Обраќање по повод доделувањето на Орден за заслуги за Македонија, посмртно на проф. Круме Кепески
Четврток, 01 Јули 2010   

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, на семејството на професорот Круме Кепески, го врачи Орденот за заслуги за Македонија. Орденот, во име на семејството, го прими д-р Јованка Кепеска, ќерка на професорот Кепески. Притоа, Претседателот се обрати на собраните почитувачи на делото на професор Кепески -

Денес имам особена чест да ви се обратам по повод доделувањето на Орден за заслуги за Македонија, постмртно на професор Круме Кепески лингвист, автор на првата македонска граматика и основоположник на граматичарското дело, учебникар, но и виден педагог, преведувач, собирач на македонско народно творештво и културен деец.
Покрај своето обемно научно дело вткаено во промоција на македонскиот литературен јазик преку педесетина изданија на граматики, десетина преводи на дела од класичната литература и огромен број на статии и трудови објавени во периодиката, Кепески остави особена трага како долгогодишен професор на Педагошкиот факултет Свети Климент Охридски во Скопје. Но неговата просветно-педагошка дејност беше многу повеќе од активностите на  катедрата на Педагошкиот факултет и наставата пред студентите. Благодарение на неговата непрекината дејност и активност Кепески стана вистински народен учител секогаш присутен во јавноста. Впрочем неговите зборови: Целиот труд и енергија сум ги посветил на јазикот и на народот, најдобро сведочат за неговата посветеност и преданост. Со денешното доделување на Орденот за заслуги за Македонија имаме можност достојно да му се заблагодариме на проф. Кепески за сиот ангажман и сите постигнувања во афирмирањето на македонскиот јазик и култура.
Почитувани, сите сме свесни дека јазикот е нашиот национален и културен бедем пред сите негатори на нашиот идентитет и самобитност. Оттука за неговото зачувување треба постојано да се работи како што тоа неуморно сиот свој живот го правеше  професорот Кепески. Јазикот не е статична категорија, тој е во постојан развој со секојдневно усвојување на нови зборови, термини во различните научни области, во специфичните новонастанати информатичко-технички дисциплини, но и во секојдневниот говор.  Имајќи предвид дека македонскиот јазик го користат релативно мал број на говорители во време на глобализација и јазична интернационализација треба да се посвети апсолутна грижа и внимание за негова правилна и доследна употреба. Тоа не е само образовна и општествена одговорност тоа е исто така задача на секој од нас поединечно. Да се потрудиме да го исполниме заветот на Професорот Кепески и да го негуваме нашиот македонски јазик во нашите домови, на работните места, на јавните и социјални настани.
Дозволете ми на крајот да истакнам дека творечкиот гениј на Кепески не беше изразен само на полето на лингвистиката туку и во сликарство, актерството , хорското пеење. Особено е значајно што неговата творечка дејност секогаш беше проткаена со голем хуманизам и љубов кон својата земја и својот народ. Доделувајќи го Орденот за заслуги за Македонија посмртно на проф. Кепески му оддаваме признание на неговото значајно дело и потврдуваме дека нашата земја знае да ги памети и слави своите истакнати дејци.

  Back<<Назад