|

Почитуван Генерален секретар на Советот на Европа, г-н Јагланд, Почитуван Претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа, г-н Чавушоглу, Почитувани членови на Парламентарното собрание, Дами и господа, Дозволете ми да изразам особено задоволство за оваа можност да се обратам во најстарата европска организација, нашиот заеднички европски дом, Советот на Европа. За Република Македонија претставува особена чест, признание, но притоа и обврска, претседавањето со оваа организација во турбулентните времиња во кои живееме. Тоа ни налага максимален ангажман и посветеност во однос на клучните приоритети кои заеднички си ги поставивме. Почитувани, Навистина голема е симболиката во тоа што првото Македонско претседавање со Советот на Европа се случува на 60 годишнината од усвојувањето на Европската конвенција за човекови права. Човековите права се една од трите фундаментални вредности на Советот на Европа, заедно со демократијата и владеењето на правото. Овие основни вредности се тие кои треба да ни ја овозможат рамнотежата меѓу слободата и безбедноста. Рамнотежа која ни е неопходна за да продолжиме по патот на напредокот. Македонија, преку промовирање на својот модел на инклузивна демократија може да придонесе за остварувањето на овие три фундаментални вредности на Советот на Европа. Младата македонска независна држава почива токму врз темелите на основните вредности на Советот на Европа. Тие вредности се дел од долгите и длабоки традиции во македонското општество. Македонската демократија, која подразбира интеграција без асимилација, ги надополнува и им дава нов квалитет на европските вредности. Почитувањето на етничката и културната коегзистенција е традиција со која се гордееме. А има и зошто. Во Македонија, етничките, националните и верските заедници ги уживаат сите права и слободи кои ни се познати денес. Нашиот модел во суштина содржи универзални вредности, а поаѓа од почитувањето на различните културни матрици. Во Македонија постои функционален мултиетнички соживот, кој е граден со векови, а кој е, по мое длабоко уверување, модел на иднината. Почитувани, Македонскиот демократски модел може да се спроведе во услови на отворен простор. Отворениот простор е тој кој ни овозможувал да живееме во мир, во толеранција, со почитување на различностите. Денес, повеќе од кога било, на нашиот регион му е потребно она што јас сакам да го нарекувам Pax Europeana, европски мир, кој ја подразбира Европа како отворен простор во кој има слобода на движење на луѓе, на идеи, капитал и производи. Отворен простор во кој секоја економија може да расте и да се шири. Каде што има толеранција и славење на различностите. Каде секој со себе ќе ги носи своите права и својот идентитет. Отворен простор во кој секој ќе биде почитуван за тоа што е, без оглед каде живее и каде работи. Отворен простор кој претставува плодно тло за градење на внатрешна доверба и доверба меѓу државите. Простор во кој ќе можат да се шират вредностите кои толку високо ги цениме во Република Македонија и кои се вградени во нашиот уникатен демократски модел. Во моменти на криза, нам ни е потребно да имаме повеќе, а не помалку Европа. Кризата не смее да биде алиби за да запреме на патот на прогресот, да го напуштиме патот кој го зацртаа градителите на Европа. Напротив, токму во услови на криза ние треба да се вратиме на основните принципи кои го водеа европското обединување, и кои впрочем беа мотив за излез од незамисливата криза на европските држави. Успешноста на овие проверени и докажани принципи, на солидарност, соработка, отвореност, демократија и човекови права, е најдобрата препорака во услови на една нова криза да се навратиме на почетоците. Ако минатата криза беше надмината со отвореност и визионерство, тогаш навистина нема оправдување за повиците на денешната економска, политичка и морална криза да се реагира со затворање внатре во самите себе. Стравот е разбирлива реакција во вакви услови, но стравот не е добра политика, стравот не е политичка визија во време кога се очекуваат решенија. Да не дозволиме фискалниот банкрот да доведе до морален банкрот. Кога ви го зборувам сето ова, пред се мислам на процесот на проширувањето. Не постои одржлива алтернатива ниту за регионот, ниту за Македонија освен европските интеграции. Нема поголема движечка сила на нашите општества од интегративниот процес. Способноста на Европа да влијае врз своето соседство, без притисок, без сила, да ги привлекува соседните држави во своето соѕвездие на демократски и просперитетни држави, е една од најголемите сили на Европа. Тоа е тврдина чија сила не лежи во високите ѕидови кои ги држат странците подалеку, туку во отворените институции кои ги привлекуваат добро намерниците. Сепак, за жал, оваа визија за отворена Европа е првата жртва во време на криза. Проширувањето е приоритет на Европа кој како да се подзаборава со надоаѓањето на првиот темен облак. Во моменти на криза очекуваме да се создаваат лидери со визија. Во моменти на криза визиите се реализираат. Во денешната криза, европското лидерство треба да гледа не само предизвик, туку и можност. Притоа, тука мораме да се соочиме со стариот стереотип од кој Европа толку стравува, дека лидерот мора да биде тој што ќе пресече, ќе се справи со проблемите на недемократски начин. Напротив, лидер може да се биде и во принципиелна борба за идеалите на Европа, за слободата и човековите права. За личната одговорност и за солидарноста со тие на кои навистина им е потребна. На овие принципи денес навистина им е потребен лидер, херој, застапник. Тоа е мојата визија за Македонија, за регионот на Југоисточна Европа и за Европа. Јас верувам во мудроста на Европското лидерство. Почитувани, Република Македонија водејќи се од оваа визија си ги зададе своите цели за време на претседавањето со Советот на Европа. Сакаме да ја истакнеме нашата подготвеност за конструктивност во започнатите реформи за зајакнување на улогата на Советот на Европа, нешто за што веќе зборував со Генералниот Секретар Јагланд и со Претседателот на Парламентарното Собрание Чавушоглу. Унапредувањето на заштитата на човековите права е нашиот прв приоритет. Неопходно е да го унапредиме и консолидираме системот на човековите права на национално и европско ниво. Македонското претседателство, надоврзувајќи се на процесот од Интерлакен, ќе работи на реформата на Европскиот суд за човекови права. Европскиот суд е можеби најважното тело на Советот на Европа. Судот има за цел да ги примени и заштити индивидуалните права на граѓаните од самоволието на државата и од нејзиното нефункционирање. Но, за неговата работа да вроди со плод, неопходно е одлуките на Судот да бидат во целост почитувани и спроведувани од страна на сите земји - членки. Тоа е суштината на постоењето на Судот. Сепак, сведоци сме дека во последно време Судот донесе одлуки кои не беа во целост спроведени од страна на некои земји - членки. Мора да се зајакне улогата на Судот и на Комитетот на министри, за да се стави крај на континуираното непочитување на Европската конвенција за човекови права. За таа цел, ќе организираме конференција на тема: “Јакнење на супсидијарноста: интегрирање на правните случаи на Судот во националното законодавство и практика.“ Со тоа сакаме да дадеме наш придонес кон реформата на Европскиот суд за човекови права. Од друга страна, тоа треба да влијае и на јакнењето на демократијата и владеењето на правото и правната држава. Ова секако подразбира принципи и начини на однесување, и особено механизми што ја гарантираат слободата на поединецот и неговото учество во општествениот и политичкиот живот. Секој да може во целост да ги ужива своите права. Тоа е смислата на владеењето на правото и на правната држава. Почитувани, Сите сме еднакви пред правото. Но, таа еднаквост е нарушена од корупцијата. Корупцијата прави некои да се поеднакви од другите. Корупцијата е антитеза на правната држава и на владеењето на правото. Со тоа, корупцијата ги повредува основните принципи на нашиот заеднички дом. Тоа е проблем со кој се соочуваат речиси сите држави и кој бара заеднички одговор. Ваквото сфаќање имаше силно обединувачко дејство и претставуваше главен мотив за формирање на Групата на држави против корупцијата – ГРЕКО. Оваа група со паневропски и трансатлантски карактер е платформа за споделување на добрите практики на превенција и справување со корупција. Свесни дека борбата против корупцијата е борба за заштита на човековите права, Министерството за правда на Република Македонија ќе организира конференција за евалуирање на постигнувањата на ГРЕКО. Конференцијата ќе се осврне на интегрирањето на човековите права во секојдневата работа на јавната администрација во европските држави. Обезбедувањето на ваквата транспарентност и ефективна координација и соработка меѓу органите секако ќе придонесе кон намалувањето на корупцијата и консолидирањето на демократијата. Почитувани, Денес, човековите права и социјалните права се дел од истата формула од која произлегува демократската стабилност. Во таа насока, Македонското претседателство ќе посвети посебно внимание на соодветно аплицирање на принципот на солидарност и на јакнење на социјалната кохезија во Европа. Нашите заеднички напори во оваа сфера треба да ни овозможат успешно соочување со новите предизвици поврзани со вработувањето и животниот стандард на европските граѓани. Ова е особено важно денес, кога сите ние се справуваме со силниот удар кој ни го нанесе финансиската и економската криза. Сето ова ни укажува дека ни за миг не смееме да ја испуштиме од вид големата слика. Уште еден конкретен чекор во оваа насока е токму пристапувањето на Европската унија кон Конвенцијата за човекови права и фундаментални слободи. Почитувани, Пред малку зборував за функционалниот мултиетнички соживот во мојата земја. Сосема природно, вториот приоритет на Македонското претседавање е да се промовира и унапреди интеграцијата на националните малцинства во европските општества. Интеграција без асимилација е сржта на нашиот модел. Силата на тој модел е во способноста да доведе до тоа разните заедници да бидат изложени и да бидат во можност да ги прифатат најдобрите и најпозитивните нешта од другите заедници. Мојата порака кон сите е правилно да се разбираат световите на различните, да се почитуваат различностите. Интеграција со почитување на постоечките културни, етнички, јазични, религиски и други различности. Бројни се фактите кои зборуваат за долгата историја на соживотот кај нас. Ние сме живееле во повеќе мултикултурни и мултиетнички Империи, што секако има оставено длабоки траги. Тука е објаснувањето за нашата вековна традиција на соживот. Ние имаме древни легенди и песни кои сведочат за соживотот на нашите граѓани од разни вери и нации. Овој соживот не се менува во својата суштина, а добива нова форма со доаѓањето на новото време и секоја нова епоха. Така, првата телевизиска програма на турски јазик во Македонија се емитуваше на брановите на Македонската радио телевизија пред четири и пол децении, во 1965 година. Првата радио програма на албански јазик во Република Македонија се емитуваше на фреквенциите на Радио Скопје во далечната 1945 година, а првата телевизиска информативна програма во Македонија на албански јазик се појави на малите екрани во 1968, пред цели 42 години. Веќе долги години, Македонската национална радио телевизија емитува програми и на српски, ромски, влашки и бошњачки јазик. Почитувани, Во таа насока, македонското претседателство посебен акцент става на интеграцијата на групите кои се наоѓаат на маргините на општеството, емигрантите и Ромите. Затоа, македонското претседателство во Скопје организираше конференција за интеграција на националните малцинства, како и посебна конференција за Ромите. Во Македонија ромската популација има сопствена локална самоуправа, училишта, медиуми и се она што подразбира нормален живот на една заедница. Целосната интеграција на оваа етничка заедница и култура е голема задача и важен приоритет, како за мојата земја, така и за Европа во целина. Од независноста до денес, сите наши влади ја отсликувале македонската реалност. Сите биле мултиетнички влади. Во македонската Влада секоја заедница има свои претставници преку кои институционално ги артикулира и канализира низ сите потреби и интереси. Македонија е подготвена да ги сподели своите придобивки со сите. Но, нашиот модел не се гледа само на ниво на централната Влада. Децентрализацијата е незаменлив начин да се даде внатрешна флексибилност и можност за обнова на општеството одвнатре. Како што ова големо здание е изложено на притисоците на времето, така и државата мора да има можности да ги издржи промените. Да ги издржи и бурите, и невремето, еднакво како што се справува со Сонцето и убавото време. Доколку во овој период бидеме крути, нефлексибилни, доколку пред налетот на ветрот и бурата решиме да се затвориме дома и да чекаме таа сама од себе да помине, може да се случи да се разбудиме без дом, да мораме одново да ги удираме темелите на нашата заедничка Европа. Сакам јасно да соопштам дека ние секојдневно го надградуваме и го усовршуваме овој свој модел. Како и секоја вистинска демократија, ние зборуваме за процес, не за завршен проект. Почитувани, Република Македонија има долга традиција на почитување на етничкиот, јазичниот и културниот диверзитет. Сосема разбирливо, Македонија е горда што ја има ратификувано Рамковната Конвенција за заштита на националните малцинства. Затоа, Република Македонија, како одговорна членка, силно ги охрабрува другите земји кои сеуште ја немаат ратификувано оваа конвенција, тоа да го направат без одлагање. Само така малцинствата во овие земји ќе можат во целост да ја уживаат заштитата која ја нуди Конвенцијата. Се повеќе, европските општества стануваат мултикултурни. Тоа богатство на различности треба да се негува. Оттука и потребата за поддршка на меѓурелигискиот и меѓукултурниот дијалог. Мултиконфесионалниот соживот е реалност во Македонија. Тоа е и една од причините за одржувањето на Првата и Втората Светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог токму во Охрид, во Македонија. Надоврзувајќи се на оваа значајна конференција, во септември, Македонското претседателство со Советот на Европа ќе организира размена на мислења во однос на религиозната димензија на меѓукултурниот дијалог. Посебен акцент ќе се стави на слободата на изразување во медиумите и почитувањето на културната и религиската разноликост. Тоа ќе биде одлична можност за да се добијат размислувањата, впечатоците и заклучоците од светската конференција. Почитувани, Иднината останува на младите. Не можеме да ја градиме таа иднина без нивната согласност, без нивната визија и енергија. Затоа, третата цел на Македонското претседателство е да го иницира “Охридскиот процес“. Овој процес ќе има за цел да овозможи размена на мислења и искуства на младите од Југоисточна Европа и пошироко. На тој начин ќе го поттикнеме нивното учество во политичките процеси и демократските реформи во нивните општества. Со тоа, ги спроведуваме обврските превземени со Киевската декларација. На тој начин се приклучуваме кон глобалното одбележување на 2010 година како “Меѓународна година на младите“ прогласена од Генералното собрание на Обединетите нации. Нашите постоечки системи, нашите Парламенти, нашите Влади и Министерства, мораат да бидат доволно широки и демократски да ги привлечат младите кои ќе го дадат својот придонес во нивната работа. Нема потреба младите да бараат алтернативни патишта за да бидат активни и да го трансформираат општеството. Токму во таа линија, познато е дека Советот на Европа и неговото Парламентарно Собрание претставува училиште на демократијата. По паѓањето на Берлинскиот ѕид, многу земји од централна и источна Европа го надградуваа својот демократски капацитет на овие клупи, во овој престижен форум. Денес имаме одлична можност научените лекции да им ги пренесеме директно на младите, на идните општествени лидери. Да им го предадеме знаењето и пред се духот на европските демократски принципи и вредности. Советот на Европа секогаш предничел по препознавањето на потребите на граѓаните. Почитувани, Би сакал да нагласам дека остварувањето на овие приоритети подразбира заеднички напор на Македонија, Швајцарија и Турција, сегашниот, досегашниот и идниот претседавач со Советот, како и со Шпанија и Белгија кои претседаваат со Европската унија оваа година. Воедно, тесно ќе соработуваме и со Обединетите нации и со Казахстан, земјата претседавач со ОБСЕ оваа година. Заедно, можеме да придонесеме за унапредување на човековите права, демократија и владеење на правото во европскиот отворен простор. Верувам дека европскиот успех зависи од сите нас. Оваа Институција, изродена во самите почетоци на новата Европа, и со насобрано знаење од минатите европски подеми и падови, е најдобрата заштита на нашиот континент во време на криза. Советот на Европа е повикан да гледа понапред од другите европски институции. Да понуди решенија кои ќе бидат силни и инспиративни. Доволно силни да не зачуваат од искушението излезот од кризата да го побараме во старите лоши решенија, во национализмот, во затвореноста. Од Советот на Европа се очекува во ова време, како институција, да излезе од клишето на досегашниот начин на размислување и дејствување и да понуди свежи решенија кои ќе бидат во насока на демократијата, почитување на човековите права и во унапредување на човековата слобода. На самиот крај, би сакал да ве повикам вас, членовите на Парламентарното собрание, во името на постулатите врз кои почива оваа наша организација, да го вложите вашиот авторитет и внимание, да ги користите легислативните можности за промоција и заштита на разноликоста, идентитетот и дигнитетот на сите народи во Европа, вклучувајќи го и мојот, Македонскиот народ. Ви благодарам
|