Обраќање на Претседателот Иванов на отворањето на Охридско Лето
Вторник, 13 Јули 2010   

Почитувани, Ваши екселенции, дами и господа.
Ми претставува особена чест и задоволство да Ве поздравам тука, во македонскиот и балканскиот бисер, нашата духовна и културна престолнина,  Охрид.
Вечерва го одбележуваме златниот јубилеј на нашиот врвен меѓународен фестивал, Охридско лето. Фестивал кој со својата програма и отвореност кон публиката и кон уметниците, претставува гордост на Охрид и на Македонија.
Токму тука, во Охрид, публиката секојпат одново ги открива и ужива во делата на музичките гении во кои секако се вбројуваат Бетовен, Бах, Моцарт, но и тројцата великани Шопен, Шуман и Малер, чии годишнини ги чествуваме оваа година.
Зарем има поприроден простор за славење на полувековното постоење на фестивалот од овој многувековен храм на сценската, вокалната и музичката уметност. Храм во кој граѓаните на Лихнид ги доживувале ремек делата на античките драмски гении.
Храм во кој денес одекнуваат делата на големите македонски, европски и светски композитори, драматурзи, уметници.
Почитувани, уметноста не препознава граници и поделби. Цивилизациската улога на музиката и уметноста воопшто е да биде најголемиот архитект на соживотот и заедничката иднина меѓу народите и заедниците. Затоа, токму уметниците биле, се и ќе бидат гласници на мирот, толеранцијата и разбирањето. Тие биле, се и ќе бидат главните градители на мостовите кои не поврзуваат сите нас.
Во текот на своето долгогодишно постоење, фестивалот на многу уметници од Македонија но и од други земји им го отвори патот кон славата.
Охридско лето стана втор дом за многу светски познати изведувачи како што се виртуозите Коган, Шеринг, Навара, Карерас, Зубин Мета и Џеси Норман, но и за бројните реномирани македонски изведувачи, како Ана Липша Тофовиќ. Фестивалот го збогатија македонски и балкански актери и режисери кои на сцената ги оживуваат делата на драмските класици и современите автори.
Свесни за важноста на овој фестивал, посветено создаваме услови за збогатување на програмата со исполнувачки содржини, со докажани ѕвезди но и ѕвезди во подем, сегашни но и идни амбасадори на културата.
Охридско лето ги надминува очекувањата. Токму затоа денес го одликував Фестивалот со највисокото признание, Орденот за заслуги за Македонија, за долгогодишното успешно промовирање на македонската култура и афирмација на Република Македонија во светот.
Почитувани, во исчекување на настапот на еминентниот руски национален оркестар под диригентската палка на маестро Плетњов и на нашиот драг Симон Трпчески, кој преку моќта на уметноста ја стави Македонија на светската карта на музиката, верувам дека сите заедно посакуваме да има уште многу лета исполнети со уметност.
Ви благодарам.

  Back<<Назад