|
Изјава на Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов на заедничката прес конференција со Претседателот на Република Латвија Валдис Затлерс
|
|
|

Почитувани претставници на медиумите. На почеток сакам да го изразам задоволството што по двете средби што ги имавме последниве десет месеци со Претседателот Затлерс во Њујорк и во Доха, повторно се среќаваме сега во Македонија. Оваа посета е потврда за развојот на пријателските односи и соработка помеѓу нашите држави. Со Претседателот Затлерс имавме мошне конструктивни разговори, на кои разменивме мислења за начините како да ги интензивираме билатералните односи. Разменивме и за прашања од заемен интерес на мултилатерален план, за регионалните прашања, а посебно за аспирациите на Република Македонија за членство во ЕУ и НАТО. Секако, една од темите на разговорот беше прашањето што ги попречува нашите евро-атлантски интегративни процеси. Го запознав Претседателот Затлерс со актуелностите во процесот кој се води под покровителство на ОН околу ирационалниот проблем кој нашиот јужен сосед го има со нашето уставно име. Детално го информирав за сите аргументи кои се на наша страна. Го информирав дека и покрај сите досегашни отстапки, Република Македонија активно и конструктивно учествува во процесот на изнаоѓање на взаемно прифатливо решение. Со Претседателот Затлерс заеднички констатиравме дека клучниот национален приоритет на Република Македонија е да ги почне преговорите за членство во ЕУ што поскоро, бидејќи интегративните процеси се исклучително значаен кохезивен и мотивирачки механизам во нашето мултикултурно општество. Го искажав и моето очекување Република Латвија да се заложи Унијата да го одвои ова билатерално прашање од одлуката за почеток на пристапни преговори со Република Македонија. Почитувани. Со Претседателот Затлерс се сложивме дека она на што ќе треба да го фокусираме нашето внимание за да ја олесниме и економската, но и другите форми на соработка, е унапредување на правната рамка - во областа на економијата, здравството, образованието, науката, културата, граѓанско правната материја. Денешното потпишување на Меморандумот за разбирање меѓу нашите министерства за одбрана со кое се воспоставува правна рамка за идна соработка е само почеток на таа соработка. Во оваа прилика би сакал да ја изразам благодарноста за досегашната принципиелна поддршка на евро-атлантските аспирации на Република Македонија од страна на Република Латвија и во тој контекст би сакал да истакнам дека и во иднина Република Македонија во Република Латвија гледа искрен партнер и поддржувач на патот кон целосна евро-атлантска интеграција. Уште еднаш претседателе, Ви благодарам што дојдовте и искажавте поддршка за Македонија, уверен сум дека соработката меѓу нашите две држави, ќе добие на интензитет, а пријателството ќе продолжи да се развива со нови форми и содржини. Ви благодарам на вниманието.
|