Мозаици

"Македонија – светла земја"

"Македонија – земјата памети"

 автор: Глигор Чемерски

ACE_9810
Од првите скици произлегоа "темата" и насловот на овој, сепак "диптих" иако се работи за два спротивни ѕида "Македонија – света земја" (7,5м х 4м) и "Македонија – земјата памети" (4,5м х 4м). Насловот е, се разбира, тежок за училишна писмена задача, но не и за сликарството. Како и да ја именуваш сликата, таа, останува боја и светлина. За сликарот, таа уште ги спојува сеопштиот простор и сеопштото време, скриена сила што високо ги зголемува можностите на уметноста. Излегува потоа, дека друго и не сум можел да направам, освен да го населам тој напнат светлосен сноп од подлогата со секавични глетки и видувања, забелешки и впечатливи мемории на окото, слики на изоблилство од бои и емоции, еднакво блиски на јавето и сонот и самите тие – и сон и јаве. Фантазијата е можеби вистинскиот прстен низ кој реалноста минува во уметноста.

ACE_9815Што е старинското, а што "модерното" во моите мозаици? Таквото прашање е чиста стилистика. Откако едно уметничко дело ќе биде создадено, тоа му припаѓа на едно исто, сеопфатно време, на една сегашност, во која делата се врсници. Рамни се ако се рамни по силата и сугестивноста. Нерамните немаат место ниту во тоа време, ниту пак, во тој простор.

Босоногото детство го минав во Кавадарци, близу античкиот град Стоби. Летата, со поголемите одев близу до устието на Црна река, ме учеа да пливам и да фаќам риби со рака, меѓу тркалезните камења. На стрмнината пасеа кози, сонцето светкаше од скршените мермерни столбови и статуи, ситни парченца камен, наредени во слики. Има безмалку четириесет и пет години, откако прв пат изложував самостојно во Белград и Скопје, многу значајни луѓе за сликарството, тогаш го дочекаа моето, како враќање во Аркадија. Во Европскиот јазик тоа значи враќање во чистата младост на цивилизацијата. Слушам сега дека Македонија се "антиквизира?!" и дека така, посега по за неа забранетото овошје. Се разбира дека Македонија не е Аркадија, но таа не е ниту помалку антика, ниту пак, предантичка земја. Во големото медитеранско цивилизациско јадро, таа ја споделувала и сè уште ја споделува духовната крвна мрежа, милениумските систоли и дијастоли. Месопотанија и Египет нi се сосема блиски.

Во моите мозаици а посебно во "Македонија - земјата памети", има цитати, парафрази или пак, престилизации на речиси современи, средновековни, антички, предантички, неолитски и палеолитски мотиви. Тоа често се мали камени или керамички мотиви, драгоцени и суптилни дела на човековата рака и дух, прекомпонирани и поставени во нови соодноси, населени на една понова колористичка и светлосна плоча, тие, се надевам, создаваат нововременска поетика. Сликарството, еднаш одамна пораснало високо, сега може само да се подмладува.

На промоцијата организирана од Претседателот, во месец јули 2009, за луѓето од културата и медиумите, слушав убави зборови што моите сопствени ги прават излишни: "дека мозаиците "Светла земја" и "Земјата памети" ја враќаат радоста, ја враќаат надежта, дека се бајковити и фасцинантни...", тоа се пресилни зборови и покрај убавото чувство кога истите ќе ги слушнете. Повторно ќе се вратам на светлината и нејзиното лековито дејство. Ако таа зрачи на таков едноставен начин, сликарот може спокојно да се врати во своето атеље и да ја започне новата слика.


Глигор Чемерски



Глигор Чемерски е реномиран македонски уметник – сликар, графичар, мозаичар, со исклучително плодно творештво.  Роден во Кавадарци во 1940 година. Додипломски и постдипломски студии завршил на Универзитетот за уметност во Белград во 1965 година. Една година студирал во Париз (1969-70), како добитник на стипендија од француската Влада. Оттогаш често има работено и изложувано во Париз, а бил ангажиран по пат на постојан договор и од страна на Galerie du Fleuve од Париз. Студиски престои остварил и во Египет, Грција, Италија, Холандија, Шведска, Германија и САД. Почнувајќи од 1962 година, Чемерски, автономно или со други сликари има изложувано во Скопје, Белград, Загреб, Сараево, Љубљана, Дубровник, Пореч, Париз, Рим, Александрија, Истанбул, Софија, Прага, Грац, Букурешт, Москва, Мадрид, Копенхаген, Мексико сити, Њујорк, Хаг, Даблин, Белфаст, Глазгов, Њу Делхи, Барцелона, Вилмингтон, Северна Каролина, Фејетвил, и на други места. Има изработено неколку големи споменици во Скопје, Вруток, Кавадарци и Кочани. Споменикот на слободата во Кочани вклучува мозаични фризови од 320м2. За своето сликарско творештво добил голем број значајни признанија и награди, на национално и меѓународно ниво.