|

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска, на свечена церемонија ги додели стипендиите „Борис Трајковски" за академската 2013/2014 година. Стипендиите, традиционално, се доделуваат на 20 најдобри студенти за постдипломски студии на Програмата за бизнис администрација - МБА на Сити колеџот во Солун, Факултет за меѓународни студии, при Универзитетот „Шефилд" од Велика Британија. Секоја стипендија поединечно е во висина на уписнината на Сити колеџот и изнесува 14. 890 евра при што 50% обезбедува Министерството за образование и наука, а останатите педесет Сити колеџот. Претседателот Иванов им честита на стипендистите и притоа порача:
Почитуван министер за Образование и наука, господин Спиро Ристовски, Почитувани претставници на Сити колеџот, Почитувани стипендисти, Дами и господа,
Ми претставува големо задоволство по четврти пат да бидам домаќин на церемонијата на доделувањето на стипендиите, кои го носат името на покојниот претседател Борис Трајковски. Со своето дело Борис Трајковски остави траен белег во македонската, но и во европската историја. Да се биде носител на стипендија која го носи неговото име е голема привилегија и чест. Значењето на денешнава церемонија е и во фактот што покрај доделувањето нови стипендии на избраните дваесет кандидати, најдобри меѓу најдобрите пријавени на годинешниов конкурс, со нас се и стипендистите од претходните генерации. Ова секако е извонредна можност, постарите колеги да ги споделат своите искуства од студирањето на магистерските студии на престижниот Универзитет „Шефилд" со новите стипендисти.
Почитувани стипендисти,
Сакам да нагласам дека со стипендиите „Борис Трајковски" ви се дава одлична можност талентот, знаењето и вештините да ги надградите на еден престижен универзитет, на Сити колеџот од Солун при Универзитетот „Шефилд" од Велика Британија. Покрај знаењето што ќе го добиете од врвните професори, ќе имате можност и да се сретнете и да се дружите со вашите колеги кои доаѓаат од различни земји. Искористете ја можноста за запознавање со нови култури, за размена на идеи и мислења, и стекнување нови пријателства. Несомнено, овие контакти и комуникација ќе ви бидат од корист во вашето професионално, но и лично надградување.
Постојано потенцирам дека човековиот ум е наш најзначаен ресурс. Оттука, градењето на квалитетни, високообразовани кадри, секогаш е најисплатлива инвестиција. На Македонија ѝ се потребни лидери во областа на бизнис-администрацијата, менаџментот, маркетингот и финансиите. Поради тоа, инвестираме во вас со цврсто уверување дека ќе бидете добри претприемачи и менаџери, со успешна кариера, но и со одговорност кон општеството. Вашите идни успеси ќе бидат и успех на Република Македонија.
Апсолутно сум убеден дека она што ќе го добиете како знаење ќе го искористите за остварување на своите визии и идеи, но и дека вашето знаење и вештини ќе бидат исползувани токму во Република Македонија каде ќе продолжите да ја градите вашата професионална кариера. Дозволете на крајот да завршам со зборовите на Нелсон Мендела кој денес се пресели во вечноста: „токму во образованието го имате најмоќното оружје кое можете да го искористите за да го промените светот. " На ова само би додал: Користете го доблесно и несебично градејќи поубав и поблагороден свет. Од сè срце ви посакувам многу успех и среќа.
Благодарам.

|