу бројните предизвици, еден постојано ни се наметнува и ни ја попречува иднината – проблемот што официјална Атина го има со нашето име.

За време на мојот мандат постојано истакнував дека Република Македонија е подготвена за заемно прифатливо решение, решение во рамката што ја даваат резолуциите на Обединетите нации, Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Прашањето за идентитетот не е дел од рамката. Идентитетот не се регулира со акт запишан на парче хартија. Идентитетот не може да се купи, украде или фалсификува. Постојано истакнувам дека нема да дозволиме промена на кој и да било аспект на нашиот идентитет.

Во минатото многумина посегнувале по нашиот идентитет и нашата самобитност. Постојано се обидувале да ни наметнат нечии туѓи идентитети и туѓи претстави за нас самите. Во време на туѓа власт, нашите предци не потклекнаа на притисоците. Нема да потклекнеме ниту ние, денес, кога имаме сопствена независна, суверена и самостојна држава. Држава која нè штити нас и нашите интереси. Никогаш повторно нема да се случи некој да ни наметнува туѓ идентитет.

Како држава и општество, жестоко реагиравме на сите обиди да се посегне по кој било аспект на македонскиот идентитет. Останав доследен на ставот да примам извештај на Европската комисија само под услов да ја содржи придавката „македонски".

Почитувани сограѓани,

Неодамна се одржа Европскиот совет, каде што повторно се соочивме со блокада на нашиот европски пат. Пет години по ред Европскиот парламент и Европската комисија даваат препорака за неодложно отпочнување на преговорите за членство, за што сме искрено благодарни. Благодарни сме им на земјите-членки на Европскиот совет што нè поддржуваат и чиј број постојано се зголемува.

Но, пет години по ред, Европскиот совет не може да го постигне консензусот поради една земја-членка. Цело време ни се испречува ултиматум од нашиот јужен сосед, не само за името на државата, туку и за идентитетот на македонските граѓани.

Блокирајќи ја нашата интеграција во НАТО и во Европската унија, Атина ни го попречува правото на просперитет.

Пропуштивме многу можности и изгубивме многу енергија обидувајќи се да излеземе од лавиринтот во кој бевме втурнати. Немаме намера на идните генерации во наследство да им оставиме ваков проблем. Проблем во кој се најдовме поради отсуство на волја за добрососедство кај дел од политичкото раководство на Атина.

Веќе 22 години светот ја слуша невистината дека името Република Македонија имплицира територијални претензии кон јужниот сосед. И веќе 22 години Република Македонија на дело ја побива таа невистина. Никој веќе не верува во таа бесмислица. Нашите општества и економии одлично живеат и соработуваат, со што ги демантираат сите обвинувања и квалификации на дел од политичката елита на соседот.

Република Македонија отсекогаш верувала и во практика го применувала ставот дека дијалогот е незаменлив. Македонија секогаш се водела од принципот дека мора да си помагаме, а не да си попречуваме. На излитената и старомодна политика на негирање, уцени и закани од страна на нашиот сосед, ѝ ја спротивставуваме македонската политика на добрососедство, отвореност и подготвеност за дијалог.

Блокадите, уцените и притисоците со кои се соочуваме се аргументи на голата сила. Вистината може да се брани само со силата на аргументот. Затоа на сите мои средби, и во земјава и во странство, упорно се борам со силата на аргументот, укажувајќи на вистината за Македонија.

Оној што не се соочува со реалноста, живее во илузии. Република Македонија е реалност на Балканот, реалност во Европа, реалност во меѓународната заедница.

Бараме и очекуваме од Атина, како земја-членка на Европската унија, со нас да се однесува европски. Бараме и очекуваме кон нас да се применуваат европски критериуми и стандарди за членство. Ни помалку, ни повеќе од тоа. Република Македонија е европска држава и заслужува европски третман.

НАТО функционира благодарение на меѓународните договори. Унијата се темели на почитувањето на владеењето на правото, на меѓународното право, на човековите права. Камен-темелникот на НАТО и на Унијата не може уште долго време да биде и камен на нивно сопнување. Државите и меѓународните организации имаат сè поголема потреба за правно уреден меѓународен поредок.

Бараме и очекуваме Европската унија и НАТО да го повратат својот кредибилитет во случајот со Република Македонија.

Драги сограѓани,

На 5 декември се навршија точно две години од донесувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата. Во духот на добрососедството, на нашиот јужен сосед му оставивме доволен временски простор од цели две години со надеж дека во добра волја ќе ги исполни нашите, но и очекувањата на Судот. Очекувања дека нема да го повтори неодговорното однесување од Букурешт. Однесување што беше оценето како нелегално од страна на највисокиот правен авторитет во светот. Но, Атина не ја искористи можноста и продолжи да го крши меѓународното право. Продолжи непочитувањето на Времената спогодба и пресудата. Продолжија старите блокади, уцени и притисоци, зачинети со нови изговори.

Како сосед ние не посакувавме да ја тужиме Атина во Хаг, но бевме принудени на таков чекор. Како сосед, ние не посакуваме да се обратиме до Советот за безбедност на Обединетите нации, творецот на резолуциите во чии рамки се води процесот, и да бараме спроведување на пресудата и нејзино безусловно почитување. Но, како и по Букурешт и сега немаме друг избор.

Непочитувањето на меѓународно преземените обврски ја доведува во прашање кредибилноста на официјална Атина во спорот што ни го наметна. Имаме и право и основа да се сомневаме во нивната подготвеност да ги почитуваат договорите. Само почитувањето на правните механизми може да ни помогне да ја изградиме довербата.

Пресудата може да ја игнорираат, но не може да ја негираат. Таа е тука, и чека да биде испочитувана. Но, не може да чека до бескрај.

Создадени се услови да се побара од генералниот секретар на Обединетите нации, во согласност со неговите надлежности, да поднесе извештај до Советот за безбедност на Обединетите нации за состојбата во која се наоѓаат разговорите што ги води медијаторот Нимиц. Создадени се услови да се побара од Советот за безбедност ефектуирање на пресудата на Меѓународниот суд на правдата.

Нема да дозволиме да се гази врз достоинството на Македонија, да се негираат човековите права и правото на човечко достоинство.

Почитувани сограѓани,
Почитувани Македонци, Албанци, Срби, Роми, Власи, Турци и Бошњаци, христијани, муслимани и Евреи...

Секогаш, во моментите на предизвици, единствена мотивација ми беа токму македонските граѓани и нивната желба за европска Македонија. Во миговите на разочарувања, единственото охрабрување ми беше сплотеноста на македонското многуетничко, многурелигиско и многујазично општество околу идејата за Македонија.

И покрај предизвиците и блокадите, истрајавме на нашата политика. И ќе истраеме. Што е наше, ќе си дојде. Дотогаш да продолжиме да ја градиме Македонија во височина, со највисоки вредности, стандарди и критериуми. Да продолжиме да ја градиме Македонија како напредна, економски и демократски развиена држава. Да ја градиме Македонија како дом на сите нејзини чеда, на сите нејзини граѓани. Да ја градиме победнички, низ успехот, онака како што заслужува.

Букурешт го победивме со Хаг.
Економската криза ја пребродивме со мудра економска политика.
Блокадите да ги победиме со отвореност.

И никогаш да не заборавиме дека нашата татковина е нашата најголема историска победа.

Да живее Република Македонија!

  Back<<Назад