Интервју на претседателот Иванов за австрискиот дневен весник „Винер Цајтунг“: Влада без мандат од претседател ќе нема легитимитет
Сабота, 15 Април 2017   

Wiener_1
Правно неиздржано е да се формира влада без определен мандат. Таквата влада би била без легитимност од Претседателот, односно без уставна основа, вели Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во интервју за австрискиот дневен весник „Винер Цајтунг".

Прашан за евентуална можност да се бира Влада во Собранието, без определен мандат од страна на Претседателот, Иванов со став:

„Тоа е само желба. Тоа е правно неиздржано. Таква влада нема да има легитимитет. Ова јасно е наведено во нашиот Устав. Согласно член 90 од Уставот, само Претседателот на државата може да го определи мандатот за состав на Влада. Во таков случај би имало две влади. Актуелната, која е техничка влада, и влада која што е без легитимност од Претседателот, односно без уставна основа. Значи ќе влеземе во уште поголема криза".

Во интервјуто, претседателот Иванов објаснува дека од прогласувањето на независноста на Република Македонија, секогаш прво пласираната партија на изборите го добивала мандатот за составување на Влада.

„По изборите на 11 декември, јас го сторив она што и јас и моите претходници секогаш сме го правеле, на победникот на изборите му се доделува мандатот за состав на Влада", вели македонскиот претседател.

„Но, ВМРО-ДПМНЕ не успеа да коалицира со партиите на македонските Албанци, во предвидениот рок од 20 дена, согласно Уставот. Да бидам попрецизен, коалицијата всушност беше договорена. Но, во последниот час имаше телефонски повик – и коалицијата се распадна", одговара претседателот Иванов.

На прашањето „Кој бил повикувачот", Иванов одговара: „Вие сте новинар. Вие можете да го истражите тоа".

Прашан „Што ќе се случи доколку некогаш се избере Претседател на Собрание, а шефот на СДСМ повторно се договори со партиите на македонските Албанци и посака да состави Влада?", Иванов со став: „Јас на таква коалиција нема да го дадам мандатот, и тоа од политички причини", посочувајќи на Тиранската платформа како политичка пречка.


Тиранската платформа е директно мешање и загрозување на независноста на Република Македонија

Тиранската платформа е директно мешање, но и загрозување на независноста на Република Македонија, а содржинските барања не се само политички опасни, туку се и противуставни, вели претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во интервју за австрискиот дневен весник „Винер Цајтунг".

„Која европска држава би прифатила платформа на туѓа држава, да биде основа за создавање на влада кај неа. Ако се загрозува независноста на државата, и ако државата се доведува во подредна состојба и зависност од друга држава, тоа кај нас е казниво дело", вели претседателот Иванов.

Во интервјуто за „Винер Цајтунг", претседателот Иванов посочува на македонскиот модел на интеграција без асимимилација.

„Ние сме мултиетничка демократија, во која никој не е дискриминиран поради неговата припадност кон некој народ и никој не е исклучен. Во Владата има етнички Албанци како Министри за одбрана и како Министри за европски прашања. Ние сме држава на граѓаните на Македонија.

Но, етничките Македонци се народ за себе, бидејќи овде си го оствариле правото на сопствена држава. Турците своето право на своја држава го оствариле во Турција, Србите во Србија", вели македонскиот претседател.

„Ова важи и за Албанците. Тие го оствариле своето право на сопствена држава во нашата соседна држава, Албанија. Сега дури и во Косово. Ако македонските Албанци сакаат да бидат конститутивен народ во Македонија, тогаш сакаат правото на сопствена држава да го реализираат и овде, без да ги земат во предвид државните граници на Македонија. Ова го предвидува платформата од Тирана. Тогаш по Албанија и Косово, Македонија би била третата албанска држава. А дали е можна и федеративна Грција, бидејќи и таму живеат приличен број на Албанци?", вели претседателот Иванов во интервју за „Винер Цајтунг".


Заев води перфидна игра

Заев не дозреал за улогата што му ја дале. Се преценил и самиот тој, а го прецениле и тие што му дале да игра таква улога. Во политиката треба да има дијалог и компромис, а тој не сака да разговара, вели претседателот Ѓорге Иванов, во интервју за австрискиот дневен весник „Венр цајтунг".

„Која и да е коалиција создадена под уцена е нестабилна. Уставот се менува со двотретинско мнозинство. Но Заев ќе настојува да се донесат тие закони во Парламентот, за јас да ставам вето јас на нив, а Уставниот суд да покрене иницијатива и да ги поништи тие закони. Тоа ќе го прави Заев за да после ме обвини мене дека сум антиалбанец. Сфаќате колку е перфидна играта", вели претседателот Иванов.

„Заев сака само да дојде на власт. Но, тој ги изгуби изборите во декември. Јас сметам, дека тој не знае во каква игра се вмешал. Тој беше заслепен од желбата да дојде на власт. Сега се наоѓа во деликатна ситуација. Доколку не успее да дојде на власт, би можел да заврши в затвор", вели претседателот Иванов.

„Јас не се заканувам. Македонските институции во даден момент ќе постапат против него, ќе ги истражуваат сите околности. На пример, интересно ќе биде прашањето кој му ги доставил прислушкуваните разговори", вели претседателот Иванов за „Винер Цајтунг".

Според македонскиот претседател, нови парламентарни избори се една од опциите за излез од кризата.

„На крајот ќе има избори, кога тогаш. Тоа секогаш е така во демократијата. Кога има блокада, секогаш се завршува со избори. Но, сега, на тие што го создадоа Заев, не им одговараат избори, бидејќи вложија многу пари, многу авторитет во него, и треба да го сочуваат образот. Тие се свесни дека ова е промашена инвестиција. Бидејќи со платформата што ја прифати Заев секој ден довербата му опаѓа", вели македонскиот претседател во интервјуто за „Винер Цајтунг".


Тиранската платформа со еден удар го уништи договорот од Пржино

Тиранската платформа доведе до институционална криза, блокада за Влада, неизбор на претседател на Собрание, вели македонскиот претседател Ѓорге Иванов во интервју за виенскиот дневен весник „Винер цајтунг".

Во интервјуто претседателот Иванов изразува разочараност од ЕУ, поради отсуството на осуда за тиранската платформа, со која според претседателот Иванов, се уништил договорот од Пржино.

„ЕУ е импотентна и без моќ. Тие го водеа целиот процес и го донесоа Пржинскиот договор од 2015 година со кој требаше да излеземе од кризата. Но, Тиранската платформа доведе до институционална криза, блокада за Влада, неизбор на претседател на Собрание. Европската унија и Америка беа вклучени со цел да се реши политичката криза. Но тие не ги осудуваат оние што им го попречија решавањето на политичката криза и што создадоа институционална криза. А тоа се Еди Рама и албанските политичари, кои им го срушиja целиот труд овие две години. Тиранската платформа со еден удар го уништи договорот. Сега сме во институционална криза, што нема врска со Пржинскиот договор", вели претседателот Иванов за „Винер цајтунг".

Во интервјуто претседателот Иванов јасно посочува дека Македонија нема поинаква стратешка цел од членството во ЕУ и НАТО.

Во однос на прашањето дали САД треба да заземе водечка улога на Балканот?, Иванов вели:

„Америка веќе не е онаа Америка што некогаш беше. Мислам дека времињата на Пакс Американа изминаа. Овде имавме Пакс Романа, па Пакс Отомана, па Пакс Американа. Оттогаш чекаме на Пакс Еуропа. Но, досега без успех".

Прашан „Како ја гледате новата администрација на САД под новиот Претседател Доналд Трамп", Иванов вели: На Трамп треба да му дадеме време.

Прашан за коментарите од руското МНР за случувањата во Македонија, Иванов со став: „Русија никогаш не се мешала во Македонија. Само го искажала своето мислење. Тоа е легитимно."

Во однос на претстојното австриско претседателство со ОБСЕ и можното засилено влијание на Австрија во регионот, претседателот Иванов вели:

„Австрија е голем пријател на Македонија, но ОБСЕ е немоќна. Таа остана во 20 век. Ние веќе долго време сме во 21 век."


Сакаме интеграција, а не гетоизација на Албанците во Македонија

Сакаме интеграција, а не гетоизација на Албанците во Македонија, вели претседателот Ѓорге Иванов во интервју за австрискиот дневен весник „Винер цајтунг".

„Ние сакаме интеграција, не гетоизација. Доволно е тажно што некои млади Албанци не зборуваат македонски и повеќе се ориентираат кон Приштина и Тирана, отколку кон Скопје", вели претседателот Иванов.