„Светот навистина се менува“ - Отворање на 23-та сесија на Форумот Кран Монтана во Баку, Азербејџан
Петок, 29 Јуни 2012   

Почитувани присутни, ценети екселенции, дами и господа,

Особено задоволство е да се биде денес тука, во Баку, на престижниот Кран Монтана-форум. Форум кој повеќе од четврт век на едно место собира луѓе со исклучителни достигнувања, луѓе со визија за иднината и мисија за подобар свет. Ја користам оваа прилика да им се заблагодарам на организаторите за поканата и на домаќините за гостопримството.

Ценети присутни,
Пред речиси 380 години, соочен со притисокот од инквизицијата да се откаже од тврдењето дека Земјата се врти околу Сонцето, Галилео Галилеј тивко рекол: „Сепак се врти...“ (“and yet it moves...“). Денес ние гласно изговараме: Светот сепак се менува. Прашањето е дали и ние се менуваме со него? И доколку се менуваме, дали тоа го правиме доволно брзо или сè уште со себе ги носиме старите навики? Дали сè уште дозволуваме навиките од минатото да ни ja крадат сегашноста и да ни ја одложуваат иднината?

Глобалните предизвици со кои се соочуваме ни овозможуваат да ги препознаеме контурите на иднината. А, иднината е контрастна и преполна со бројни ризици и можности. Неодамна некој ги спореди современите кризи како вагони на еден ист воз кој со себе ги носи неволјите на светот. Денес, тука зборуваме за два клучни предизвика: борбата против сиромаштијата и унапредувањето на менаџирањето со јавните политики. Предизвици кои се тесно поврзани и кои произлегуваат од парадоксот на 21 век – сраснувањето и поврзувањето на светот оди напоредно со неговото раздвојување и раслојување, и тоа во економска, политичка и културна смисла.

Почитувани присутни,
Живееме во време кога се продлабочува јазот меѓу глобалниот север и глобалниот југ. Кога глобализацијата и информатичката револуција го менуваат светот преку интернетот. Живееме во век кој е урбан, исто колку што е и мултикултурен. Секојдневно, над 200.000 лица се приклучуваат кон светската урбана популација, што значи дека популацијата на градовите ширум светот се зголемува за над 2 лица секоја секунда. Добар дел од овие урбани мигранти се поттикнати од сиромаштијата, која ги погодува поединците, семејствата, заедниците и државите. Сиромаштијата која е неразделив дел од равенката на локалните и глобалните проблеми, а чиј резултат води до нестабилност, општествена исклучивост, изолација и конфликт. Ганди рекол дека на нашата планета има доволно за сечија потреба, но нема доволно за сечија алчност.

Дали постои универзален, општоприфатлив лек за сиромаштијата? Можеби одговорот е негативен, но постојат бројни решенија кои можат драстично да ја намалат сиромаштијата, и на оние најпогодените да им дадат пристоен живот. Во сржта на ваквите политики за борба против сиромаштијата е постоењето на генерациска одговорност, разбирањето дека сегашноста е всушност позајмена иднина.

Еден од тие начини е образованието, кое, доколку е втемелено врз добри основи може да ги издигне луѓето од сиромаштија, да ја развива нивната креативност и иновативност. Инвестирајќи во образованието, ние всушност инвестираме во иднината на младите. Денес, клучот кој ни ја отвора вратата кон доброто владеење, кој обезбедува носителите на одлуки да се однесуваат доследно и одговорно, се информатичко- комуникациските технологии. Постојат услови за „е-образование“, „е-влада“ или ако сакате, „е-општество“. Преку вклучувањето на поединците, групите и институциите се активира нивниот потенцијал, нивната имагинација и капацитет, што неминовно води кон нови решенија, иновации и откритија.

Дами и господа,
Како сево ова е релевантно за Република Македонија? Трите столбови врз кои ја градиме иднината на Република Македонија се трите „Е“ – Европа, економија и енергија. Верувам дека овие три меѓузависни и тесно поврзани „Е“ се клучни за нашиот развој.

Остануваме посветени во остварување на нашата стратешка цел –  членство во Европската унија и во НАТО. Верувам дека овој мировен проект нема да биде завршен без членството на Република Македонија и на останатите земји од Западен Балкан.

Чекорејќи на патот кон европска и евроатлантска Македонија, ние сме силно фокусирани на подобрување на севкупната економска состојба во земјата, борба против сиромаштијата и невработеноста, а преку создавање на поволна бизнис-клима. Клима за директни странски инвестиции.

Третото „Е“ се однесува на енергијата. Тука ја допираме и другата клучна тема на овој форум – Каква енергија за иднината? Како да се бориме против енергетската сиромаштија?

Економскиот развој кон кој сме целосно посветени е незамислив без енергетска безбедност и сигурност. Тоа важи речиси за сите земји во светот. Важи и за Република Македонија. Денес сме тука во Баку, во една од областите кои има изобилство на нафта и на природен гас.

Македонија, како впрочем и другите балкански земји, е заинтересирана за приклучување кон енергетските коридори. Македонија, како и останатите балкански земји сака енергетската зависност да ја замени со енергетска меѓузависност. Но, за тоа ни е потребна енергетска диверзификација.

Нашата цел е Македонија најпосле да биде ставена на меѓународната мапа на енергетски транспортни коридори. Со тоа ќе ни се отвори можност за добивање евтини енергенси за нашите компании и домаќинства, и намалување на цената на нашето производство. Ова претставува конкретен влог во енергетската и во генералната економска стабилност и сигурност на земјата и на регионот.

Ви благодарам.

  Back<<Назад