Доделување на признанието „Македонски квалитет 2018 година“
Петок, 07 Декември 2018   

stopanska_komora_18Почитувани стопанственици,
Дами и господа,
Драги пријатели,

Веќе четврта година по ред ја имам честа да сум покровител на доделувањето на Признанието за македонски квалитет. Ова признание придонесува за развојот на производството во Република Македонија, за подобрување на квалитетот на македонските производи, поттикнување на креативноста, истражувањето и иновациите на македонските компании, како и создавање на препознатлив македонски квалитет на меѓународниот пазар.

Зад ова признание стои напорна работа, верба и визија за промоција на македонскиот квалитет. Признанието е дополнителен поттик за десетте добитници да продолжат да се развиваат, да вложуваат во својот развој и напредок и да работат на својот квалитет. Тие се веќе препознатливи брендови и верувам дека како такви допрва ќе ги освојуваат регионалните, континенталните и светските пазари. Нивниот успех е успех на Република Македонија. Само со успешни стопански субјекти може да очекуваме развој на нашата економија и со тоа напредок и просперитет.

Му честитам на Сојузот на стопански комори на Македонија за идејата и за реализацијата за доделување вакво признание кое прераснува во традиција. Во согласност со моите ингеренции и можности како Претседател на Република Македонија, секогаш ги отворам вратите за соработка на македонските компании во странство и на странските компании во Република Македонија.stopanska_komora_21

Меѓу членките на Сојузот на стопански комори и меѓу денешниве добитници на признанијата има извонредни примери за општественоодговорни компании кои дел од својот профит го вложуваат за потребите на заедницата. Тоа е несомнено и дел од македонскиот квалитет и вредности кои денес ги промовираме.

На самиот крај, им честитам на годинешните добитници, а на другите членки на Сојузот на стопански комори им посакувам следната година да остварат одлични резултати и, секако, да бидат дел од најуспешните кои ќе ги понесат признанијата за македонски квалитет.

Дозволете ми во оваа пригода, кога сме на крајот на 2018 и кога веќе сите очекувања и надежи се свртени кон новата 2019, на сите да ви посакам многу здравје, среќа и успех. Нека 2019 биде успешна на деловен план и да донесе просперитет на македонските компании и препознатливост на македонскиот квалитет.

Ви благодарам.

stopanska_komora_26

  Back<<Назад