Почитувани академици, Почитувани гости,
Ми претставува огромна привилегија и чест да го имам поздравното обраќање до вас на вашата научна конференција „Науката и уметноста“, токму тука во храмот на науките и уметностите. Честа е уште поголема кога оваа конференција е во заедничка организација и реализација со вашите колеги академици од Германија. Денешниов настан е само уште една потврда и продолжување на македонско-германското пријателство кое обострано го негуваме. Имаме извонредна политичка, економска и севкупна соработка меѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија. Македонија гледа силен партнер во Германија за надминување на пречките исправени пред нас, во реализацијата на нашите интереси. Одличните билатерални односи и соработка, придонесуваат за плоден политички дијалог во кој и самиот се уверив при мојата официјална посета на Германија, во септември минатата година, кога со претседателот Хорст Келер имавме навистина импресивна средба, на која не ја одбегнавме ни науката. Оваа конференција го потврдува фактот дека нашите две академски заедници ја препознаваат потребата за взаемна соработка и се подготвени за да ги здружат знаењето и искуството за доброто на сегашните генерации и идните поколенија. Науката и уметноста се области кои во целиот свет се говорат и толкуваат на единствен јазик.
Кога веќе зедов збор, не можам а да не се произнесам и по темата на денешнава конференција. Меѓутоа прво морам да ја искажам мојата почит кон продолжувачите на делото на големиот Лајбниц. Последниот човек со енциклопедиско знаење од западната цивилизација, оснивачот и првиот претседател на вашата академија на науките. Кога бев професор уживав во неговото претставување и се одушевував на неговото сестрано знаење, но пред се на неговиот оптимизам. Сега сакам да се навратам на темата за науката и уметноста преку потсетување за едно движење што се пројавило точно пред 100 години во Германија. Имено, во 1910 година одредени појави во германската ликовна уметност и во германската книжевност се обединуваат во едно ново движење наречено „експресионизам“. Движењето предизвикало своевидна „вулканска ерупција“. Речиси една деценија се вриело и оставило силен печат врз германскиот духовен живот. По 1920 година движењето слабее и остава простор за други стремежи во германското општество. Во ова, пред се книжевно и уметничко движење, содржан е протестот кон естетизираниот и индивидуалистички импресионизам. Протест кон општествените и политички неправди, односно протест против неправдите на своето време. Наспроти импресионизмот, кој впрочем на сликарското платно го пренесува надворешниот изглед на природата и на светот, експресионизмот го изразува внатрешниот дух стимулиран од религиозни, општествени, психолошки нагони. Меѓутоа во експресионизмот присутна е и оптимистичката визија за иднината. Младите уметници, книжевници инспирацијата за своето движење ја црпат од данскиот егзистенцијалист Серен Кјеркегор. Што е тогаш суштината на Кјеркегоровата филозофија? Наједноставно кажано, таа претставува природен продолжувач на новиот ирационализам, кој кај Германците може да се следи од Шелинг преку Шопенхауер. Кјеркегоровиот ирационализам е роден од непријателството кон Хегеловиот систем. На подрачјето на книжевноста тоа се сведувало во жесток напад на Гете. Како приврзаник на субјективизмот, Кјеркегор се спротивставува на објективното мислење. За него објективноста не води само до откривање на безначајните вистини, или најмногу до некоја математичка формула. Меѓутоа, до вистински заклучоци човек доаѓа само преку субјективноста. Кјеркегор тврди дека субјективноста е единствена вистина и токму тоа учење го прифаќаат експресионистите. Според Кјеркегор човекот се доближува до осознавање на својата егзистенција во таканаречените гранични состојби, на пример преку она чувство на немоќ и незаштитеност што предизвикува страв кај човекот. Стравот за него е чувството што го обзема човекот кога се соочува со празнината на својата егзистенција. Затоа стравот истовремено е израз на совршенството на човековата природа. Колку што е подлабоко и поинтензивно ова чувство на страв, толку е и самиот човек повозвишен. А токму стравот, во најразлични облици, претставува доминантно преокупирање на експресионистичката душа. Кјеркегороровото сфаќање на животот, меѓутоа, во крајна линија не води во песимизам. Наспроти Шопенхауеровиот песимистички ирационализам кој кулминира во аскетското откажување од секоја практика, Кјеркегор решително ја нагласува улогата на човековата активност и токму поради тоа експресионистите кај него ја наоѓаат својата инспирација. Е сега, зошто е сета оваа приказна за германскиот експресионизам. Едноставно, ова беше потребно за да дојдеме до нивниот главен филозоф. Доколку Ернст Мах се смета за филозоф на импресионизмот, тогаш некогашниот фрајбуршки професор Едмунд Хусерл е филозофот на експресионизмот. Денес Хусерл речиси е целосно запоставен во западната филозофија. Ирационалистички тенденции на неговиот филозофски метод станаа експлицитни дури преку Хајдегеровата филозофија. Хусерл си поставил задача да создаде систем кој ќе се обиде да продре до суштината на феноменот без оглед на физичката или психичката реалност. Затоа методот на оваа доктрина наречена „осознавање на суштината“ („Wesensschau“), е интуитивно и апсолутно сознание на нештата за разлика од логичниот и психолошки метод. Токму тоа е и целта на експресионистите, сликата на светот да ја доловат феноменолошки, преку уметноста. Хусерл во тој период, значи токму пред 100 години, неговите предавања ќе ги обедини во, за жал недовршено, дело кое денес е познато како Криза на европските науки и трансцендентална феноменологија. Целиот овој вовед е токму за ова дело и пораките кои ни се оставени преку него за науките и уметностите. Хусерл вели дека нововековната европска култура започнала со просветителската верба во семоќта на знаењето. Но таа верба се претворила во сегашната криза на науката, криза која се состои во фактот дека научното знаење го зароби човековиот дух. Наместо на човекот да му ги отвори перспективите на слободата, да ги даде своите моќни услуги во градењето на човековата слобода, науките го претвориле човекот во машина, во дел на процесот на создавање на техничката моќ која го заробува човекот. При ваквата состојба на отуѓеност на науката од човекот, основната задача на филозофијата е да е во потрага за изворното значење на човековата рационалност. Да е во потрага на онаа рационалност која е израз на човековата самосвест и слобода, но и врз таа основа да го обедини сето научно знаење во една целина. Затоа, основната цел на феноменологијата е самоосвестувањето на науката преку осознавање на изворните можности на човековиот дух, преку сфаќање на изворната смисла на рационалноста на човековата свест. Наспроти технолошката рационализација на современата наука, односно онаа рационализација која има за цел што поефикасно манипулирање со природните појави, феноменологијата треба да ја открие онаа изворна рационалност на човековиот дух која е израз на човековата слобода на самосвест и вистинските можности на човекот. Феноменологијата од страна на Хусерл е замислена како теорија која има за цел да ги одреди изворите на научните сознанија за на тој начин да и помогне на науката да ги осознае своите вистински цели, да се хуманизира, да изгради критички бариери за онаа објективизација на научните знаења кои водат кон затворање на патиштата до нивната човечка смисла. Хусерловата феноменологија веќе цел век предизвикува жестоки полемики. Неговите следбеници се пред се егзистенцијалистите Хајдегер, Јасперс, Сартр, но и Мерло Понти, Макс Шелер, Роман Ингарден и многу други.
Хусерл едноставно укажа пред еден век на она што го имаме и денес, вулгаризација на науката и нејзино претварање во слугинка на технологијата. Во последно време се поголем е интересот на науката за проучување на германскиот експресионизам, како во Германија, така и во САД. Да се надеваме дека од тоа ќе произлезе некој нов Хусерл кој ќе ја долови претставата за денешната состојба на науките и уметностите.
|