Обраќање по повод 11 Октомври - Денот на народното востание
Четврток, 10 Октомври 2013   

akademija1Почитувани граѓани на Република Македонија,

Почитувани учесници
во Народноослободителната
и антифашистичката борба,

Ценети членови на семејствата на нашите херои,

Почитувани присутни,

Дами и господа,

Утре, на 11 Октомври, Република Македонија прославува 72 години од почетокот на народното востание за ослободување на Македонија од фашистичкиот окупатор. Во предвечерјето на тој голем празник, со почит се сеќаваме на сите борци и херои на Македонија, на сите синови и ќерки на нашата татковина кои учествуваа во големата борба за слободна Македонија. Се сеќаваме на 66-те народни херои кои ги даде Македонија, од кои 44 загинаа за време на НОБ.

Ние ја живееме слободата за која пожртвувано се бореа и се изборија храбрите борци во Народноослободителната и антифашистичка борба. Нашите деца безбедно растат под знамето на слободата, знаме под кое се бореа илинденците и АСНОМ-ците. Благодарение на нив, ние денес сме свои на своето. За тоа сме им вечно благодарни.

Драги граѓани на Република Македонија,

За многу европски држави, антифашистичката борба беше идеолошка борба против фашизмот и нацизмот како најголеми зла на 20 век. За македонскиот народ, пак, антифашистичката војна беше воедно и борба за национално ослободување на Македонија.

Учесниците во Народноослободителната борба себеси се гледаа како продолжувачи на делото на илинденците, како дејственици во остварувањето на нивниот сон. Сон за слободна и за независна Македонија.

Меѓу партизанските одреди во Македонија ќе ги најдете имињата на славните илинденци, на Гоце Делчев и Даме Груев, на Питу Гули, Пере Тошев и Јане Сандански.

Меѓу учесниците во НОБ ќе ги најдете и преживеаните ветерани од славното Илинденско востание. Брашнаров, Влахов, Шатев, Гермов и стотици други.

Како што Илинденското востание за свој идеолог го имаше Гоце Делчев, така и Народноослободителната војна за предводник го имаше Кузман Јосифовски-Питу, меѓу народот познат и како втор Гоце Делчев. Организирајќи го НОБ, тој пред себе го има идеалот на Илинден. На 2 август 1943 година, на Преспанско советување, во рефератот посветен на 40-годишнината од Илинденското востание, Кузман меѓу другото вели:

„Денеска, кога македонскиот народ се наоѓа пред решителна борба за извојување на својата национална слобода, споменот на Илинден треба повеќе од секојпат да светли пред очите на целиот македонски народ, пред лицето на сите чесни и слободољубиви Македонци, сите кои ја сакаат својата земја..."

akademija2Ценети присутни,

11 Октомври го славиме како ден на почетокот на вооруженото востание на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор. Сепак, македонскиот народ многу порано се вклучи во антифашистичката борба.

Од самиот почеток, навлегувањето на окупаторските сили во македонските градови и села било дочекувано со жестоко противење. За тоа сведочат Илинденските демонстрации и штрајкови од 2 Август 1941 година, на ден Илинден.

Уште во мај 1941 година е формирана Воена комисија за забрзување на подготовките за оружено востание. Во август 1941 година, формиран е првиот Скопски народноослободителен партизански одред. На почетокот на септември на планината Славеј се формирани одредот „Славеј" и одредот „Дримкол". На 12 септември се формира Прилепската партизанска чета, на 11 октомври Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев" а на 12 октомври и Кумановскиот партизански одред.

Познато е дека партиските организации на Скопје, Велес, Прилеп, Битола формирале посебни диверзантски групи, кои му задавале големи маки на окупаторот. Оружени судири на разни диверзантски групи има уште во летото 1941 година. Едно од првите диверзантски акции било уништувањето на германски авион во близина на аеродромот во Скопје на 4 јуни 1941 година. Во август се организира диверзија во рудникот „Радуша" за земање експлозив. Во септември почнале првите вооружени судири со окупаторот кај тунелот „Богомила", на железничката линија Велес-Прилеп и на Водно.

На 11 октомври, 16 борци од Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев", поделени во три групи, ќе извршат напад на бугарската полициска станица во Прилеп, при што ќе го убијат стражарот. Во затворот се наоѓале политички затвореници и македонски патриоти. Утредента, на 12 октомври, како реакција на нападот, бугарската полиција ќе уапси 700 прилепчани, меѓу кои и неколку од членовите на одредот.

11 октомври 1941 година подоцна стана симбол на востанието на македонскиот народ против фашистичкиот окупатор. Востание чии жаришта веќе беа распламтени на повеќе места во Македонија.

Македонците беа меѓу предводниците на антифашистичкиот отпор. Македонците се еден од првите, а не последните југословенски народи што започнале борби со фашистичкиот окупатор. Тоа е израз на незгасливата жед за слобода.

Нашето минато е наша историја. Историчарите имаат обврска да ги расветлат сите моменти од нашата епопеја, и да ги осознаат сите аспекти од македонската борба.

Почитувани присутни,

Со тага се сеќаваме и на жртвите на фашистичкиот окупаторски режим, на илјадниците синови и ќерки, илјадниците чеда на Македонија. Споменот за нив и денес треба да нè потсетува на нивниот џелат. Но, не секогаш е така. Денес многу лесно се користат тешки зборови. За сè и сешто се зборува дека е фашизам и нацизам, без притоа да се разбира значењето на нивното зло.

Фашизмот и нацизмот се тоталитарни идеологии кои гравитираат околу концептите на органски национализам, расизам и антисемитизам. Како екстремно етатистички идеологии, тие целосно го обезличуваат поединецот и бараат тотална лојалност кон државата. Односот кон поединецот, кон различниот, го пресликуваат на своето опкружување како простор што треба да се освои, исчисти од различноста и експлоатира.

Најголемиот сојузник на сите тоталитарни идеологии е чувството на вина, толку развиено кај современиот човек што му ја одзема вербата во вредноста на сопствените ставови и судови", рече Чеслав Милош. Токму тоа чувство на вина ги тера застапниците на фашизмот и нацизмот да ги уништуваат сведоците на таа вина. А сведоците на таа вина се секогаш различните.

Фашизмот и нацизмот донесоа повеќе смрт од која било друга човечка идеја. 55 милиони луѓе ги загубија животите во Втората светска војна. Војна која ја започнаа погубните идеологии.

Никој не знае подобро што значат фашизмот и нацизмот од припадниците на оние групи и заедници што страдаа, што беа прогонувани и уништувани. Никој не знае подобро што значат фашизмот и нацизмот од оние кои се бореа против тоа зло, од борците во Народноослободителната и антифашистичка борба. Борци, кои активно придонесоа кон победата над злото на 20 век.

Но, се покажа дека овие погубни идеологии сè уште не се мртви, сè уште виреат кај поединци и групи со затворени и заматени умови. Фашизмот и нацизмот, за жал, сè уште не се целосно искоренети од Европа. Ја менуваат формата, но во суштина остануваат непроменети. На радикалните поединци и групации сè уште им се потребни непријатели за да опстојуваат во нивните екстремистички ставови. Неопходни им се илузорните претстави за чисти нации.

Со загриженост ги следиме појавите на радикализам и екстремизам во Европа, па и во нашето непосредно соседство. Ги охрабруваме напорите за нивно сузбивање. Сепак, неопходно е да се третираат причините, а не само последиците на овие негативни појави кои ги загорчуваат пријателските односи меѓу народите и државите.

Фашизмот и нацизмот се изродија од урнатините на Европа по Првата светска војна. Привремениот Версајски мир и светскиот економски крах доведоа до голема европска криза. Криза што на власт во некои од победените држави донесе режими насочени кон исклучивост, нетрпеливост и омраза кон различниот. Фашизмот и нацизмот се јавија како последица на европската криза, но се развија бидејќи најдоа плодна почва во неодлучноста на светските и европските лидери.

Се вели дека, сè што е потребно за да победи злото, е добрите луѓе да стојат настрана и да не преземаат ништо. Ако му се отвори вратата на злото, тоа ќе влезе. Ако му се даде простор, тоа ќе се рашири. Ако се толерира, тоа ќе се зацврстува, сè додека не е предоцна.

Во февруари 1938 година, Хитлер ја анектираше Австрија. Слободниот свет молчеше. Во март 1939 година, Хитлер ја окупираше Чехословачка. Слободниот свет повторно молчеше. Во септември 1939 година падна и Полска. Дури тогаш слободниот свет се реши да одговори и да му застане на патот на злото.

Во таа смисла беа и зборовите на Винстон Черчил, кој рече „...ако не сакате да се борите за правда додека сте во состојба победата да ја извојувате лесно и без пролевање крв, ако не сакате да се борите кога ви е осигурена победата и тоа не по некоја висока цена, можете да се најдете во состојба кога ќе морате да се борите со сите околности свртени против вас и со сосема мали можности да преживеете. Може да се случи нешто уште полошо. Може да се борите без надеж дека ќе победите, затоа што е подобро да се пропадне, отколку да се живее како роб".

akademija3Дами и господа,

Без сеќавање, нема иднина. Европската унија треба да учи од минатото на разединета Европа.

Лекцијата од Втората светска војна е дека во услови на криза треба да се биде проактивен, а не пасивен. Во услови на криза треба да се бараат решенија, а не изговори. Токму во моменти на криза треба принципиелно да се бранат заедничките вредности, слободата, демократијата, човековите права и човековото достоинство. Секогаш кога се прави компромис со темелните вредности, се поткопува темелот врз кој е изградена слободата и демократијата.

Крајот на Втората светска војна и победата на антифашистичката коалиција значеше нова етапа во светската, европската, но и во македонската историја. Нефункционалното друштво на народите беше заменето со Обединетите нации. Меѓународниот поредок беше дополнително зацврстен со меѓународното право. Од европските урнатини овој пат се роди идејата за обединета Европа како мировен проект. Идеја која мотивира и инспирира и доброволно ги придвижува општествата кон реформи.

Но, денес, таа идеја се соочува со криза. Денес, Европа се соочува со последиците од последната светска економска и финансиска криза. Криза што не може да се надмине без почитување на основните принципи врз кои се темели Европската унија: мирот, демократијата, владеењето на правото, човековите права, правото на самоидентификација и човеково достоинство. Принципи во кои ја гледаме причината и смислата на нашата евроинтеграција. Република Македонија и македонските граѓани се придобивка за Унијата само доколку влезат рамноправни во мозаикот на различностите на Европската унија, со својот идентитет и со своето достоинство.

Драги сограѓани,

Многу нешта се променија. Но, има едно нешто што не се промени. Како тогаш, така и денес, Македонија и Македонците се на страната на правдата, исправното и доброто. Во 1941 година, македонските борци застанаа на вистинската страна, за разлика од други кои беа на страната на злото на 20 век.

Ако некогаш Македонците се бореа против злото на фашизмот и нацизмот, денес, Република Македонија се бори за придобивките што произлегоа од победата над фашизмот и нацизмот. Денес, Република Македонија се бори за почитување на меѓународното право како една од основите на меѓународниот поредок. Право, кое е придобивка на победниците од Втората светска војна.

Пред 72 години, македонскиот народ активно се вклучи во големата антифашистичка коалиција составена од слободољубиви народи и држави. Коалиција која успеа да ја порази оската на злото. Денес, македонските мировници како дел од големата антитерористичка коалиција ги бранат слободата, демократијата и човековите права во светот.

Фашизмот и нацизмот го негираа, прогонуваа и го уништуваа она што Македонија и Македонците со векови го чуваа и го промовираа – соживотот меѓу луѓето, независно од етничката, верската, јазичната или која било друга припадност. Додека фашизмот и нацизмот го уништуваа соживотот, Македонија го чуваше и го промовираше соживотот како своја најголема вредност.

Верен на овие вредности врежани во Крушевскиот манифест, Кузман во една пригода изјави:

„Во Македонскиот национален фронт треба да стапат сите чесни Македонци, без разлика на досегашната определба, народност, вера и пол."

Трајна вредност на нашата борба против фашизмот е што во неа учество земале сите етнички и верски заедници во Македонија. Во борбата се вклучиле Македонци, Албанци, Срби, Турци, Власи, Роми... Се вклучиле христијани и муслимани и Евреи, сите слободољубиви чеда на нашата заедничка татковина Македонија. Нашата традиција на соживот, притисната под налетот на мрачни времиња и уште помрачни идеологии, опстојала и не се скршила. Тоа што ние денес можеме да живееме заедно, се должи на цврстината на нашите предци кои не ја преминале линијата и не дозволиле оваа почва да биде затруена со омраза.

Сведоци сме дека кај некои во соседството отсуствува дури и толеранција. Кај некои постои толеранција. Некои ги прифаќаат различностите. Но, Македонија секогаш гледала подалеку од овие концепти и негувала нешто што е повеќе и од толеранцијата и од прифаќањето, а тоа е почитта кон различноста. Се толерира само она што се мора, а се почитува она што се сака.

Цврсто сме решени да истраеме на нашиот праведен пат. Пат што пожртвувано го пробија великаните на нашата историја – илинденците и учесниците во големата Народноослободителна и антифашистичка борба на Македонија.

Нека ни е вечен Денот на народното востание против фашизмот!
Нека ни е вечна слободата!
Да живее Република Македонија!

akademija4

  Back<<Назад