Кој е можниот излез, решение за моменталната политичка ситуација во Македонија?
Република Македонија веќе две ипол години се наоѓа во длабока политичка криза. Предвремените парламентарни избори, што се одржаа на 11 декември 2016 година, требаше да бидат почетокот за излез од политичката криза.
Согласно Уставот и воспоставената практика, мандатот за состав на влада го доверив на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, која освои најголем број пратеници. По истекот на предвидениот рок од 20 дена, не беше формирано парламентарно мнозинство, а со тоа беше исцрпен членот 90 од Уставот на Република Македонија.
Во ваквата ситуација, имајќи ја предвид практиката воспоставена во 1992 година од поранешниот претседател Киро Глигоров, ги повикав лидерите на сите парламентарни партии на консултации. На консултациите им укажав дека мандат за состав на нова Влада ќе добие партијата или коалицијата која ќе ме извести и докаже дека обезбедила мнозинство во Собранието на Република Македонија во рок од 10 дена утврдени во Уставот.
За жал, на барање на партиите на етничките Албанци во Македонија, како предмет на разговории договори меѓу парламентарните партии за обезбедување мнозинство, се наметна еднаплатформа. Платформата била договорена во Тирана, Албанија, со посредство на албанскиот премиер Еди Рама. Со оваа платформа, Република Македонија се доведува во состојба на потчинетост и се загрозува нејзиниот суверенитет и независност. Се работи за пост-изборна платформа, за која граѓаните немаа можност да се изјаснат на предвремените парламентарни избори, и која ги доведува во прашање темелните државни интереси на Република Македонија и нејзините граѓани.
Лидерот на втората партија според бројот на освоени мандати СДСМ наместо во рок од 10 дена, ме извести по 27 дена дека има обезбедено мнозинство во Собранието со поддршка на ситепартии на етничките Албанци. Од него побарав јавно и јасно да ја отфрли и осуди оваа платформа. Го потсетив декамакедонските граѓани на изборите гласаа за реформи, а не за пост-изборна платформа на туѓа држава.
Таквата јавна осуда, за жал, изостана. Оттаму, како Претседател на Република Македонија, порачав дека нема да определам мандат за секој оној кој преговара за платформи на други држави со кои се уценува македонскиот народ, се загрозува унитарноста на државата, нејзиниот суверенитет и независноста.
Партиите треба да го бараат решението преку одговорно однесување, а во согласност соУставот на Република Македонија. Ниту едно решение не смее да го поткопа унитарниот карактер на државата и мора да биде во насока на заштита на државните интереси на Република Македонија. Се разбира, можно решение за надминување на ситуацијата се и нови предвремени парламентарни избори на кои граѓаните ќе се изјаснат и за темите кои се наметнаа во постизборниот период.
Како ги оценувате заканите од албанските настојувања?
Дел од барањата на партиите од албанскиот политички блок, се во судир со Уставот на Република Македонија и не соодветствуваат со реалната состојба во Република Македонија.
Република Македонија на 11 декември спроведе фер и демократски избори, кои беа едногласно поздравени од меѓународната јавност. Но наместо излез од неа, кризата во Република Македонија уште повеќе се продлабочи. Главната причина е токму Платформата од Тирана, која стана услов за формирање на Влада.
Како што и претходно кажав, платформата е постизборен документ усвоен во туѓа држава и под покровителство на премиер на туѓа држава, со која се загрозува сувереноста и независноста на државата. Платформата го нарушува Охридскиот рамковен договор, кој ги регулира односите на етничките заедници во Република Македонија и нивните меѓусебни односи. Платформата е дискриминаторска кон другите етнички заедници, бидејќи приоретизира само една заедница - албанската.
Сакам да посочам дека и дел од барањата содржани во оваа платформа зависат од статистиката и реалноста на терен, а во Република Македонија 14 години не е спроведен пописна населението. Без нов попис, не може да се бараат права што зависат од статистиката.
По објавувањето на Тиранската платформа бевме сведоци на радикална реторика и изјави од високи државни функционери на Албанија и Косово, кои не соодветствуваат со сегашноста и со 21-от век, туку со реториката од некои минати времиња.
Од овие причини, неколку пати повикав меѓународната заедница јавно да ја осуди Платформата од Тирана, бидејќи оваа платформа ја дестабилизира политичката состојба и ги зголемува меѓуетничките тензии во земјата. Упатив и писмо до сите членки на Европскиот совет, до Генералниот ескретар на НАТО, како и до нашите стратешки партнери - САД и Турција, со барање да ја осудат платформата и да испратат порака за неповредливост на границите на Балканот. Посочив дека ваквото мешање во внатрешните работи на Република Македонија е поттик за реализирање на големо националистички идеи и претставува негативен пример и преседан, не само на Балканот, туку и пошироко.
Како Претседател не можам и нема да дозволам тргување со Уставот и државните интереси на Македонија и поигрување со чувствата на македонските граѓани.
Во оваа прилика сакам да изразам јавна благодарност до унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, кој меѓу првите покрена иницијатива со барање до Советот на ЕУ да ја отфрли Платформата од Тирана и да се осуди мешањето на странски премиер во внатрешните работи на Македонија.
Република Македонија отсекогаш вложувала во унапредување на добрососедските односи. Албанија и Косово се наши пријатели и затоа е се потребни конкретни и заемни чекори во унапредување на меѓусебната доверба.
Како мултиетничка демократија со препознатлив модел на интеграција без асимилација,Република Македонија отсекогаш била и ќе биде пример во Европа за висок степен на соживот и за почитување на сите етнички заедници, со сите свои јазични, верски и културни различности. Во Република Македонија и претходно имало обиди за предизвикување на меѓуетнички тензии, но граѓаните знаат да препознаат што е манипулација, а што е нивен интерес.
Со оглед на мултиетничката структура на државите од Балканскиот регион и случувањата од блиското минато, неопходно е политичките лидери да внимаваат на реториката. Сите на Балканот треба да знаеме дека решенијата и надминувањето на разликите за одредени прашања може да се бараат само преку дијалог и разговори а не со уцени и закани. На нашиот регион му е потребен мир, соживот, градење доверба и интеграција во НАТО и во ЕУ. Само на тој начин ќе придонесеме за благосостојба за сите наши граѓани.
Македонија и Унгарија прават слични напори во сузбивање на политичките активности на невладини организации на СОРОС. Кои чекори ги презема Македонија, како можеме да соработуваме на тој план?
Не смее да има едноумие во граѓанскиот сектор и не смее да се дозволи злоупотреба на невладините организации.
Како професор на Правниот факултет посветив многу години од мојот живот на цивилното општество, со лични иницијативи за основање фондации, институти, невладини организации, се со цел да се помогне општеството да созрее. За жал, со чесни исклучоци, денес во овој сектор доминираат партиските интереси, а граѓанските интереси се на дното на приоритетите на овие организации. Нема ниту минимум јавна пристојност. Сведоци сме не само на политизираност, туку и на етнизираност на невладините организации, благодарејќи на практиката која ја воспоставија некои странски фондации за финансирање на невладиниот сектор по етничка основа.
Јас го осудувам секој обид да се политизира и партизира невладиниот сектор. Недозволиво е невладините организации, финансирани со странски фондови, да одработуваат агенда за политички цели и да иницираат активности кои подразбираат директно странско влијание врз внатрешните политики на една суверена држава.
Цивилното општество треба да демонстрира напредок и да поттикнува позитивни промени во државата. Наместо тоа, ние се соочуваме со организации кои со разно разни акции без никаква доза на самокритичност делуваат деструктивно по однос на државните интереси и интересите на граѓаните.
Затоа е неопходна поголема контрола на работата и транспарентност во финансирањето на невладиниот сектор. За да се отфрлат секакви сомнежи и да се направи дистинкција, кој делува во интерес на граѓаните, а кој се крие зад плаштот на граѓанските интереси.

Македонија игра клучна улога во запирањето на илегалната масовна миграција. Дали е ова една од причините поради кои стабилноста на Македонија е загрозена?
Сите држави кои се дел од балканската рута, вклучувајќи ја и Република Македонија, како и сите држави кои се дел од Европската унија и претставуваат крајна дестинација, се соочуваат со зголемени безбедносни ризици, закани од илегална миграција и терористички закани.
Надлежните институции во Република Македонија и субјектите на кризниот менаџмент секојдневно ги следат состојбите поврзани со мигрантската криза, настаните околу договорот меѓу ЕУ и Турција, како и состојбите во соседните држави. Секојдневно се обезбедуваат информации со цел превенирање на евентуален втор миграциски бран.
Мигрантската криза ги мултиплицира безбедносните ризици и ги загрозува добрососедските односи. Не смее да се дозволи слободно движење на мигрантите и контакт со домашно население во подрачја каде има присуство на верски радикализам и повратници од конфликтните подрачја.
Намерата на мигрантите да дојдат во територии во Европа каде има најголем процент на верска радикализација и странски терористички борци и слободно да се движат низ Шенген територии е оценета со висок ризик.
Одамна предупредувам дека мигрантската и бегалската криза во Европа, како и состојбите на Блискиот Иисток и Северна Африка се прашања и предизвици со кои ќе се преокупураме не само ние, туку и идните генерации во следните години и децении.
Уште пред почетокот на кризата, на сите меѓународни настани и средби потенцирам дека е неопходно безбедносните служби да почнат да разменуваат податоци. Од суштинско значење е зацврстувањето на институциите на системот во сите држави од Западен Балкан преку програми за де-радикализација и контра-радикализација. Ова е единствениот начин за навремена превенција и развој на програми и планови за одговор.
Нашата држава ќе продолжи со хуманиот третман на мигрантите и со системот на регистрирање и спречување на илегална миграција. Република Македонија делува во согласност со европските политики и принципи и сака да биде дел од европското семејство.
Република Македонија е првата држава којашто не е членка на Европската унија и НАТО, а која го активираше кризниот менаџмент и прогласи кризна состојба за заканата од илегална миграција. Во услови на длабока внатрешно-политичка криза, со мигрантската и бегалска криза се справуваме поуспешно од многу европски држави коишто беа изненадени и не се снајдоа најдобро.
Ние се соочивме со парадокс, Македонија која не е членка на Европската Унија ја чува Европа од Европската Унија. Република Македонија е во Европа, но не е членка на ЕУ. Не сме членка ниту на НАТО, ниту на Шенген зоната, а сепак ја штитиме Европа од членка на ЕУ, која не успеа да ја контролира бегалската криза, туку едноставно ги пренасочуваше бегалците.

Како ја оценувате помошта од ЕУ и од земјите од Вишеградската група во справување со миграцијата?
Многу пати имам кажано и ќе повторам дека Европската унија во однос на мигрантската криза сериозно потфрли. Во однос на помошта, вистината е дека Македонија не доби никаква финансиска помош од Унијата за справување со кризата, додека незначителната опрема која ја добивме во голем дел не беше соодветна и адекватна за реалните потреби.Државните институции не добија ништо. Единствено како донации се алоцираа средства кај меѓународните организации и невладините организации за хуманитарниот аспект на кризата. Во тие пари државата нема увид. Само за ангажирањето на војската и полицијата ние месечно трошиме над 1.5 милиони евра. Досега, Република Македонија има потрошено околу 30 милиони евра буџетски средства. Пренасочувањето на 10-те милиони евра од ИПА фондовите за 2016, 2017 и 2018 година (неопходни за европските реформир на Македонија) за справување со мигрантската криза зборува за лицемерието на Брисел. Тоа е само залажување на јавноста дека Унијата ни излегла во пресрет.
Државите од Вишеградската група – Унгарија, Чешка, Словачка и Полска, покажаа многу поголем слух и подготвеност за соработка со Македонија. Прво, преку испраќање припадници на полицијата, кои и помагаат на македонската полиција на границите. Второ, нашите безбедносни органи имаа одлична соработка во дневното менаџирање на кризата и во размената на податоци кои се од суштинско значење за превенирање и справување со безбедносните ризици од кризата. Трето, добивме билатерални донации од дел државите од В4. Јас бев поканет и на вонредниот самит на земјите од Вишеградската група во Прага, каде Република Македонија рамноправно беше консултирана и учествуваше во изнаоѓањето на заедничко решение за кризата.
Унгарија имаше конструктивна улога во оваа криза и даде позитивен пример за успешно регионално партнерство и соработка, за што сакам да ја искажам својата благодарност.
|