
Се додека не бидат отстранети правната и политичката пречка не можам да го доделам мандатот за составување на Владата, вели македонскиот претседател Ѓорге Иванов во интервју за унгарската државна телевизија МТВА.
Според претседателот Иванов, постојат правен и политички проблем за определување мандат за состав на влада. Политичкиот проблем, односно тиранската платформа, според Претседателот, е посуштествениот.
„Мнозинството беше обезбедено со уцена - да биде прифатена платформа на партии на Албанците од Македонија која е донесена во Тирана, во кабинетот на премиерот на Албанија. Тоа согласно нашиот Устав и согласно нашите закони е доведување на Македонија во подредена состојба и зависност на друга држава. Тоа е и казниво дело, но и се коси со заклетвата која сум ја дал кога сум ја презел функцијата Претседател, бидејќи јас не само што совесно и чесно треба да ја вршам функцијата Претседател, да го штитам Уставот и законите, јас сум одговорен за сувереноста, територијалниот интегритет и независноста на Македонија", вели претседателот Иванов за унгарската МТВА.
„Ако дадам мандат на некого што прифатил платформа на туѓа држава, јас ја доведувам во прашање независноста на државата и таа одлука може да биде оспорена. Затоа превентивно кажав, кога ќе се отстранат правната пречка и политичката пречка нема ништо спорно да се додели мандатот. Но додека не бидат отстранети правната и политичката пречка не можам јас да го доделам мандатот", вели претседателот Иванов во интервјуто за унгарската државна телевизија.
Македонскиот претседател објаснува дека неговата одлука е превентивна, со цел да не се создадат уште поголеми проблеми.
„Ако не го почитувам Уставот секој може да отвори прашање за мојата одговорност како Претседател, бидејќи не сум го испочитувал Уставот. Затоа, одредени политичари користејќи ја ваквата состојба во регионот, создаваат претстави дека некој има нешто лично против нив. Не. Мора да се почитува Уставот и процедурата која веќе постои, бидејќи ако таа не се почитува, одлуките и Владата која би била составена без почитување на уставните основи, ќе биде нестабилна влада и ќе биде оспорена", вели претседателот Иванов за унгарската државна телевизија МТВА.
 Сорос стои позади палењето на Народната канцеларија
Видовме дека средства од американските државјани, од даночните обврзници на САД, се префрлани во фондацијата која го носи името на Сорос, и се користеле дури и за насилни акции. Една од нив беше и палењето на Народната канцеларија. И без грижа на совест тие тврдат дека тоа било протест, односно начин на делување на таквите организации, изјави претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во интервјуто за унгарската национална телевизија, одговарајќи на прашањето која е улогата на Сорос во Македонија.
Иванов додаде дека случаи поврзани со Сорос сега се отвораат и во американските институции. - Ќе ги видиме резултатите какви ќе бидат, и од истрагите и од постапките и од отворањето на таа тема, вели претседателот во телевизиското интервју за унгарската телевизија.
- Во моментов, случајот Македонија се разгледува во Соединетите Американски Држави, од тамошните тинк-тенкови, невладини организации, па дури и од членови на Конгресот. Веројатно, со тоа се отвора прашањето во поширок контекст, не само за Македонија. Сличен бил моделот на работа и соработка и во други земји за кои сега има реакции, вели претседателот во интервјуото.
Запрашан како го коментира фактот што одредени невладини организации директно се обидуваат да се мешаат во политиката, Иванов вели дека Република Македонија е жртва на октроирано цивилно општество кое го октроираат странски цивилни фондации и кои ги креираат активностите на невладините актери, не според интересите и потребите на граѓаните.
- Има многу невладини организации кои навистина ги отвораат прашањата, проблемите и предизвиците со кое се соочува населението. И од нив имаат корист и населението и Владата и сите, затоа што се совест на општеството, и укажуваат што и како треба да се прави. Но, имаме и невладини организации кои едноставно се во функција на манипулација, притисок и отворање на прашања кои не се од интерес на нашите граѓани.
Затоа, вели Иванов, таа област која е премногу либерална, на некој начин треба да се регулира. - Да се знае кој дава пари, од каде доаѓаат тие пари, која е целта на тие големи милионски суми кои влегуваат без никој да ги контролира и едноставно да создаваат проблеми кои што не можат толку брзо да се совладаат, вели македонскиот претседател во интервјуто за унгарската телевизија. Иванов додаде дека најголем проблем на Македонија е што странските фондации го етнизираа цивилното општество и го поделија населението по етничка основа.
 Унгарија е вистински пријател на Македонија
Унгарија е вистински пријател на Македонија. Имаме извонредни политички односи и меѓу двете земји нема отворени прашања, оцени македонскиот претседател Ѓорге Иванов.
„Кога беше Унгарија претседавач со Европската унија таа создаде еден поширок круг на пријатели, поддржувачи на Македонија. И тоа ние никој пат нема да го заборавиме, затоа што тогаш имавме кој да го каже нашиот глас во Брисел. Ние сме долго време кандидат, од 2005-та сме кандидат за членка на Европската унија, а од 2009-та, веќе имаме добиено осум препораки и позитивни извештаи, но поради блокадата од нашиот јужен сосед, Македонија стои во место. Македонија, после Словенија, е прва од Балканот, што потпиша Договор за стабилизација и асоцијација уште во 2001-та година, а веќе сите други членки кои беа многу зад Македонија отидоа напред, Хрватска стана членка на Европската унија, Црна Гора веќе води преговори, Србија води преговори, а ние уште не сме добиле датум за почеток на преговори. Затоа, важна е билатералната соработка со членките од Европската унија, особено вишеградската група и Унгарија, кои се пријатели и помагаат на Македонија во нашите евро-атлантски аспирации", вели претседателот Иванов во интервјуто за унгарската државна телевизија.
„Ние сме навистина благодарни на Унгарија, не само затоа што ни прати нејзини полицајци да бидат на нашата граница со територија на Европска унија, туку Унгарија не поддржа за време на кризата со техничка опрема, со уреди, за да ја заштитиме нашата граница. И ние сме навистина благодарни за таа поддршка што ја имаме од Унгарија, особено од премиерот Орбан кој тогаш се покажа како вистински пријател и гледаше многу подолгорочно од другите земји. Искуствата што ги имаше Унгарија со поставување на жица и спречување на коридорот ги користевме и ние. Да ставиме и ние жица на нашата граница за да можеме прво да го регулираме балканскиот коридор, за подоцна и да се затвори балканскиот коридор, балканската рута на мигранти", рече претседателот Иванов.
 Поради забавување на европеизацијата на нашиот простор, повторно се јавија големонационалистички проекти
Поради забавување на европеизацијата во нашиот регион, повторно се јавија големо националистички проекти, оценува македонскиот претседател Ѓорге Иванов.
„Во минатото имавме многу проблеми токму поради тие идеи. Во недостаток на европска идеја, бидејќи европската идеја е единствена сила што ги трансформира нашите општества и тоа доброволно за да ги воведеме европските стандарди, критериуми и принципи, во недостаток на таа трансформирачка моќ луѓето повторно влегуваат во гета, и сакаат да бидат само со своите, а не со другите. Тоа го гледаме преку изјавите што ги има во последно време од одредени политичари од Балканот, кои повторно ги будат етничките нетрпеливости, стереотипи", изјави претседателот Иванов.
Македонскиот претседател смета дека во таква ситуација, наместо земјата да се занимава со реформи, наметната е платформата на албанските партии.
„Европската унија ја испушти шансата да ги осуди таквите гестови и таквите политики кои сега земаат замав и се шират. Исто така не очекувавме ниту од НАТО да премолчи, што нејзина членка презентира такви проекти и доаѓаат такви изјави од политичари на тие земји. НАТО мораше да реагира и да го спречи, бидејќи еве сега тоа станува како домино. Почнува да се шири во другите земји, се враќа реториката која што е несоодветна за денешно време, се враќаат повторно големонационалистички идеи и проекти и тука состојбата е вознемирувачка. Затоа, населението реагира. Особено кај нас, нашето население јавно тоа го искажува преку мирни и достоинствени протести дека не е веќе време да се отвораат тие рани кои што мислевме дека сме ги затвориле со завршување на конфликтите на Балканот, со Дејтонскиот договор, со Охридскиот договор. Чувствителна е сета оваа атмосфера која што во последниве денови е во целиот регион. А тоа го користат и други актери кои се надвор од Европската унија и НАТО, кои што сакаат да имаат и свое влијание на овој простор", вели претседателот Иванов во интервјуто за унгарската државна телевизија.
|