Колумна на претседателот Иванов за британскиот весник „The Daily Telegraph“
Понеделник, 07 Март 2016   

fotka_telegraph_UKМигрантската и бегалска криза постојано се продлабочува и достигнува критично ниво. Ако во минатото на бегалците и мигрантите им требаа меѓу 6 и 8 месеци за од земјите на потекло да стигнат до земјите на дестинации, во изминатите неколку месеци тоа можеа да го направат за само неколку дена. Истовремено, обединета Европа денес има повеќе ѕидови отколку што поделена Европа имаше за време на Студената војна. Додека Грција се соочува со опасност од хуманитарна криза, на границите на Балканот се распоредени армиите кои се во состојба на готовност.

Секојдневно се соочуваме со обиди за нелегално влегување во Македонија, оштетување на државниот и приватен имот, употреба на фалсификувани пасоши и насилни акти против безбедносните сили на граничната линија од страна на мигрантите. Нивната намера е да се избегне процесот на регистрација и безбедносните проверки на лицата кои заслужуваат право на азил. Парадоксот е што сето тоа се случува од територија на држава која е дел од Шенген-зоната. Доведени сме во ситуација Македонија да ја брани Европа од Европската унија.

Верувам дека има две причини за продлабочување на кризата.

Прво, во изминативе неколку децении дел од носителите на одлуки во Брисел ги пропуштиле часовите по историја и географија. Со векови, Балканот е клучниот европски коридор што ја поврзува Европа со Блискиот Исток и Северна Африка. Но овој коридор е функционален само кога е дел од отворен простор. Европските лидери во последните децении дозволија клучниот европски коридор денес да биде надвор од ЕУ. Требаше да минат еден милион мигранти и бегалци за да ја потсетат Унијата дека од сите европски мигрантски коридори најбрз, најбезбеден и најевтин е токму балканскиот коридор.

Втората причина за продлабочувањето на кризата е генерализацијата. Како што на почетокот се заплеткавме во хуманитарна генерализација, така, после терористичките напади во Париз постои сериозна опасност да се сопнеме на безбедносна генерализација на мигрантската криза. За да понудиме холистичко, се-европско решение, неопходно е да ги согледаме различните аспекти на мигрантската криза.

Прв е правниот и хуманитарен аспект. Меѓународното хуманитарно право има за цел да утврди кој се има право на азил, на заштита и хуман третман. Состојбата е усложнета бидејќи вратата што ја отворија бегалците од воените жаришта на Блискиот Исток започнаа да го користат и економските мигранти од Африка и Азија.

Вториот аспект на кризата е политичкиот. ЕУ одлично функционира во време на мир и просперитет, но не и во услови на криза. Со секој ден се повеќе се доведува во прашање довербата во европскиот систем. Цената на процесот на де-суверенизација е превисока. Се покажа дека кризата не може да се реши само со политички декларации и бирократски процедури, туку мора да се менаџира со помош и поддршка и од страна на безбедносните служби и воени структури.

Третиот аспект на кризата е економскиот. 90% од мигрантите кои дојдоа во Европа минатата година користеле нелегални услуги на посредници за да дојдат до посакуваната цел. Во 2015 година организираните криминални мрежи од трговијата со мигранти заработиле меѓу 3 и 6 милијарди евра. Во меѓувреме, Европскиот центар за криумчарење на мигранти започна со работа на 22 февруари 2016 година. Тоа зборува дека ЕУ е затекната.

Четвртиот аспект е социјалниот. Мигрантската и бегалска криза го става на проверка европскиот модел на интеграција. Дали наместо обединета во различноста, Европа сега ќе се обединува против различноста? Дали наместо интеграција без асимилација, Европа сега претпочита интеграција со асимилација? Арапски филозоф Авероес рекол дека „незнаењето води до страв, стравот води до омраза, а омразата до насилство." Денес низ Европа има насилни инциденти зад кои стојат поединци и групи кои се плашат од различноста бидејќи не ја запознале.

Петтиот аспект е безбедносниот. Според Европол на територијата на ЕУ денес има меѓу 3000 и 5000 радикали, екстремисти и терористи. Само на Балканот има околу 1000. Тие ја искористија недовербата и отсуството на соработка меѓу безбедносните служби и ја злоупотребија преокупираноста на државите со мигрантите за да дојдат до своите дестинации. Неопходна е тесна соработка меѓу безбедносните служби но и спроведување на програми за де-радикализација и контра-радикализација. Помина времето кога безбедноста на Европа можеше да се чува на надворешните граници на Европа, на Блискиот Исток и во Северна Африка. Сега, безбедноста на Европа се чува во самата Европа.

Република Македонија се залага за заедничко европско решение за мигрантската криза. Подготвени сме за сите можни сценарија, и ќе постапуваме онака како што постапуваат и другите држави долж бегалската рута, но и државите – крајни дестинации. Како транзитна земја, Македонија ова го прави за доброто на ЕУ. За жал, додека се обидуваме да ги спроведеме заклучоците на Европската унија се соочуваме со нефер критики.

Се вели дека еден синџир е онолку цврст колку што е цврста најслабата алка. ЕУ и Шенген зоната се онолку цврсти колку што е цврста Грција. Европа како континент е безбедносно онолку цврста колку што е цврста Македонија. Затоа, треба да и се помогне и на Грција и на Македонија.

Време е да почнат да се читаат други книги и автори кои во услови на криза дале многу практични совети и решенија. Од однесувањето на нашата генерација зависи дали ни претстои епоха на метаморфоза или на псеудо-морфоза на Европскиот континент.

http://www.telegraph.co.uk/news/worldnews/europe/macedonia/12185464/Macedonia-is-defending-Europe-from-itself.html#disqus_thread