| Писмо до претседателот на ЕК Баросо: изоставувањето на придавката „македонски“ е навреда | |
|
|
Претседателот Ѓорге Иванов денеска испрати писмо до претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо во кое изразува незадоволство од изоставувањето и неупотребата на придавката „македонски“ во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија во 2011.
Почитуван господине Баросо,
Срдечно поздравувајќи Ве, Ви упатувам искрена благодарност за Вашата лична и посветеноста на Европската комисија на евроинтеграцискиот процес на Република Македонија и на процесот на проширување на Европската унија, како најзначаен проект на нашиот континент.
Искрено жалам што по втор пат на овој начин Ви се обраќам за еден проблем, за кој чувствувам должност и обврска кон македонските граѓани како Претседател на Република Македонија. Сакам да искажам незадоволство од селективната примена на насоките на Обединетите Нации која се одразува и во извештајот на Европската комисија. Неколку пати имавме разговори на оваа тема и чувствувам обврска да го искажам повторно моето незадоволство од изоставувањето и неупотребата на придавката македонски во извештајот на Европската комисија.
Сигурен сум господине Баросо дека ви е јасно дека оваа практика длабоко ги навредува чувствата на македонските граѓани поради начинот на именување на јазикот и етничката припадност, кои се прашања на почитување на основните човекови права, и прашање на човечкото достоинство. Уште еднаш истакнувам дека ваквата практика не помага во напорите кои ги презема Република Македонија за изнаоѓање на заемно прифатливо решение за наметнатиот спор со кој ќе се деблокираат евроатланските интеграции на мојата земја. Со ваквата практика, Европската комисија може дополнително да ја комплицира и онака сложената природа на наметнатиот спор бидејќи ги засега идентитетските одредници на македонскиот јазик и етничка припадност за кои е апсурдно да се разговара и кои не се вклучени во процесот за решавање на наметнатиот спор воден во рамките на Обединетите нации.
Жалам што повторно сум принуден да го посочам овој проблем и покрај непобитниот факт дека во Европската комисија, Република Македонија и лично јас гледаме искрен пријател.
Сакам да Ве уверам дека мој принципиелен став е дека Извештајот на Европската комисија претставува реална оцена на состојбите во македонското општество и нивото на постигнатиот развој во согласност со критериумите релевантни за европските интеграции. Очекувам дека целокупното општество, сите општествени и политички фактори, максимално ќе се посветат на надминување на сите посочени слабости во извештајот. Ве уверувам дека одблизу ќе го следам процесот на надминување на слабостите согласно препораките и ќе го вложувам својот авторитет во таа насока.
Во состојба на статус-кво, каква што е состојбата во која се наоѓа Република Македонија во однос на интегративните процеси, поради една ирационална и неразбирлива причина за блокада, без разумен аргумент, Република Македонија нема друга опција освен сите расположливи средства и сили да ги вложи во достигнување на сите критериуми, стандарди, вредности на Европската унија.
Во оваа прилика, сакам да Ви упатам благодарност за повторната препорака за одредување на датум за почеток на преговори за членство и се надевам дека европските партнери и лидерите на земјите членки на Европската унија на претстојниот Европски совет ќе покажат визија за Република Македонија да добие датум за почеток на преговори за членство. На тој начин, Европскиот совет ќе ја потврди својата кредибилност и принципиелност и ќе обезбеди фер и еднаков третман кон Република Македонија и нејзините граѓани.
Дозволете ми на крајот, уште еднаш, да упатам благодарност за силната поддршка и да повторам дека воспоставеното пријателство и соработка не обврзуваат да бидеме искрени едни кон други и разумно да се соочуваме со предизвиците, а не да избегнуваме соочување со истите.
|












