Говор на Претседателот Иванов по повод државниот празник Илинден
Понеделник, 02 Август 2010   

Почитувани граѓани на Република Македонија,

Почитувани присутни,

Почитувани потомци на сите наши знајни и незнајни херои кои своите животи ги положија за татковината Македонија.

И годинава гордо се собравме на овој наш најсветол ден, да им оддадеме почит на борците за слободна и независна Македонија. На  Хероите на двата Илиндени но и на сите други важни настани на кои се жртвуваа за денес да можеме да бидеме свои на своето. Да им ветиме уште еднаш дека денешните генерации нема да го заборават заветот што ни го оставија. Да ги насочиме нашите погледи, стремежи и напори од заедничкото минато, кон заедничката сегашност и заедничката иднина. За сите Македонци каде и да живеат.
"..македонскиот народ е решен да заживее слободен живот и оти никаква сила на светот не може да му застане на неговиот пат кон полна национална слобода" се вели во Манифестот на Првото заседание на АСНОМ  od 2 август 1944 година, во кој исто така, стои:
Македонски народе,
Од тешките борби и пролеаната крв на најдобрите македонски синови излегува денес првото Народно Собрание, тој симбол на твојата слобода и изразител на твојот суверенитет, и ја прокламира пред цел свет полната национална слобода на македонскиот народ во ПРВАТА СЛОБОДНА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА. Вековниот идеал на македонскиот народ се постигнува...
Свесни дека имаат историска задача, сонот за независна и силна Македонија го остваруваа многу генерации Македонци.  Идеалот од првиот Илинден го оствари вториот Илинден. Идеалот на вториот Илинден го остваруваме ние по 8 септември 1991 година.

Гоце Делчев беше факелот за првиот Илинден, Кузман Јосифовски - Питу пак го разгоре факелот на вториот Илинден. И двајцата заминаа предвреме, но направија доволно и навреме за да го осветлат патот на нивните следбеници. Немаа среќа да ја почуствуваат слободата на својот народ и да ги слушнат зборовите на првиот и на вториот Манифест но нивните потомци знаат да го вреднуваат секој чекор направен во правец на слободна Македонија од сите без разлика на нивната верска и национална припадност.
Какво е значењето на првиот Илинден за вториот Илинден, Кузман ќе го искаже на 2 август 1943 година, на Преспанско советување, во рефератот посветен на 40- годишнината од Илинденското Востание. Во него тој вели:

...”Денеска, кога македонскиот народ се наоѓа пред решителна борба за извојување на својата национална  слобода, споменот на Илинден треба повеќе од секојпат да светли пред очите на целиот македонски народ, пред лицето на сите чесни и слободољубиви Македонци, сите кои ја сакаат својата земја... ”

Свесен за моќта на светлината на првиот Илинден, Кузман во вториот Илинден ги вклучи неговите Прометеи: Ченто, Брашнаров и плејада други патриоти.

Методија Андонов – Ченто ќе се бори илинденските идеали да станат наша реалност. Жестоко ќе се залага за нив при подготовките за свикувањето на АСНОМ, особено на средбата на македонската делегација на Вис. Токму затоа и ќе биде избран за прв претседател на Президиумот на АСНОМ, меѓу народот познат и како прв претседател на Македонија.

Панко Брашнаров, жив сведок на двата Илиндени, отварајќи го првото заседание на АСНОМ ќе каже:

“животворниот извор на слободата не секна. Македонија ја поделија, ропствата се сменија, но борбата на македонскиот народ не престана.”

Брашнаров беше сведок но и жртва на илинденските идеали, за до ден денес гробот да не му го знаеме, за почит да му одадеме. Токму затоа, денес за сите што ја имаа неговата судбина, го спомнуваме и му се поклонуваме.

Ченто сакајќи одлуките на АСНОМ да станат нова македонска реалност, заврши во затвор една цела деценија. Цел еден период го избришаа неговото име и неговите заслуги од учебниците, од книгите, од историјата. Забранија дури и името да му се спомнува.

Денес ние го живееме нивниот сон. Затоа го славиме АСНОМ - вториот, славен Илинден, кој ги постави темелите на македонската држава. АСНОМ потврди дека Македонскиот народ е решен да живее слободен живот и како што вели Манифестот: никаква сила на светот не може да му застане на неговиот пат!
Знамето на слободата е кренато и никогаш повторно нема да се спушти!

Почитувани,

Денес ја живееме слободата и независноста за која се бореа и гинеа нашите славни претци. Тие се жртвуваа давајќи ги своите животи за нашата слобода и слободата на нашите деца. Тие се жртвуваа за нашата иднина и иднината на нашите потомци. За тоа нивно херојско дело, вечно сме им благодарни. И затоа со многу верба и со чисто срце и мисла да бидеме одговорни кон нас, кон блиските и кон сите други, ja превземаме обврската да го чуваме тоа што ни го оставија во аманет. Но истовремено да го зацврстиме тоа што го наследивме, за да можат некои други генерации, во некои нови Илиндени без стравови за иднината да го живеат идеалот што го сонуваа и илинденците и асномците и многу други генерации.

Да бидеме одговорни кон нашата татковина Македонија!

Овој завет е врежан во Крушевскиот манифест – најсилниот и најискрениот проглас на подадена рака и желба за соживот. Декларација втемелена врз сознанието дека слободата не е производ само на силата туку и на надежта и на совеста. Манифест заснован врз сфаќањето дека слободата е праведна и не трпи неправда.

Завет кој ги содржи идеалите на Илинден – борба против тиранијата и ропството, борба за слобода, правда и еднаквост. Борба за Македонија!

Завет кој стои во првиот член на Декларација на АСНОМ за основните права на граѓанинот на Демократска Македонија: „Сите граѓани на македонската држава се еднакви и рамноправни пред законите, не гледајќи на нивната народност, пол, раса и вероисповедание“.

Завет од вториот член на оваа декларација: „На националните малцинства на Македонија се осигуруваат сите права на слободен национален живот.“

Ние го исполнуваме овој завет, затоа и ја чуваме Македонија и нејзината интеграција без асимилација. Отсекогаш власта и јавниот живот ја отсликувала таа македонска реалност. Уште во Уставот на Привремената влада „Единство“, преку Крушевската Република, преку Президиумот на АСНОМ, до сите влади на самостојна и независна Македонија. Во сите нив заедниците имале и имаат свои претставници кои институционално ги артикулираат и насочуваат нивните потреби и интереси. Покрај Македонци, тука се Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и сите други што живеат во Република Македонија.


Почитувани,

Ние го исполнуваме заветот. Република Македонија од 1991 година достојно ги продолжува идеалите на славната Крушевска Република и на државотворниот АСНОМ. Република Македонија е демократска и правна држава која се темели врз почитувањето на човековите права и слободи. Држава чија големина лежи и во нејзината отвореност. Отвореност кон сите кои живеат во неа, но и кон соседите во регионот.

Таа наша македонска отвореност природно се надоврзува на благородната идеја на Европската унија, идејата за Обединета Европа. Таа наша отвореност е дел од визијата за европски мир, кој ја подразбира Европа како обединет и отворен простор, простор во кој има толеранција и славење на различностите. Каде секој со себе ќе ги носи своите права и својот идентитет. Простор во кој односите меѓу државите се темелат врз соработка, отвореност, демократија и почитување на човековите права, но и почитување на човековото достоинство.

Македонија и Балканот денес живеат со таа идеја за обединета Европа. Европа кон која природно припаѓаме. Затоа, Македонија и Балканот искрено се посветени на напорите за надминување, помирување и интегрирање.

Почитувани,

Сакам да потенцирам дека, како држава, ние не бегаме од предизвиците, што ги има на сите страни, туку храбро и одговорно се соочуваме со сето тоа. Онака како што и доликува на Македонија.

За таа наша упорност и посветеност зборува фактот што успеавме да ги решиме сите отворени прашања околу нашите граници. Со тоа станавме единствената земја од поранешните југословенски простори која го постигна ова.

За таа наша македонска истрајност сведочат добрите односи со речиси сите наши соседи. Лично придонесувам во тоа, при честите средби со нивните лидери. Македонија е држава која може отворено да зборува за иднината на регионот со сите. Да зборува за поврзувањето, за помирувањето, за отворените прашања на нашиот регион. Да зборува за заедничката инфраструктура, за енергетската иднина, за екологијата, за заедничките стратешки цели.

Бидете уверени дека, како регион, ние не бегаме од проблемите. Некои од нив сме ги наследиле, некои и сами сме си ги создале. Достоинствено се соочуваме и ги надминуваме ваквите предизвиците, онака како што доликува на историската мисија на оваа генерација лидери. Мисија за историско помирување и интегрирање на балканските народи во европското семејство на демократски држави.

Промовирањето на политиката на отвореност кон сите не остана само во регионот туку се шири и надвор од него. Резултатите од ваквиот пристап се веќе видливи и реални. И во тоа повторно лично придонесувам при моите средби со европските и светските лидери. Македонија секогаш ќе води сметка за своите интереси и за тоа нема да се правда. Но ќе води сметка и за заедничките интереси на Европа и за мирот во светот. Затоа нашите војници и старешини се во сите мировни мисии каде што сме поканети.

Почитувани,

Ваквите позитивни чекори ја потврдуваат старата вистина дека прашањата и проблемите се решаваат само преку дијалог. Дека комуникацијата ја враќа довербата меѓу страните. Дека оној што комуницира, тој и се интегрира. Дека трајните и одржливи решенија се градат само со искрена посветеност и свеста за заедничкото минато, заедничката сегашност и заедничка иднина.

Преку интензивната регионална соработка, освен што придонесовме кон помирување, воедно го поддржуваме и олеснуваме и патот на целиот регион кон евроинтеграциите. Синергија која ни била неопходна отсекогаш.

Денес, за првпат по долги историски епохи на тирании и деспотии, имаме амбиент во кој сите земји од нашиот регион имаат демократски избрани власти и имаат желба и потреба да го обединат овој простор со лошо минато во заедничка и просперитетна сегашност и иднина. Обединетост врз основа на меѓусебно почитување и разбирање, со соработка и со пријателство. Неодрживи и непожелни се веќе старите пазарења и сојузништва, во полза на едните, а на сметка на другите.
Нашиот регион, нашиот континент, кој во услови на мир секогаш живеел заедно, не можете да го поделите со административни бариери. Македонија била, е и ќе биде во Европа, достоинствено и слободно.

Европското искуство не учи дека е можно оние што некогаш биле непријатели да напредуваат и успеваат заедно, паралелно едни со други, без притоа тој нивен успех да предизвика штета кај други. Искуство кое ни вели дека успехот и напредокот не може да им припаѓа само на едни, а да им биде ускратено на други.

Почитувани,

Покрај очигледните успеси, има едно прашање кое, за жал, фрла сенка врз севкупниот регионален напредок. Блокирањето на нашето интегрирање во ЕУ и во НАТО од страна на нашиот јужен сосед не придонесува кон стабилноста во регионот. Блокадата не соодветсвува со целите на ЕУ и НАТО – мирот, безбедноста, стабилноста и благосостојба. Напротив, блокадата е нивна антитеза.

Некои политичари кај нашиот јужен сосед имаат проблем со нашето име и нашиот идентитет. Затоа, сакам да знаете дека тука сме да им помогнеме да го надминат тој проблем, и да ја прифатат реалноста на Македонија и Македонците.

Затоа, потенцирам: Република Македонија многупати досега покажа дека е подготвена за дијалог, за средби и комуникација, како единствен начин за надминување на разликите. Ние многупати досега ја пруживме раката на помирување и разбирање, и таа сеуште е подадена.

Почитувани,

Нашата цел е напредна, економски и демократски развиена држава, целосно интегрирана во НАТО и во Европската унија. Ние искрено и посветено се стремиме кон овие семејства кон кои природно припаѓаме.

Доследноста кон чувањето на идентитетот и интегритетот се наши најголеми вредности. Вредности врз кои се темелат и ЕУ и НАТО. Земјите што не се доследни кон себе, нема да бидат доследни и чесни ни кон другите. Затоа, само како Македонија и како Македонци сме придобивка за Европа и за светот.

Припадноста кон овие две заедници подразбира јасни критериуми. ЕУ и НАТО имаат право да бараат исполнување на критериумите за членство. А со тоа право следат и одговорностите за кои сите треба да се свесни и доследно да ги исполнуваат. Од своја страна, Македонија ги исполнува своите одговорности и задачи.

Затоа, апелирам нашите сојузници и формално да го прифатат нашето членство во Алијансата. Ние веќе учествуваме со целата одговорност во помагање на регионите кои продуцираат нестабилност.

Затоа, апелирам нашите европски партнери да останат доследни на делото на големите визионери и архитекти на Европа. Да не дозволат финансискиот банкрот да доведе и до морален банкрот.

Затоа, апелирам Грција да прифати дека ние постоиме и ќе постоиме како нивни искрени соседи и пријатели. Да се надоврзе на примерите на историско надминување и помирување кои носат траен мир на Балканот.

Почитувани,

На овој ден, од овој простор, кој не учи за тоа дека слободата се стекнува со истрајност и сплотеност, сакам да пратам јасна порака. Треба да бидеме свесни за одговорноста што ја носиме, бидејќи се наоѓаме пред пресвртен период за нашата земја.

Сведоци сме на загрижувачките настани кои во последно време се случуваат на политичката сцена во Република Македонија.

Сведоци сме дека и други соседни земји имаат слични несогласувања и превирања поради кои трпат нивните интегративни процеси.

Учеството во политичкиот натпревар подразбира фер игра, без нелегитимни притисоци и неконструктивно дејствување. Тоа е натпревар во кој се почитуваат однапред познатите и прифатени правила. На крајот, победници на таквиот натпревар се татковината и нејзините граѓани.

Затоа апелирам – учеството во политичките процеси нема алтернатива, особено за политичките фактори и актери кои решиле на избори да бараат доверба од граѓаните.

Затоа, апелирам да се престане со дневно-политичките поделби! Само единствени и обединети околу стратешките цели ќе истраеме на нашиот пат. Пат кој води до целта која ги обединува  граѓаните на Република Македонија, независно од нивната верска, етничка или политичка припадност. Веќе ги чуствуваме конкретните придобивки од реформите, од визната либерализација. Само заедно ќе успееме да ја оствариме нашата историска мисија. Проспертитетна и богата европска Македонија.

Почитувани,

Ние не се плашиме од успехот.

Нас не обврзува нашето минато, не обврзуваат идеалите на нашите претци. Ние сме одговорни за сегашните генерации, но и за генерациите кои следат. Да не заборавиме дека сегашноста е нешто кое го позајмуваме од идните генерации. Ним треба да им предадеме посреќна, побогата посплотена Македонија.

Потомци и следбеници на Делчев, Груев, Карев, Гули, потомци на славните Брашнаров, Чучков, Питу, Аголи, Ченто, за многу години Илинден!

Да ни е вечна слободата и независноста!
Да живее Република Македонија!

  Back<<Назад